1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нападите во Црвеното Море ја загрозуваат светската трговија

Ник Мартин
13 јануари 2024

Многу трговски маршрути минуваат низ Црвеното Море и Суецкиот канал. Таму, јеменските бунтовници Хути поддржани од Иран напаѓаат бродови. Дали меѓународните синџири на снабдување сега се повторно загрозени?

https://p.dw.com/p/4ar4r
Хутите на брегот на Јемен, откако киднапираа трговски брод
Хутите на брегот на Јемен, откако киднапираа трговски бродФотографија: KHALED ABDULLAH/REUTERS

Неколку бродски компании во моментов избегнуваат да пловат низ теснецот Баб ел Мандеб на влезот кон Црвеното Море, бидејќи јеменските бунтовници Хути, поддржани од Иран, во последните неколку недели повеќепати нападнаа бродови.

Сите бродови на патот кон Суецкиот канал мора да поминат низ овој теснец. Баб ел Маднеб го дели Арапскиот Полуостров од Африка и го поврзува Црвеното Море со Индискиот Океан.

Во фокусот на нападите на Хутите се бродови кои наводно имаат врски со Израел.

Како одговор, САД кон крајот на минатата година формираа меѓународна воена коалиција, Операција за просперитет Гардијан, за да обезбеди транспорт во Црвеното Море, а во ноќта кон петокот САД и Велика Британија извршија напади врз позиции на Хутите во Јемен. 

Претходно американската морнарица потопи неколку бунтовнички чамци кои го нападнаа данскиот контејнерски брод Маерск Хангжу. Главната бродска компанија Маерск ги прекина сите патувања преку Црвеното Море, но сега размислува за повторно отворање на рутата.

Трошоците за бродските компании растат

Ако бродовите не поминат низ Суецкиот канал, на патот од Далечниот Исток до Европа, тогаш треба да го обиколат целиот африкански континент. А, тоа е повеќе од една недела и приближно 3.500 наутички милји (6.482 километри) пат.

Суецкиот канал, кој го поврзува Црвеното Море со Средоземното Море, е најкраткиот воден пат меѓу Европа и Азија. Вообичаено, околу 12 отсто од глобалниот транспортен сообраќај поминува низ овој воден пат.

Пропагандно видео на Хутите прикажува нивно летало над брод во Црвеното Море
Пропагандно видео на Хутите прикажува нивно летало над брод во Црвеното МореФотографија: Houthi Military Media Center/picture alliance/dpa

Според аналитичарите, нападите на бунтовниците веќе значително ги зголемиле трошоците за транспорт на стоки. Доколку кризата се одолговлечи, може да се зголемат и цените кои потрошувачите мораат да ги платат за увезената стока.

„Ако го земеме, на пример, патот во две насоки од Шангај до Ротердам, заобиколувањето преку Р'тот добра надеж ги зголемува само трошоците за гориво до милион долари“, вели за ДВ Питер Санд, главен аналитичар во компанијата Хенет за анализа на пазарот со седиште во Копенхаген.

Загрозени испораките на нафта

Околу девет отсто од сите бродови што превезуваат нафта и гас пловат низ Црвеното Море. На мета на Хутите беа и танкери. Нафтената компанија Бритиш петролеум е една од оние кои ја избегнуваат оваа рута од средината на декември.

„Гледаме тука и сега дека енергетските залихи - без разлика дали се работи за нафта, јаглен или гас - се погодени едноставно поради зимата на северната хемисфера“, вели аналитичарот Сенд. Ова може да има ефект врз цените на енергијата.

Ехсан Коман, главен аналитичар на пазарот на стоки во големата јапонска банка МУФГ, има поинакво мислење. Тој верува дека нападите на бунтовниците нема да имаат трајно влијание врз цените на енергијата. „Пренасочувањето на бродовите ги нарушува синџирите на снабдување, но не и производството“, изјави тој за Ханделсблат.

Контејнерските пристаништа се соочуваат со големи предизвици

Доцнењето на испораката влијае и на пристаништата за контејнери низ Европа, кои вообичаено се многу ефикасни за ракување со голем број контејнери, изјави за ДВ Ларс Јенсен, извршен директор на Веспучи маритим, консултантска компанија со седиште во Данска.

„Да речеме дека има пристаниште кое обработува 50.000 контејнери неделно. Ако ништо не пристигне една недела, а сто илјади контејнери треба да се обработат наредната недела, тоа може да доведе до преоптоварување“, вели Јенсен. 

Пловење низ Суецкиот Канал: Најкраткиот пат меѓу Европа и Азија
Пловење низ Суецкиот Канал: Најкраткиот пат меѓу Европа и АзијаФотографија: picture alliance/NaLha/Shotshop

Кризата во Црвеното Море ги враќа спомените од март 2021 година. Во тоа време, Суецкиот канал беше блокиран шест дена откако се насука контејнерскиот брод „Евер Гивен“. 

Во тој момент, светот беше во локдаун поради пандемијата и синџирите на снабдување веќе беа сериозно нарушени.

Стотици бродови беа заглавени во Црвеното Море со недели, а трошоците за транспорт на контејнери се зголемија од 2.000 на 14.000 долари по парче. Дополнително со месеци доцнеше стоката од Азија.

САД и сојузниците ја зајакнуваат поморската безбедност

Обединетото Кралство, Бахреин, Канада, Франција, Италија, Холандија, Норвешка, Сејшелите и Шпанија спроведуваат заеднички патроли во јужниот дел на Црвеното Море и во Аденскиот Залив.

Иако американските и британските воени бродови во областа почнаа да ги гаѓаат Хутите со ракети и со беспилотни летала, а нападот на Маерск Хангжу беше спречен, не е јасно дали присуството на поголема поморска сила ќе биде доволно за целосно да се запрат нападите.

Хутите, кои контролираат големи делови од Јемен, се гледаат себеси како дел од „оската на отпорот“ против Израел. Покрај радикалниот Хамас, во Либан е и шиитскиот исламистички Хезболах, кој е поддржан од Иран.