1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалЧешка

Напад во Прага: „Вакво нешто Чешка досега нема доживеано“

Тагесшау | ЕМФ
22 декември 2023

На Карловиот универзитет во Прага студент уби 14 луѓе, повреди 25-мина. Министерот за внатрешни работи на Чешка зборува за „незамислива трагедија“. Полицијата истражува врски со друго злосторство.

https://p.dw.com/p/4aSyU
Чешка, Прага | напад во Карловиот Универзитет
Полицијата истражува и евентуална поврзаност на напаѓачот на Карловиот Универзитет со друго кривично делоФотографија: Petr David Josek/AP Photo/picture alliance

Беше претпоследен ден пред божиќниот распуст. На познатиот прашки Карлов Универзитет беше многу раздвижено кога рано попладне се слушнаа истрели во зградата на Филозофскиот факултет, среде историскиот центар на градот, на плоштадот „Јан Палах“, недалеку од Карловиот мост.

„Моето предавање заврши во 14 часот“, вели еден студент. „Пред зградата стоеја полицајци со автоматско оружје. Им кажав на моите колеги дека полицијата е таму. Прво сите беа мирни, но потоа дојде веста дека имало пукање.“ Полицијата ги повика луѓето го избегнуваат тој дел од градот и ја загради областа. Жителите беа повикани да останат во своите домови. Студентите истрчуваа од зградата со кренати раце. Други се имаа забарикадирано во предавалните и канцелариите. Некои излегуваа низ прозореците или се качуваа на покривот.

Напаѓачот бил на покривот

Таму на крајот бил и напаѓачот, јави чешката телевизија Нова. Директорот на соседната уметничка галерија Рудолфинум, Петр Недома, забележал нешто слично: „Видов млад човек како стои во галеријата на Филозофскиот факултет на Карловиот Универзитет. Тој во раката држеше оружје што личеше на мала автоматска пушка“. Тој неколкупати пукал кон Манесоовиот мост. „Потоа видов како повторно пука, ги крена рацете и го фрли оружјето на улица“, изјави Недома.

Чешка, Прага | напад во Карловиот Универзитет
Полицијата евакуира студенти на местото на нападот во ПрагаФотографија: Gabriel Kuchta/Getty Images

Полицијата пронашла арсенал огнено оружје

Напаѓачот застрелал 14 лица, соопшти полицијата.Повредени се 25 лица, од кои десет потешко. Нешто пред 16 часот беше јасно: осомничениот стрелец е мртов. Безбедносните сили немаат индиции дека тој имал соучесници. На лице место е пронајден арсенал огнено оружје и муниција. Брзото распоредување на полицијата можеше да спречи полошо, се вели во Прага. „Во овој момент претпоставуваме дека злосторството го извршил еден стрелец“, изјави чешкиот премиер Петр Фиала. „Значи, ова не е акт на меѓународен тероризам или организирана група.“

Чешка, Прага | полицаец во близина на Карловиот Универзитет
Во Прага студент уби 14 луѓе, повреди 25 (фото: полицаец во близина на Карловиот Универзитет во Прага)Фотографија: Michal Cizek/AFP/Getty Images

Полицијата го поврзува напаѓачот со друго кривично дело

Инспекторите веруваат дека осомничениот прво го убил својот татко во градот Хостоун, западно од Прага, а потоа се обидел да се самоубие. Веројатно бил инспириран од масовните убиства во странство. 24-годишниот маж бил одличен студент, изјави началникот на полицијата Мартин Вондрашек. Тој легално поседувал неколку парчиња оружје и дејствувал многу промислено: „Исто така, би сакал да кажам дека работиме многу сериозно на верзијата дека напаѓачот од Карловиот Универзитет можеби е одговорен и за двете жртви на крајот на минатата недела во шумата Клановице." Татко и неговото бебе загинаа во предградие на Прага.

Чешката влада одржа специјална седница и им изрази сочувство на жртвите и нивните роднини. Министерот за внатрешни работи Вит Ракусан рече: „Тоа е незамислива трагедија, погодени се млади луѓе. Тоа е нешто што Чешка никогаш не го доживеала и што сите посакуваме да не сме го доживеале. Предбожиќното расположение е променето до непрепознавање поради она што го направи еден лудак.“