1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема казни ако не се сменат навреме документите

ДТЗ
21 август 2023

Околу еден милион граѓани досега ги смениле своите лични документи. Надлежните сметаат дека до оваа динамика успешно ќе се спроведе менувањето на документите со новото име на државата

https://p.dw.com/p/4VPZt
Оливер Спасовски
Спасовски уверува дека нема казни за граѓаните кои нема да ги заменат документите до февруариФотографија: Regierung Nordmazedoniens

Околу еден милион граѓани досега ги смениле своите лични документи. Останатите имаат рок до февруари да ги заменат старите документи со нови на коишто ќе фигурира новото име на државата - Северна Македонија. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски уверува дека нема да има казни за граѓаните кои нема да успеат навреме да ги заменат документите. А, тоа речиси и ќе биде невозможно ако се има предвид дека термините се пребукирани и веќе се закажува за почетокот на идната година. Најголем е притисокот во главниот град Скопје, додека во останатите градови, термини можат да се добијат во септември.

Погонот за печатење документи работи турбо

Спасовски е уверен дека успешно ќе се заврши промената на сите лични документи. „Во континуитет работи погонот за производство на лични документи, двосменски, работи во сабота и во тој законски предвидениот рок од 15 дена се постигнува да се издадат сите лични документи кои ги имаме, така што активностите и динамиката што ја имаат вработените се приспособени за да се издадат сите лични документи“, изјави Спасовски на прес-конференција.

Тој вели дека нема да има никаков проблем во навремено остварување на правата на граѓаните за вадење нови документи, а посочи и дека нема да се воведат никакви казни. „Во ниту еден случај нема да станува збор за казнување на граѓаните ниту, пак, да трпат во остварување на своите права. Така што во континуитет како ќе се одвива состојбата со промена на документите такви одлуки ќе носиме, меѓутоа едно е важно дека одлуките секогаш ќе бидат во интерес на граѓаните“, додаде тој. 

документи
Нема казни ако не се сменат навреме документитеФотографија: Petr Stojanovski

Зголемен притисок

Фреквенцијата за издавање лични документи со новото уставно име на државата е зголемена во последниот период, особено во главниот град, но се разгледува одредени предлози коишто ќе помогнат во релаксирање на целиот систем.

Фреквенцијата е зголемена не само оваа, туку и минатата година. Некаде до 2019 година најголемата побарувачка за промена на лични документи била во месеците јуни, јули август и таа не поминувала 22-23 илјади.

„Минатата година за истиот период месечно имавме над 50 илјади барања за промена на лични документи и оваа година се движи таа бројка отприлика во таков еден обем“, вели Спасовски.

До февруари 2024 година граѓаните имаат законска обврска да ги сменат сите лични документи согласно Преспанскиот договор.

 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема