1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Нови напади на Одеса, пожар во воен комплекс на Крим

ЕМФ | агенции
19 јули 2023

Немирна ноќ во Украина: обновени напади на пристанишниот град Одеса, експлозии во Киев. Во меѓувреме, 2.000 луѓе се евакуирани на Крим поради пожар во воен комплекс.

https://p.dw.com/p/4U6hN
Одеса Украина
Одеса (архивска фотографија)Фотографија: OLEKSANDR GIMANOV/AFP

Русија, според украински извори, во текот на ноќта повторно го нападнала јужниот украински регион Одеса. Имаше „масовен напад“, соопшти локалниот гувернер Олег Кипер на Телеграм. Тој притоа не наведува никакви детали.

Министерството за одбрана во Москва подоцна ги потврди нападите. Ова е втора последователна ноќ на напади врз Одеса откако во понеделникот (17.07) истече договорот за житото. Украинските воздухопловни сили известија дека се уништени 37 од 63 непријателски објекти, вклучително и 23 дронови од типот Шахед од иранско производство и 14 крстосувачки ракети. Цел на нападите биле инфраструктурни и воени објекти.

Според украински извори, пристаништето во градот, кое е важно за извозот на жито, продолжило да работи дури и за време на нападите. Русија се обидува да го „преплаши целиот свет, особено оние кои сакаат да работат за коридорот за жито... Украина, Турција и Обединетите Нации“, оцени на Телеграм, Серхиј Брачук, портпарол на воената администрација на Одеса. „Но, мислам дека сите нормални, разумни луѓе ќе нѐ погледнат и ќе речат: Одеса не се плашеше, не се плаши и нема да се плаши - ќе работиме.“

Во текот на ноќта воздушни тревоги имаше и во неколку други области на Украина. Градоначалникот на главниот град Киев, Виталиј Кличко, на Телеграм напиша: „Во Киев се слушаат експлозии. Противвоздушната одбрана е активна“.

Пожар во воен комплекс на Крим

По пожар на воена локација на полуостровот Крим, 2.000 луѓе мора да бидат евакуирани од околината. Погодени се жителите на четири града, соопшти локалниот гувернер Сергеј Аксјонов. Поради пожарот затворен е автопатот Таврида. Украинската новинска агенција Укринформ јави дека имало експлозии во магацин за муниција на таа локација.