1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПанорамаСоединети Американски Држави

Обвинение против Алек Болдвин за убиство од небрежност

Давид Ел
1 февруари 2023

Алек Болдвин и оружарката на снимањето на филмот „Рѓа“ (Rust) треба да одговараат на суд поради убиството на снимателката Халина Хачинс во октомври 2021 година.

https://p.dw.com/p/4MwPc
Алек Болдвин непосредно по смртниот истрел на филмскиот сет на ранч во Санта Фе
Алек Болдвин непосредно по смртниот истрел на филмскиот сет на ранч во Санта ФеФотографија: Jim Weber/Santa Fe New Mexican via AP/picture alliance

Една и пол година откако на снимање на филмот „Рѓа“ беше смртно застрелана снимателката Халина Хачинс, подигнато е обвинение против холивудската ѕвезда Алек Болдвин и против оружарката на филмот Хана Гутиерез-Рид. Обвинителството во американската сојузна држава Њу Мексико ги товари двајцата за убиство од небрежност. Во случај да бидат прогласени за виновни, тие се соочуваат со казна затвор до пет години.

„Крајна непромисленост“

Во случајот на Болдвин, Обвинителството зборува за неколку „крајно непромислени дејствија“ или непромислено откажување од мерките на претпазливост во деновите и минутите пред смртниот истрел. Болдвин, кој покрај главната улога бил и продуцент на филмот, при вежбање на една сцена ракувал со пиштолот што го испукал фаталниот истрел на 21 октомври 2021 година. Хачинс почина малку подоцна, а режисерот Џоел Соуза беше погоден во рамото и повреден.

Смртта на Халина Хачинс предизвика трогнатост - и дебата во Холивуд за употребата на оружје на филмскиот сет
Смртта на Халина Хачинс предизвика трогнатост - и дебата во Холивуд за употребата на оружје на филмскиот сетФотографија: Mostafa Bassim Adly/AA/picture alliance

Истрагата го товари Болдвин дека извадил вистински револвер и пукал во насока на Хачинс, иако во таква ситуација вообичаено се користат макети. Снимката од ситуацијата на пробата го покажува прстот на Болдвин во близина на чкрапалото. ФБИ анализираше дека пиштолот не може да пука без да се повлече чкрапалото. Болдвин е обвинет и дека не учествувал во обуката за ракување со огнено оружје на филмскиот сет. Но, имало и повеќекратни прекршувања на безбедносните правила и протоколи што резултирале со тоа на Болдвин да му биде предадено оружје со вистински куршуми.

- повеќе: По смртоносниот истрел на Болдвин: Многу отворени прашања

Двајцата обвинети се изјаснија за невини

Болдвин и Гутиерез-Рид тврдат дека не се виновни. „Господин Болдвин немал никаква основа да верува дека оружјето е наполнето со вистинска муниција или дека некаде на сетот има таков патрон“, вели адвокатот на Болдвин, Лук Никас. „Тој им верувал на професионалците со кои работел.“

Портпаролката на окружното обвинителство рече дека тие се „целосно фокусирани на правдата за Халина Хачинс“ и дека „доказите и фактите зборуваат сами за себе“.