1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ОбразованиеГерманија

Насилство во германските училишта: Напади врз наставниците

Фолкер Витинг
1 септември 2023

Закани, малтретирање, физички напади - за многу наставници во германските училишта ова станува секојдневие. Што може да се стори против растечкото насилство во училниците?

https://p.dw.com/p/4VpLP
Германскиот наставен кадер е сѐ почесто изложен и на директни физички напади
Германскиот наставен кадер е сѐ почесто изложен и на директни физички нападиФотографија: Imago Images/imagebroker

Привршуваат летните распусти во речиси сите германски сојузни покраини. Училниците повторно се полнат. Меѓутоа, со тоа, може да се врати и насилството во училиштата - дури и врз наставниците. Бројките се алармантни, а состојбата во училиштата е „застрашувачка“, вели Герхард Бранд во интервју за ДВ. Тој е национален претседавач на вториот по големина германски синдикат на наставници, Здружение за образование и воспитување (ВБЕ). Минатата есен, здружението нарача репрезентативна студија, во која беа интервјуирани раководствата на училиштата. Фокус на студијата беше: насилството врз наставниците. А, тоа се зголемува.

Речиси две третини од анкетираните директори на училишта изјавиле дека имало случаи на психичко насилство во нивните училишта во последните пет години. На пример, закани или вознемирување. Физички напади врз наставници се случиле во речиси една третина од сите испитани училишта. Покраинската служба за борба против криминалот во сојузната покраина Долна Саксонија, на пример, во 2022 година, регистрираше зголемување од 30 отсто на деликти со физичка повреда против наставници во споредба со претходната година. Слична е ситуацијата и во источната германска покраина Саксонија Анхалт. Тамошното покраинско МВР регистрирало 104 кривични дела против наставници. Од нив, 43 беа случаи на физички напади со телесни повреди и 45 случаи на закани.

Герхард Бранд од германското Здружение за образование и воспитување
Герхард Бранд од германското Здружение за образование и воспитувањеФотографија: Klaus Bambach

Пред извесно време, наставник кој сакаше да остане анонимен за ДВ раскажа што му се случило на час по германски јазик кога се обидел да го реши спорот меѓу двајца ученици. Еден од нив зел занаетчиски нож кој претходно бил користен на час по уметност. „Потоа тој го нападна другиот ученик со ножот и гласно извика дека ќе го убие“.

Наставникот застанал меѓу учениците и се обидел да посредува. „Потоа мене ме нападна со ножот бидејќи беше толку лут што мораше да избоде некого“. Наставникот, како што изјави за ДВ, бил полесно повреден. „И тоа не беше некој мал ученик, ние сме во средно училиште. Тоа беше страшна ситуација“.

Сепак, овој случај не е нешто што „го доживуваме секој ден во училиштата“, коментира претседателот на синдикатот на наставници Бренд. Но, статистиката е само „врвот на ледениот брег“. „Може да се претпостави дека бројот на непријавени случаи е многу поголем. Насилството врз наставниот кадар сè уште е табу тема. Има многу луѓе „кои не се осмелуваат да зборуваат за насилни инциденти во училиштата“, вели Бренд.

Училишниот психолог Клаус Зајфрид не ја гледа ситуацијата во германските училишта толку драматично. Тој смета дека „инцидентите на насилство навистина не се зголемуваат“. Зајфрид беше училишен психолог 26 години и е заменик-претседател за училишна психологија во Професионалното здружение на германски психолози. „Факт е дека денес луѓето повнимателно гледаат и повеќе зборуваат за тоа“, вели тој за ДВ. Зајфрид гледа уште една причина за извесна ескалација во училиштата: генерациската смена во наставниот кадар. „Многу од наставниците сè уште се неискусни и не знаат како да се справат со конфликтите. А факторите на оптоваруавање кај наставниот кадар се зголемени поради недостигот од наставници“.

Училишниот психолог, Клаус Зајфрид
Училишниот психолог, Клаус ЗајфридФотографија: privat

Голем недостиг на наставен кадар

Факт е: Во Германија, според податоците Конференцијата на министри за образование, до 2025 година ќе има недостиг од 25.000 наставници. Здружението на наставници ВБЕ дури го проценува недостигот на 50.000. Според истражувањето на ВБЕ, 69 отсто од сите училишни раководства се жалат на очигледен недостиг на учители. Во тоа е проблемот објаснува членот на одборот на ВБЕ, Бранд. „Наставниот кадар недостасува насекаде. Поинтензивен надзор над учениците од повеќе наставен кадар би ја намалил агресијата во училниците. Само што, вели Бренд, во догледна иднина очигледно е дека нема да има повеќе наставен кадар.

Ковид го засили проблемот

Во трите години од пандемијата на коронавирусот од 2020 до 2023 година, состојбата во училиштата повторно се влошила, покажува истражувањето на ВБЕ. Во тоа време, учениците и родителите беа под особен психолошки притисок. Општествениот живот беше можен само во многу ограничена мерка. Фрустрацијата често се отсликуваше во училиштата, велат експертите. Училишниот психолог Клаус Зајфрид вели: „За време на периодот на Ковид, секако имаше ученици кои живееја без правила, и само 'висеа' пред телевизорот или компјутерот“. А синдикалецот Бранд сумира: „Во текот на пандемијата, првичната солидарност се претвори во зголемена агресивност“. 

Ковид пандемија германско училиште
Ковид пандемијата го засили проблемот со насилството во германските училиштаФотографија: Rupert Oberhäuser/picture alliance

Но, не само учениците, туку пред сѐ родителите придонесоа за поголемо насилство и тензии во училиштата за време на пандемијата. Според една студија на ВБЕ, во сојузната држава Тирингија, 56 отсто од случаите на директно психичко насилство и 70 отсто од случаите на насилство преку интернет во годините на Ковид потекнувале од родители. Цел биле наставниците кои инсистирале на почитување на Ковид-мерките. Наставниците раскажуваат дека, на пример, тогаш биле обвинувани дека го водат училиштето користејќи нацистички методи. Еден наставник пријавил дека бил удрен во бутовите и во стомакот.

Училиштето како огледало на сè побруталното општество

Фактот дека случаите на насилство врз наставниот кадар се зголемуваат се должи и на промените во општеството. И таму, според претседавачот на ВБЕ, Бранд, може да се види дека подготвеноста за употреба на насилство и бруталност се зголемува. „Во меѓусебните односи очигледно засилено се губи почитта, подготвеноста за помагање и пријателството“, вели Бранд. Сепак, резигнираност не е опција, вели училишниот психолог Зајфрид. Тој има рецепт против насилството во училниците: „Наставниците треба да воспостават позитивен, конструктивен однос со учениците, да поставуваат граници и да им дадат поддршка; и тоа да го прават со позитивен авторитет“.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема