1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Незадоволството од германската влада достигна нов рекорд

Сабине Кинкарц
7 септември 2024

Само 16 проценти од Германците позитивно ја оценуваат владејачката коалиција на Социјалдемократите, Зелените и Либералите. Според новото истражување на јавното мислење, граѓаните сакаат поинаква политика кон бегалците.

https://p.dw.com/p/4kMDD
Олаф Шолц, Роберт Хабек и Кристијан Линднер
Катастрофален рејтинг на владејачката коалиција на Социјалдемократите, Зелените и Либералите -Олаф Шолц, Роберт Хабек и Кристијан ЛинднерФотографија: Annegret Hilse/REUTERS

По нападот со нож извршен од Сириец во Солинген додека чекал да биде депортиран од Германија, владата во Берлин одлучи да воведе  многу поостра миграциска и безбедносна политика.

Има многу предлози на маса. Опозициските Демохристијани (ЦДУ/ЦСУ) сметаат дека предложените мерки не се доволни. Тие бараат бегалците да бидат враќани од германските граници и го доведуваат во прашање  правото на политички азил.

Постојани гранични контроли

Таа дебата е во склад со  расположението на населението. Истражувањето Дојчландтренд (DeutschlandTrend) кое еднаш месечно го спроведува Првата програма на германската телевизија (АРД) покажува дека 77 проценти од Германците со право на глас потврдно одговараат на прашањето: „Дали ни треба суштински различна политика кон бегалците и давање азил за што помалку луѓе да доаѓаат во земјава?“ Сепак, следбениците на различни партии различно одговориле.

Бегалци во германската покраина Долна Саксонија
Бегалци во германската покраина Долна Саксонија - граѓаните сакаат поинаква миграциска политикаФотографија: Julian Stratenschulte/dpa/picture alliance

Дури 73 отсто од испитаниците се за воведување постојани гранични контроли на германските граници. За дополнително проширување на надлежностите на безбедносните органи, како што е пристапот до приватни електронски комуникации, се залагаат 72 проценти од испитаниците.

За 48 проценти од Германците кои учествувале во истражувањето, најважни политички теми во моментов се  бегалците и имиграцијата.  Тоа е за 22 отсто повеќе во однос на април годинава. На второ место е темата економија (20), социјална нееднаквост (12) и климатски промени (12).

Оние кои гласаат за Зелените се чувствуваат безбедно во Германија

Убиствата во нападот со нож во Солинген не само што предизвикаа дебата за миграцијата, туку и за безбедноста во земјата. Според резултатите од истражувањето, 44 проценти од испитаниците не се чувствуваат безбедно на јавни места. Пред седум години тој број беше половина од сегашниот број.

Меѓутоа, кога резултатите ќе се поделат по партиска припадност, се појавуваат разлики. Луѓето кои гласаат за Социјалдемократите и за Зелените очигледно се чувствуваат многу побезбедно во Германија отколку луѓето кои гласаат за екстремни партии.

Расте поддршката за Демохристијаните

Според преовладувачкото мислење на испитаниците, компетентноста во областа на миграциската политика на трите владејачки партии, Социјалдемократите, Зелените и Либералите е помала од онаа на Демохристијаните. Тие водат и во прашањата за имиграција, но уште позначајно во економските прашања. Во исто време расте незадоволството од владејачката „семафорска коалиција“. Дури 84 отсто од испитаниците изразиле делумно или целосно незадоволство од работата на германската влада. Ова е највисок процент на незадоволства откако оваа коалиција ја презеде власта на крајот на 2021 година.

Демохристијаните само условно профитираат од тоа незадоволство. Повеќето испитаници не веруваат дека демохристијанската влада подобро би ги решила проблемите.

Да има избори сега, Демохристијаните би добиле 33 проценти од гласовите, што е најмногу од март 2021 година. Но, тоа е сè уште далеку под поддршката што ја имаа во претходните децении. Социјалдемократитеостануваат на 15 проценти поддршка како и пред еден месец. Зелените загубија еден процент и имаат 11 отсто поддршка. Либералите паднаа за еден отсто на четири проценти и не би го поминале цензусот.  Сите три владејачки партии,  кои заедно освоија 52 отсто од гласовите на парламентарните избори во 2021 година, сега би добиле вкупно 30 проценти. Алтернатива за Германија (АфД) добила еден отсто повеќе поддршка и сега е на 17 проценти, а новоснованата Алијанса Сара Вагенкнехт (БСВ) изгуби еден процент и поддршката е осум проценти. Левицата би добила само три отсто поддршка.

Кој ќе ги предводи Демохристијаните?

Следните сојузни парламентарни избори ќе се одржат на 28 септември 2025. Пред тоа Демохристијаните мора да разјаснат кој ќе биде кандидат за канцелар. Лидерот на Христијанско-демократската унија Фридрих Мерц би сакал да биде кандидат, но иста желба има и шефот на сестринската Христијанско-социјална унија (ЦСУ), баварскиот премиер Маркус Зедер. Амбиции покажува и демохристијанскиот премиер на Северна Рајна Вестфалија, Хендрик Вист. Кој според Германците е најдобар кандидат?

Фридрих Мерц и Маркус Зедер
Фридрих Мерц и Маркус Зедер - двајца апспиранти за канцеларски кандидатФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Секој четврти испитаник смета дека Фридрих Мерц е добар кандидат за канцелар. И Хендрик Вист и Маркус Зедер имаат многу повеќе застапници, иако за ниту еден од нив не може да се каже дека има мнозинска поддршка. Следбениците на демохристијанските партии во поголем број сметаат дека Зедер е подобар кандидат.

Двете сестрински партии ЦДУ и ЦСУ најавија дека во наредните недели ќе одлучуваат за кандидатот за германски канцелар за изборите во есента 2025 година.

Пречки од истокот

За Мерц  формирањето на покраински влади по изборите во Саксонија и Тирингија  би можело да биде камен на сопнување. Во двете покраини, Демохристијаните имаат намера да формираат влада и имаат потреба од коалициски партнери. Нивните опции се Социјалдемократите (СПД) и Алијансата Сара Вагенкнехт (БСВ).

Во Тирингија тоа не е доволно за мнозинството. А Демохристијаните одамна зазедоа јасен став дека не сакаат соработка ниту со Алтернатива за Германија, ниту со Левица. Што мислат граѓаните за тоа?

Следбениците на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и натаму го претставуваат мнозинското мислење дека не треба да се склучуваат договори со Алтернатива за Германија. Овој став го делат шест од десет испитаници. Истото го мислат и половина од следбениците на Демохристијаните кога станува збор за Левица. Но, кога станува збор за сите испитаници, четири од десет луѓе се залагаат за забрана на соработка со Левица. На истокот од земјата, поголем процент од испитаниците се за забрана на соработката отколку на запад.

Меѓутоа, во редовите на Демохристијаните се зголемува отпорот за соработка со Алијансата Сара Вагенкнехт. Таа партија се создаде со одвојување од Левица. Што велат граѓаните?

Во сегашната анкета во Германија, речиси половина од испитаниците го одобруваат учеството на таа партија во владата. На истокот од земјата така мисли повеќе од секој втор испитаник.

Истражувањето „Дојчландтренд“ го спроведе Институтот за истражување на јавното мислење Инфратест-димап на 3 и 4 септември, а во него учествувале 1.309 испитаници со право на глас.

 

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