1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Напад на Капитол: Долги затворски казни за „Горди момчиња“

Арнд Рикман
2 септември 2023

Пресуди во серија: уште неколку членови на десноекстремната група „Горди момчиња“ се осудени на долги затворски казни. Еден од нив одиграл централна улога при насилниот упад во Капитол.

https://p.dw.com/p/4VsOf
САД I Итан Нордин Горди момчиња
Итан Нордин со мегафон в рака предводел група од речиси 200 луѓе кон Капитол< стои во судските документиФотографија: Carolyn Kaster/AP/picture alliance

Поранешен лидер на десноекстремните „Горди момчиња“ ја доби највисоката казна досега за упадот во Капитол - 18 години затвор за насилниот влез во зградата на американскиот парламент на 6 јануари 2021 година.

Итан Нордин во текот на процесот од страна на иследниците беше означен како поттикнувач на упадот. „Тој е неприкосновен лидер на настаните на лице место на 6 јануари“, рече обвинителот Џејсон МекКалоу. Судијата Тимоти Кели од судот во Вашингтон, меѓу другото, го осуди Нордин за „бунтовнички заговор“, ретко кривично дело кое датира од Американската граѓанска војна пред 160 години.

Според обвинителите, јазикот на Нордин и неговите објави на интернет станувале сè поагресивни во пресрет на 6 јануари. Тој ден, како што стои во судските документи, тој со мегафон в рака предводел група од речиси 200 луѓе кон Капитол, а потоа бил на чело на толпата и помогнал да се урне оградата за да можат демонстрантите да се втурнат на просторот пред парламентарната зграда и да ја нападнат полицијата.

САД  Приврзаници на Трам пред Капитол
Упадот во Капитол ги потресе САДФотографија: Leah Millis/REUTERS

Обвинителството побара казна од 27 години. Адвокатите на одбраната тврдеа дека тој ден немало план за упад во Капитол и се спротивставија на тврдењата дека Нордин ја урнал оградата или дека неговата реторика се однесувала конкретно на 6 јануари. Тие побараа помалку од две години затвор.

„Комплетна и тотална трагедија“

Самиот 33-годишник пред судот рече дека денес го смета 6 јануари за „комплетна и тотална трагедија“ и жали што не се обидел да ја искористи својата лидерска улога за да ги спречи настаните. „Нема митинг или политички протест што би требало да има поголема вредност од човечкиот живот“, рече Нордин, додавајќи: „Жал ми е за секого кому сум му нанесол неправда директно или индиректно.“

Доминик Пезола, исто така член на „Горди момчиња“, вчера (1.09) беше осуден на 10 години затвор. 46-годишникот го скршил прозорецот на Капитол со заштитен штит на полицаец. Освен тоа, тој со пура во устата снимил и „славеничко видео“ во внатрешноста на зградата.

Доминик Пезола | Горди момчиња
Доминик Пезола на видео што самиот го направил на денот на упадот во КапитолФотографија: US Attorney's Office/ZUMA Press Wire/picture alliance

Сепак, поротата го ослободи од обвинението за бунтовнички заговор бидејќи на „Гордите момчиња“ им се приклучил непосредно пред упадот во Капитол. Пезола беше осуден и за други тешки обвиненија. „Тој бил воодушевен пешадинец“, рече обвинителот Ерик Кенерсон, кој побара 20 години затвор. Пезола не покажа каење по пресудата, туку пркосно ја крена тупаницата и додека го напушташе судот извикуваше: „Трамп победи!“.