1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мојсоска: Владата да направи пример за квалитетна програма

17 август 2024

Важно е Владата да постави оптимални критериуми кои ќе значат дека средствата ќе отидат кај компании кои ќе ги оплодат, вели д-р Никица Мојсоска Блажевски за поддршката на домашните компании од унгарскиот заем.

https://p.dw.com/p/4jZIi
д-р Никица Мојсоска Блажевски
д-р Никица Мојсоска БлажевскиФотографија: Privat

Владата да направи сѐ за да ова биде одличен пример на квалитетна програма, транспарентна, да има силен мониторинг и евалуација на крај, вели проф. д-р Никица Мојсоска Блажевски, главен извршен директор на Македонија2025, за кредитната линија од 250 милиони евра што ќе биде намената за поддршка на домашните компании.

Иако сѐ уште не е познат финалниот концепт, со Мојсоска Блажевски разговоравме за досега достапните податоци околу условите што треба да ги исполнат компаниите.  

ДВ: Една од обврските што компаниите треба да ја исполнат за да добијат средства од заемот под поволни услови - е да имаат поголемо производство за 5% над инфлацијатаНа што би требало да се однесува тој услов - на физичкиот обем на производство или на вредноста на произведеното? 

-Досега од страната на владините претставници се презентирани одредени информации или најава за поволна кредитна линија за финансирање на македонските претпријатија, меѓутоа тие информации се нецелосни, некогаш и контрадикторни, и тешко е да се разбере со сигурност како е замислен концептот детално. Оттука е тешко да се даде правилен коментар или мислење, но ќе се обидам тоа да го направам објективно, врз основа на достапните информации. Најпрво, целосно ја поддржувам идејата на Владата за поддршка на македонските компании со цел зголемување на производство, поголема конкурентност, иновации, и раст на извозот. Основа за забрзан економски раст на една мала и отворена економија како Македонија е токму извозот. Нашите компании мора да бидат попродуктивни и иновативни за да бидат меѓународно конкурентни и да извезуваат повеќе. Еден од начините Владата да им помогне на компаниите за да го постигнат тоа е да обезбеди поволни финансиски средства и кредитни линии за финансирање на инвестициите на компаниите. Иако, конкурентноста и растот на компаниите зависи од многу други фактори, како на пример деловното окружување во земјата (административен товар, даноци, инфраструктура, и тн), глобалната побарувачка, геополитички случувања, и ред други фактори, интерни и екстерни. Со оглед на тоа дека дека оваа поддршка или кредитна линија ќе биде финансирана со задолжување на земјата, треба да се води грижа и за тоа пласираните средства да создадат ефекти кои би биле поголеми од трошокот на задолжувањето. Односно, важно е владата да постави оптимални критериуми кои ќе значат дека средствата ќе отидат кај компании кои ќе ги оплодат, ќе доведат до поголем раст на бруто домашниот производ (БДП) и до поголема вработеност и со тоа економијата ќе создаде средства за враќање на долгот. Владата досега најави неколку критериуми кои сметам дека се доста добри, но би сакала да видам и целосна и детална разработка на системот, процесот и критериумите за доделување на средствата. Во таа насока, легитимно е да се постави критериум според кој порастот на производството на компаниите кои би ја користеле кредитната поддршка би бил над порастот на цените односно инфлацијата. 

ДВ: Во случајов, што треба да го мери порастот на производството? 

-Споредбата или мерењето во тој случај треба да биде вредносно, односно растот на вредноста на производството да биде над инфлацијата. Тоа е всушност критериум кој го зема во предвид реалниот раст на производството, а не номиналниот. Тоа е слично како разликата помеѓу реалниот БДП и номинален БДП. Номиналниот БДП се пресметува (наједноставно кажано) како вкупно производство во економијата (количина, обем) помножена по цените по кои се продаваат производите (во моментот на продажба или во годината за која се мери БДП). Од друга страна, реалниот БДП ја анулира инфлацијата односно растот на цените и се пресметува како производ на количината на производство (овој период, или оваа година) и цената на производите од некој поранашен период. Со тоа, реалниот БДП „реалистично" го мери растот на производството. Од друга страна, количината на производство (или волуменот на производство) е реална мерка за раст на производството, така што не треба критериумот (5% повисок раст од инфлацијата) да е поврзан со количината, туку со вредноста на производството. 

