1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Матична евиденција: 540 „фантоми“ ќе добијат документи

ДТЗ /МИА
8 август 2023

Благодарение на законските измени коишто неодамна стапија на сила, стотици граѓани без идентитет, ќе добијат извод од матична книга на родени и документи за идентификација.

https://p.dw.com/p/4Uubg
деца фантоми
Благодарение на законските измени коишто неодамна стапија на сила, стотици граѓани ќе добијат документи Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Varley

Селвет Етемовска е родена пред 24 години, но сè уште е „невидлива“ за институциите. Не е заведена во матичната книга на родени, а тоа повлекува бројни проблеми - нема документи за идентификација, не може да се лекува, ниту да се вработи. Бидејќи нема документи, не може да склучи брак, ниту пак да да го регулира статусот на нејзините деца. 

Наскоро сите овие проблеми би можеле да бидат минато. Благодарение на законските измени коишто неодамна стапија на сила, Етемовска и стотици други граѓани без идентитет, кои со години се водат како „фантоми“ во државата, ќе можат да добијат извод од матична книга на родени и ќе можат да ја продолжат постапката пред МВР, каде ќе може да добие документи за идентификација.

Со постапката која што започна денеска (8.08) се отвора простор, покрај Селвет, извод од матична книга на родени да добие и едното од нејзините деца. „Се дава простор да не се раѓаат повеќе нови лица со незапишан идентитет, туку едноставно ова решение да биде од траен карактер“, вели адвокатката Маја Ристовска Стојановска, која што ја застапува Етемовска.

Решение до крајот на годината

Во Управата за водење на матични книги на околу 112 лица без документи им се врши дополнување на документацијата за добивање на извод од матична книга на родени, а на десетина од нив им се врачени изводите. До крајот на годината, сите 540 ќе бидат запишани во матична книга на родени. Директорот на Управата за водење на матични книги, Емир Сулејмани, најавува дека постапката треба да биде завршена до крајот на 2023 година, со што сите лица без документи - 540 граѓани, ќе бидат запишани во редовна матична книга на родени.

Станува збор за децениски проблем којшто го имаат стотици граѓани, кои не можат да ги остварат своите права за социјална и здравствена заштита пред сѐ. За таа цел, Управата за водење на матични книги пред одредено време формираше работна група, со цел на поедноставен и поефикасен начин да им се излезе во пресрет на луѓето кои не се запишани и немаат извод во матична книга на родени. Со текот на времето се отвори и можност да се изврши изменување и дополнување на Законот за матична евиденција.

лична карта
До крајот на годината сите лица без документи - 540 граѓани, ќе бидат запишани во редовна матична книга на родени и ќе добијат документиФотографија: Fatos Musliu/DW

Олеснети процедури

Со помош на Министерството за правда, невладините организации УНХЦР и ОБСЕ, како и Центарот за социјални работи, беа изготвени законски измени кои го олеснија патот за добивање на документи на оваа категорија граѓани.

„Доколку странката не поседува ниту свидетелство ниту пријава од болница, потребни се три изјави изготвени со правилник, кои официјално се објавени во Службеник весник, и секој граѓанин со изјави од двајца сведоци ќе може да го докаже својот идентитет и ќе биде запишан во редовна матична книга на родени“, објаснува Сулејмани.

Во Северна Македонија има најмалку 700 лица кои немаат државјанство, а со тоа им се ускратени речиси сите нивни права. Иницијативата да се стави крај на бездржавјанството доби на залет откако во јавноста беа обелоденети неколку случаи коишто алармираа дека живеењето без лични документи е ризик кој може да има трагичен крај. За само две години, два случаи ќе останат сведоци за бавноста на институциите, неизлегувањето во пресрет на најранливите и решавањето на горливиот проблем на децата фантоми. Станува збор за Мемет Камбер и Тони Сали - две млади „невидливи“ момчиња за државата, чии животи згаснаа без да ги остварат своите права. 

 

„Непостоечки“ граѓани - фантоми во Македонија