1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самит на ЕУ: Што значи бунтот на „Вагнер“ за Европа?

Бернд Ригерт
29 јуни 2023

Лидерите на ЕУ всушност сакаа да зборуваат за апликациите за членство од Украина, Молдавија и од Грузија. И за забрзување на пристапните процеси за Западен Балкан. Но, тенковите на Пригожин предизвикаа немир.

https://p.dw.com/p/4TAXq
Вооружениот бунт на „Вагнер“ и последиците од него ќе биде централна тема на самитот во Брисел
Вооружениот бунт на „Вагнер“ и последиците од него ќе биде централна тема на самитот во БриселФотографија: REUTERS

Краткиот обид за државен удар на платениците од „Вагнер“ во Русија и последиците од него за руските воени операции против Украина ќе бидат важна тема на состанокот на 27-те шефови на држави или на влади на Европската унија  денеска и утре (28 и 29 јуни, 2023) во Брисел. Иако претседавачот со самитот, Шарл Мишел, во писмената покана само накратко се осврна на ситуацијата во Русија, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг е поканет на ручекот на почеток на самитот и ќе поттикне дискусија. Јенс Столтенберг ги предупреди ЕУ и Западот да не ја потценуваат Русија по настаните за време на викендот. Генералниот секретар на НАТО сака да зборува за променетата безбедносна ситуација доколку делови од приватната армија на Евгениј Пригожин сега се населат во Белорусија. Претседателот на Литванија, Гитанас Наузеда, недамнешните случувања ги гледа како растечка закана за неговата земја. Тој повикува на натамошно зајакнување на источното крило на НАТО. Наузеда го посети украинскиот претседател во Киев пред самитот на ЕУ. Литванскиот претседател за две недели е домаќин на самитот на НАТО во неговата земја. 

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ќе биде гостин на вечерата пред самитот на која главна тема ќе бидат последните настани во Русија
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ќе биде гостин на вечерата пред самитот на која главна тема ќе бидат последните настани во РусијаФотографија: Jonathan Ernst/REUTERS

Пристапување на Украина во ЕУ?

На самитот на ЕУ ќе се разговара за изгледите за пристапување на Украина во ЕУ. Украинскиот претседател Володимир Зеленски бара официјалниот процес за пристапување во ЕУ да биде отворен подоцна годинава. Сè уште не е јасно дали ЕУ е подготвена на овој чекор. Во секој случај, Советот на ЕУ треба „да испрати јасен сигнал дека цврсто стои со Украина, дека ја поддржува Украина на нејзиниот пат кон слободата и мирот. И на нејзиниот пат кон ЕУ“, рече германската државна секретарка во Министерството за надворешни работи, Ана Лирман. Таа заедно со своите 26 колеги го подготви лидерскиот самит. Самитот на ЕУ ќе иницира дополнителна финансиска и воена помош за Украина. Повторно ќе бидат потврдени определувањата дека ЕУ ќе помога „се додека тоа е потребно“, најави претседавачот на самитот, претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел. Европската комисија побара да се зголеми буџетот на ЕУ за 66 милијарди евра до 2027 година за долгорочна помош за Украина и за нејзините сопствени проекти за вооружување. Владите на земјите членки досега ова го отфрлаа. Според Каролина Едштадлер, австриски државна секретарка за Европа, на пример, Комисијата на ЕУ треба да „користи имагинација“ за да направи прераспределба во буџетот од 1.100 милијарди, а не само да бара свежи пари.

Членство на Украина во ЕУ? Кога е тоа возможно?
Членство на Украина во ЕУ? Кога е тоа возможно?Фотографија: Lukasz Kobus/EU

Забрзан пристапен процес за Западен Балкан?

Шефовите на држави или на влади не само што ќе се занимаваат со барањата за пристапување кон ЕУ од Украина, Молдавија и од Грузија, кои беа прифатени  пред само една година, туку и со пристапните процеси на шесте земји од Западен Балкан, кои се во тек со години. Овде се прават напори да се забрзаат процедурите, известуваат дипломатите на ЕУ од подготовките за самитот. Како конктерно би можел да изгледа овој нов залет, сè уште не е јасно. „Не смееме да ги игнорираме земјите од Западен Балкан“, рече хрватската државна секретарка Андреа Метелко-Згомбиќ пред самитот. „Очекуваме јасна порака до нашите шест партнери од Западен Балкан, бидејќи тие треба да преземат конкретни чекори. Мораме да им овозможиме да одат напред на нивниот европски пат“. Најголем камен на сопнување остануваат тековните тензии меѓу Србија и Косово. На самитот треба да се разговара за решенија за овој конфликт, кој секогаш одново ескалира во насилство. Претходните посреднички напори на шефот за надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел беа неуспешни.

Безредија во Северно Косово на 29 мај 2023 година
Безредија во Северно Косово на 29 мај 2023 годинаФотографија: Laura Hasani/REUTERS

Каде е стратегијата за Кина?

Цела низа други надворешно-политички прашања се во втор план на руската војна против Украина. Така, на пример, во Брисел, само накратко ќе се зборува за заедничката стратегија на ЕУ за Кина, која доцни долго време. Но, таа всушност сè уште не постои, вели Франческа Гирети од Институтот за кинески студии Меркатор во интервју за ДВ. „Постои рамка која ја опишува Кина како партнер, економски конкурент и системски ривал во исто време. Оваа рамка ќе остане во сила и нема да се менува. Дали постои заедничка стратегија? Не. Нема униформен пристап на 27-те држави Интересите и приоритетите се премногу различни“. Раководството во Пекинг е секако свесно за тоа и постапува соодветно, односно преговара само со  поединечни членки на ЕУ, според Франческа Гирети. Неопходно е да се препознаат ризиците во економските односи и потоа да се управуваат без да се прекинат врските. Германскиот  канцелар Олаф Шолц и Европската комисија ова го нарекуваат „намалување на ризикот“ без „одвојување“ од исклучително важниот кинески пазар.

ЕУ нема единствена стратегија за Кина, велат експертите
ЕУ нема единствена стратегија за Кина, велат експертитеФотографија: Rainer Unkel/IMAGO

Миграцијата и натаму спорна?

За малку немир на самитот најверојатно би можел да се погрижи унгарскиот премиер Виктор Орбан. Заедно со својот полски колега, тој сака да протестира против неодамна донесените реформи во миграциската политика. Орбан за германски весник „Билд“ изјави дека во никој случај нема да плати 20.000 евра за секој мигрант што Унгарија не го прифаќа. „Трошиме повеќе од две милијарди евра за одбрана на Шенген-зоната од илегални имигранти. Не добивме ниту денар од Брисел. Зошто да платиме повеќе“, рече Виктор Орбан. Орбан ги отфрли новите процедури што ги усвоија министрите за внатрешни работи на ЕУ пред три недели како премногу лабави. Според него, тие се сигнал за бандите шверцери едноставно да продолжат како порано.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија