Иран и Израел: ескалација на војната во сенка
12 април 2024Од почетокот на војната во Појасот Газа, Израел ги засили и нападите врз сојузниците на Техеран во Либан и во Сирија. Во тој контекст при воздушни напади врз иранскиот конзулат во главниот град на Сирија, Дамаск, на почетокот на април беа убиени најмалку 13 лица меѓу кои и седум високи членови на иранската револуционерна гарда. Иран, Сирија и Русија го обвинија Израел за нападот. Израел не се изјасни во врска со обвинувањата.
„Нападот врз иранскиот конзулат е без преседан. По долга војна во сенка со иран, се чини дека Израел ја менува својата стратегија", вели експертот за Блискиот Исток Араш Азизи за ДВ. Азизи предава историја и политикологија на универзитетот Клемсон во американската сојузна држава Јужна Каролина. Тој е автор на книгата „Командантот од сенка" во која пишува за генералот на Револуционерната гарда Касем Сулејмани кој на почетокот на 2020та година беше убиен во американски напад со дронови, како и за регионалните амбиции на Иран.
Командантите на иранската Револуционерна гарда играат клучна улога во обуката и финансирањето на милитантите од Хезболах во Либан, кои се одговорни за безброј напади врз Израел. Како реакција на нападот врз конзулатот во Дамаск раководството во Техеран се заканува дека ќе ги земе на нишан израелските претставништва во странство.
Иран е присилен да реагира на убиствата на високите офицери, смета Азизи. „Ако Иран сега не реагира, тоа би значело дека Иран веќе нема можности за заплашување на Израел", оценува тој.
Азизи истовремено поаѓа од тоа дека реакцијата на Иран ќе остане во ограничена рамка. Иран според него во моментов не сака голема воена конфронтација со Израел. Напад врз Израел би можел да ги присили САД, аргументира тој, да се вмешаат во конфликтот, што би имало непредвидливи последици за Техеран.
Од сојузници до непријатели
Иран и Израел со децении се непријатели. Техеран го одрекува правото на Израел на постоење и му се заканува со уништување на „ционистичкиот режим“. Израел од своја страна го смета Иран за свој најголем непријател. Но, тоа не беше од секогаш така. Се до Исламската револуција во 1979 година во Иран двете земји имаа многу блиски релации. Иран беше меѓу земјите кои 1948 година го признаа правото на постоење на Израел и неговата независност. Израел во војната на Блискиот Исток го гледаше Иран како свој сојузник наспроти арапските држави. За Техеран Израел, кој е поддржуван од Вашингтон, беше добредојдена политичка противтежа за арапските соседи. Израел обучуваше ирански земјоделски експерти, испорачуваше техничко знаење и помагаше при формирањето и обуката на персиската војска. Шахот за тоа плаќаше со нафта, која во Израел во економскиот подем беше итно потребна.
Во Иран живееше втората најголема еврејска заедница во светот, надвор од Израел. По револуцијата поголем дел од Евреите ја напушти земјата, но и денес повеќе од 20 илјади Евреи живеат таму.
Пресврт со Исламската револуција
По победата на исламската револуција во иран во 1979 година и преземањето на власта од страна на религиозното крило на револуционерите под водство на Ајатоилахот Рухола Хомеини, Техеран ги анулираше сите договори со Израел. Ајатолахот во повеќе наврати упати остра критика кон Израел заради окупацијата на палестинската територија.
Техеран чекор по чекор разви остра реторика против Израел со целта да се придобие наклонетоста на арапските држави, или барем симпатиите на населението во тие земји. Режимот во Иран така сакаше да го зголеми своето влијание. Кога Израел во 1982 година интервенираше во либанската граѓанска војна и влезе на југот на земјата, и Хомеини прати припадници на Револуционерната гарда во Бејрут за да ги поддрѓи тамошните шиитски милитанти. До денес тогаш настаната Хизболах важи за продолжена рака на Техеран во Либан.
Актуелниот верски водач на Иран, Ајатолахот Али Хаменеи кој има последен збор за сите прашања, ја продолжува таквата политика. Хаменеи и целокупното раководство на Исламската република ја ставаат под прашање и историската реалност на систематското и масовно уништување на европските Евреи за време на национал-социјализмот и се обидуваат тоа да го релативизираат, или дури и да го порекнат.
Израелската политика
Непријателството и омразата на раководството во Техеран спрема Израел не наидува на безрезервна поддршка во населението. „Иран мора да ги преиспита своите релации со Израел затоа што не се современи", вели Фезех Хашеми Рафсанџани кон крајот на 2021 година во едно интервју. Таа е ќерка на поранешниот претседател на државата Али Акбар Хашеми Рафсанџани и поранешна пратеничка во иранскиот парламент. Таа нагласува дека и муслиманските Ујгури во Кина и Чеченците во Русија се угнетени, „па сепак Техеран негува блиски релации со Русија и Кина“.
И познатиот критички настроен политиколог Садех Зибакалам во повеќе наврати ја критикува иранската политика спрема Израел. „Таквиот став ја изолираше земјата на меѓународната сцена", нагласува професорот на универзитетот Техеран во 2022 година во разговор со ДВ. Непријателството спрема Израел и политиката на отпорот против големите сили има поддршка меѓу верните поддржувачи на Исламската република. Во базата на поддржувачи на режимот во земјата, но и регионално во рамки т.н. „оска на отпорот" има „одредена фрустрација" за иранската воздржаност во однос на нападите на Израел во контекстот на Газа и против самиот Иран, вели во разговор со ДВ, Али Фатола Неџад, директор на берлинскиот тинк-тенк за Средниот Исток и глобалниот поредок. Експертот за Иран забележува, како што вели, „голема фрустрација за недостигот на кредибилитет на Иран како главен поддржувач на палестинското прашање и во однос на иранската воздржаност, директно да се конфронтира Израел."
Фатола Неџад смета дека Иран ќе ги користи про-иранските милитанти во Сирија, Ирак или Хутите во Јемен, за да се одмазди.