1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаНорвешка

Норвешка, Ирска и Шпанија најавија признавање на Палестина

СН/агенции
22 мај 2024

Официјалното признавање на Палестина како самостојна држава од страна на трите европски земји треба да се случи на 28 мај, беше најавено во Осло, Даблин и Мадрид. Израел веднаш реагираше.

https://p.dw.com/p/4g89t
Уште три земји ја признаа Палестина за самостојна држава
Уште три земји ја признаа Палестина за самостојна државаФотографија: Yara Nardi/REUTERS

Ирска, Норвешка и Шпанија најавија дека официјално ќе ја признаат Палестина како посебна држава, што го натера Израел да ги повлече амбасадорите од две од овие три европски земји.

Прво, норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе рече дека Норвешка формално ќе ја признае Палестина како држава на 28 мај.

Тој рече дека војната во Газа јасно стави до знаење дека за да се постигне мир и стабилност мора да се започне со решавање на палестинското прашање.

Норвешкиот премиер смета дека решението од две држави е во „најдобар интерес“ на Израел и дека потегот на Норвешка ќе стапи на сила многу брзо.

„Осло ќе ја признае палестинската држава до 28 мај“, потврди тој.

Сторе верува дека признавањето на палестинската државност ќе ја одржи во живот единствената алтернатива во конфликтот.

Норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе прв го најави признавањето на Палестина
Норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе прв го најави признавањето на ПалестинаФотографија: Erik Flaaris Johansen/NTB/dpa/picture alliance

„Две земји, кои живеат една до друга, во мир и безбедност“, објасни тој и додаде дека со овој потег испраќа „силна“ порака до другите земји да ги следат стапките на Норвешка.

„Важен историски ден“

Ирска и Шпанија набрзо и се придружија на Норвешка со најавата дека ќе ја признаат државата Палестина. „Денес Ирска, Норвешка и Шпанија соопштуваат дека ја признаваат државата Палестина“, рече ирскиот премиер Сајмон Харис, поздравувајќи го „историски важниот ден за Ирска и за Палестина“.

Шпанскиот премиер Педро Санчез изјави дека Шпанија ќе ја признае палестинската држава на 28 мај.

„Наредниот вторник, 28 мај, Шпанија ќе го усвои признавањето на палестинската држава во Советот на министри“, рече Санчез пред шпанските парламентарци.

Тој го обвини израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека го загрозува решението за двете држави во Појасот Газа со неговата политика на „болка и уништување“.

Реакцијата на Израел

Израел реагираше веднаш и ги отповика своите амбасадори од Ирска и Норвешка како одговор на нивните одлуки да ја признаат палестинската држава.

Израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац го осуди потегот велејќи дека тоа ќе биде „наградување на џихадистите на Хамас и на Иран“.

„Ирска и Норвешка имаат намера денеска да испратат порака до Палестинците и целиот свет: тероризмот се иплатува“, рече Кац, додавајќи дека потегот може да ги попречи напорите за обезбедување прекин на огнот и враќање на заложниците кои Хамас ги држи во Газа.

Кац, исто така, се закани дека ќе го отповика и амбасадорот во Шпанија доколку таа исто така донесе одлука да ја признае палестинската државност.