1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалГерманија

Мртви и ранети во црква на Јеховини сведоци во Хамбург

ЖА / Тагесшау | агенции
10 март 2023

Најмалку осум луѓе се убиени и повеќемина се ранети во пукање во центар на Јеховини сведоци во Хамбург. Полицијата проценува дека во прашање е еден напаѓач, кој веројатно е мртов, а мотивот на злосторството не е познат.

https://p.dw.com/p/4OUHS
Масакр во црква на Јеховини сведоци во Хамбург Германија
Масакр во црква на Јеховини сведоци во ХамбургФотографија: Jonas Walzberg/dpa/picture alliance

Во текот на манифестација на Јеховини сведоци во Хамбург со истрели се убиени или ранети повеќе луѓе. Инцидентот се случил околу 21 часот. Полицијата во Хамбург на својата интернет страница денеска (10.03) објави дека се убиени осум лица и повеќемина се повредени, а репортер на германскиот јавен сервис АРД, кој е присутен на местото на настанот, претходно синоќа јави за најмалку шест мртви и осум ранети лица. „Првичните сознанија упатуваат на тоа дека има повеќе мртви“, изјави полициски портпарол синоќа.  

Хамбург пукање Германија
Полицијата го блокирала местото на инцидентот во Хамбург во голем радиусФотографија: Jonas Walzberg/dpa/picture alliance

Полицијата смета дека станува збор за масакр

Од безбедносни извори се дознава дека делото се смета за масовно убиство, сите загинати имаат прострелни рани. Позадината на истрелите кои одекнале во квартот Алстердорф е нејасна. За разлика од првичните укажувања, полицијата смета дека не пости извршител во бегство, се претпоставува дека можниот убиец се наоѓа меѓу мртвите во црквата.

Полицијата: Извршителот е веројатно мртов

Многу кратко по примениот повик за чуени истрели, специјална единица на полцијата во Хамбург, УСЕ, влегла во објектот. Полицајците наишле на мртви и ранети, а потоа чуле истрел од горниот дел на објектот, каде е пронајден уште еден човек, за кој се претпоставува дека е убиецот или еден од убијците, изјави полицискиот портпарол, но со ограда – апсолутна сигурност нема, иако ситуацијата во меѓувреме е смирена.

Повлечено е првично издаденото предупредување до населението за постоење непосредна опасност, меѓутоа полицијата продолжува да врши потрага по евентуални други извршители.

„За да можеме да исклучиме постоење на натамошни напаѓачи, вршиме проверки и опсежна потрага“, напиша полицијата на Твитер.

Хамбург пукање Германија
Специјална единица на полицијата од Хамбург пристигнала кратко по повикот за чуени истрелиФотографија: Daniel Reinhardt/AFP/Getty Images

Сосетка сведочи за „четири интервали пукање“

Една сосетка сведочеше за повеќе истрели во време на одржувањето на манифестацијата на Јеховините сведоци. „Имаше отприлика четири интервали во пукањето, во секој од нив се слушаа  повеќе истрели, во временска разлика од отприлика 20 секунди до една минута. Јас потоа застанав на прозорецот и во објектот на Јеховините сведоци видов лице кое хектично трча од приземјето кон првиот кат“, изјави студентката Лара Баух.

Подоцна видела како полицајците изнесуваат луѓе на улица држејќи ги за рацете и нозете.

Големо полициско присуство

Полициски возила синоќа целосно го опколиле местото на инцидентот во голем радиус. Дополнително обезбедување вршеле полицајци вооружени со автоматско оружје. Непосредно по истрелите, сите прозорци на објектот биле осветлени, а хеликоптер кружел над зградата пред која пристигнале бројни возила за итна медицинска помош. Полицијата тврди дека се преземени сите потребни мерки, од кои најголем дел се дел од рутинската постапка, а за деталите ќе биде соопштено денеска на прес-конференција околу пладне. 

Кратко по чуените истрели, полицијата издаде официјално соопштение за постоење опасност, повикувајќи ги граѓаните да се засолнат и да избегнуваат движење во реонот каде се случи инцидентот. Околу 3 часот утрово Сојузната служба за цивилна заштита го укина предупредувањето.

Хамбург пукање Германија
Истрагата за пукањето во црква на Јеховини сведоци во Хамбург продолжуваФотографија: Steven Hutchings/Tnn/dpa/picture alliance

Не се знае уште каков вид манифестација се одржувал во црковната заедница на Јеховини сведоци во Хамбург. На интернет страницата на Јеховини сведоци за четврток била планирана една од двете редовни неделни средби, на која според информациите била поканета и јавноста.

Градоначалникот на Хамбург, Петер Ченчер изјави дека е шокиран од настанот, изразувајќи им сочувство на роднините на загинатите и ветувајќи сеопфатна истрага.

Германскиот претседател Франк Валтер Штајнмајер на Твитер напиша дека е длабоко погоден од смртоносното насилство во Хамбург, сочувствувајќи со блиските на жртвите во нивната болка.

И претседателката на германскиот Бундестаг, Барбел Бас ја изрази својата трогнатост поради ужасното насилно дело, упатувајќи им сочувство на засегнатите и благодарност до полицијата и спасувачките тимови.