Никица Мојсоски
Приоритет на владата треба да биде намалување на невработеноста, но исто така и пораст на вработеностаФотографија: Privat

ДВ: Беше најавено дека компаниите кои ќе земат кредит ќе треба да обезбедат најмалку пет илјади нови вработувања годишно. Како би се димензионирало која компанија колку работни места ќе треба да креира? Има високо-технолошки компании кои според природата на работата не генерираат многу работни места, а се зачајни за македонската економија

-Иако во Македонија стапката на невработеност значително се намали во изминатата декада, сепак таа е на високо ниво, 12,9% во првиот квартал на 2024 година. Покрај тоа, многу мал процент од работоспособното население (возраст 15-64 години) во Македонија е вработено, односно 57%. Тоа значи дека голем дел од оние што можат да работат (43%) не се вклучени во производство, што е загубен БДП. Затоа приоритет на владата треба да биде намалување на невработеноста, но исто така и пораст на вработеноста. Инаку, тоа не се две страни на една паричка, односно ако се намали невработеноста тоа не значи автоматски пораст на вработеноста.

Како и секоја земја во развој, Македонија се соочува со двоен проблем или предизвик: да се зголеми продуктивноста и да се зголеми вработеноста, што е најчесто но не и секогаш контрадикторно. Зголемување на продуктивноста може да се постигне со воведување на нова опрема, технолошки процеси, подобра организација на производството (операции), подобрување на вештините на работниците и тн. Доколку воведете нова опрема и технологија, ќе ја зголемите продуктивноста и обемот на производство, но тоа најчесто би значело дека ќе ви требаат помалку работници или пак ист број на работници, а за поголем обем на производство. Оттука - целта на владата да се зголеми продуктивноста и конкурентноста на фирмите преку инвестиции во опрема (и релативно евтини финансиски средства) со истовремен пораст на вработеноста - е релативно тешко остварлива, не велам невозможна. Односно, тоа би се постигнало доколку, на пример, воведување на нова опрема во една компанија доведе до раст на производството за 10%, но и раст на бројот на вработени лица за 5%.

Сосема е легитимно владата да постави „големи" цели и критериуми за поддршката со оглед на тоа дека средствата се обезбедени преку меѓународно задолжување и треба во иднина да се вратат, со камата. Многу е важно при утврдување на критериумите да се земат во предвид сите околности, да се зборува со компаниите, да се постават мерливи критериуми за селекција и за оценување на резултатите, но исто така и владата да биде спремна за промени или прилагодување доколку се покаже дека нема интерес за програмата заради строги критериуми и слично.

ДВ:. Дали истите услови под кои владата го зема заемот од Унгарија, 3,25 % камата, три години грејс период и 12 години отплата, може да останат и за компаниите доколку парите се пласираат преку комерцијалните банки, со оглед дека тие ќе имаат трошоци за процесирање на кредитните барања?

-Согласно информациите од Владата, оваа кредитна линија ќе биде пласирана преку Развојната банка на Северна Македонија. Во случај да се пласираат преку комерцијалните банки, секако дека банките ќе наплатат одредени провизии за процесирањето. Но, и во вториот случај, владата може да одлучи да ги покрива тие трошоци и да преговара со банките околу истите. Притоа, важно е да се напомене дека банките располагаат со свои средства односно имаат ликвидност. Така што нивен приоритет е пласирање и оплодување на нивните расположливи средства, тие се водат од профитна логика, за разлика од Развојната банка. Во моментов, просечната каматна стапка за задолжување на компаниите е 4,96%, што е далеку над најавената каматна стапка на финансиската поддршка од Владата.

ДВ: Доколку комерцијалните банки не прифатат бесплатно да ги процесираат кредитните барања, дали Развојната банка е подготвена и има капацитет за тоа?

-Развојната банка во моментов имплементира неколку програми за поддршка на компаниите, така што има капацитет и за имплементација на оваа најавена нова кредитна линија. Иако не ги познавам детално состојбите во Развојната банка, сепак со сигурност можам да кажам дека е неопходно зголемување на капацитетот на Банката, во поглед на управување, процеси и човечки капитал. Развојните банки генерално имаат специфична улога во секоја економија, тие исполнуваат поширока општествена и развојна улога и сметам дека постои потреба од таква банка во Македонија, односно дека не може и не треба да се потпираме на комерцијалните банки за повисоки развојни цели.

Сепак, би рекла дека и за оваа, а и за другите расположива кредитни линии кои се пласираат преку Развојната банка, мора да се постават силни и кредибилни процеси, селекцијата да биде врз основа на однапред утврдени и реалистични критериуми, процесот да биде транспарентен. Мораме да ја вратиме довербата во институциите вклучително и во Развојната банка.    

ДВ: Премиерот најави дека тие 250 милиони евра ќе бидат достапни за бизнис секторот во октомври. Колку е важна временската рамка за што поскоро почнување на овој процес?

-Важно е Владата брзо да реагира, односно да почне да ја имплементира програмата после најавување на истата. Но, исто така, на компаниите им е потребно време да се подготват а за да се подготват важно е и да ги знаат целосно сите услови и критериуми за користење на средствата. Така што би рекла дека најпрво треба да се развијат детални критериуми, и во процес на координација со компаниите (и бизнис асоцијациите), па потоа да се отпочне со реализација. 

ДВ: Со оглед дека средствата со ограничени, дали сметате дека при нивната распределба треба да се даде приоритет на одредени сектори?

-Сметам дека поддршката треба да биде фокусирана на производни претпријатија и да има силна извозна компонента - зголемување на извоз или настап на нови пазари. Во однос на секторите, јас верувам во секторски пристап и индустриска политика со јасни приоритети и цели базирани на наши компаративни предности, но и визија за иднината. Присуството и растот на автомобилската индустрија во Македонија е пример за тоа како со визија и, секако, со одредени предуслови, може да се постигне многу. Во случајов, сметам дека ако критериумите за поддршка вклучуваат извоз (зголемување на извоз) и иновации (нова технологија и опрема), тогаш нема потреба од ограничување на секторите. Тоа ќе биде доволно за да се исфилтрираат апликантите. Од друга страна, преку други програми за поддршка, сметам дека треба посебно да се поддржат секторите кои се идентификувани како најпотенцијални во рамки на Стратегијата за паметна специјализација 2024-2027. Тоа се сектори кои имаат највисок економски, иновативен и истражувачки капацитет за создавање нова додадена вредност, односно Паметно земјоделство и храна со повисока додадена вредност; Информациски и комуникациски технологии (ИКТ); Електро-машинска индустрија-Индустрија 4.0; и Oдржливи материјали и паметни згради.

ДВ: За успешен процес, кој сѐ би требало да биде вклучен во утврдувањето на критериумите за тоа кој ќе може да аплицира за средства од оваа кредитна линија?

-Неопходно е вклучување на бизнис-асоцијациите, односно усогласување на критериумите во соработка со бизнисот. Исто така, верувам дека треба добро да се размисли и концептот на апликации да се дигитализира, дел од оценката и селекцијата да биде автоматизирана согласно со критериумите и тн. Односно, Владата да направи сѐ за да ова биде одличен пример на квалитетна програма, транспарентна и да има силен мониторинг и евалуација на крај. Доколку се утврди дека поддршката е корисна за компаниите и за државата (раст на извоз, на БДП и на вработеност), тогаш очекувам Владата да ја продолжи програмата неколку години.

Со овој текст, Дојче веле на македонски јазик се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема