1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најуспешни реформите за брзо богатење и осиромашување

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов
30 мај 2023

Толку е банализирана 32-годишната неуспешна борба против организираниот криминал и високата корупција што секој обид да се спречи ова најголемо зло се претвора во трагична фарса во која редовно победуваат криминалците.

https://p.dw.com/p/4Rx2U
Ерол Ризаов, автор на колумната
Ерол Ризаов, автор на колумнатаФотографија: privat

Ништо не успева толку брзо и лесно во Македонија како реформите за брзо богатење на мал број луѓе и уште побрзо осиромашување на голем број луѓе. Оваа меѓузависност на патот на парите од се посиромашните кон се побогатите е полна со иновации и високи дострели на озаконет грабеж. Толку е банализирана 32 годишната неуспешна борба против организираниот криминал и високата корупција со заложбите за владеење на правото што секој обид да се спречи ова најголемо зло дури и со негово откривање и казнување се претвара во трагична фарса во која редовно победуваат криминалците од највисок ранг. 

Знаeме и зошто. Tоа е милиони пати констатирано со точна дијагноза дека сите злоупотреби тргнуваат од моралните пропусти кои произлегуваат од политичката вина. Безбројните навидум  „ситни“ пропусти, нивното прилагодување, ефтиното оправдување водат кон незабележлива вообичаеност, да кажам, нормалност на неправдата. Така се создава јавен амбиент кој оневозможува јасно да се видат работите за да се уништат монструмите кога се мали, во ембрионална фаза. Кога ќе пораснат и станат големи и моќни не им можете ништо. Тие имаат свои ортаци заштитници, политичари, премиери, влади, министри,  судии, обвинители, адвокати, медиуми, имаат цел државен систем под нивна контрола.

Тоа е тоа што одамна го викаме заробена држава. Нивниот меѓупартиски конеснзус за крадење е совршен и ефикасен. Компромисите меѓу криминалците брзо се договараат. Одлуките кому колку треба да се даде и колку да се земе е изграден автопат со 16 ленти во сите правци за стекнување и заштита на богатството кое  со невидена леснотија се легализира како и дивоградбите. 

Брзо богатење на мал број луѓе- успешна македонска приказна
Брзо богатење на мал број луѓе- успешна македонска приказнаФотографија: Ute Grabowsky/photothek/picture alliance

За кого се тревогите за узбуна 

Кога кај нас се констатираат и откриваат овие грабежи и кога на очиглед на целата јавност е  видлива бескрупулозноста и ароганцијата на недопирливите мафиози чии дела и ако стасаат до судовите застаруваат во јаловите судски процеси и во пародиите на повторните судења. Тоа станува толку нормално што во апашкиот амбиент се вознемируваат само тие што уште веруваат дека правдата е можна во Македонија.

Единствениот тридневен страв е присутен кај злосторничките здруженија  кога ќе стаса по некој ферман од Америка и Европа, како што деновиве се случи со јавните настапи на холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп и пред извесно време на амбасадорката на САД, Анџела Агелер. Колку и да се тешки и засрамувачки за целото општество  нивните аргументирани укажувања, колку и да се последични на огромна  штета на државата,  колку и да ни се позанти и јавно облоденети се уште се игра успешно на картата на секое чудо за три дена.

Една по една стасуваат тревогите за узбуна со еден многу поразбирлив јазик кој треба да ја разбудат јавноста, власта, опозицијата, целиот правосуден систем дека најголемите блокади за иднината на Македонија и нејзините граѓани не се во празните дебати за минатото и уставните промени, туку за иднината која ја попречуваат криминогените структури, кои во суштина ја попречуваат и правдата. Во многу земји има строги закони не само за носителите на криминалот и корупцијата, туку и за попречување на правдата. Од изјавите на странските државници и дипломати јасно се посочени попречувачите на владеење на правото во Македонија. Директно се прозвани Судскиот совет како нелегитимно тело, Апелациониот суд како попречувач на правдата, обвинителствата како забошотувачи на незавршените предмети на Специјалното јавно обвинителство, политичкото и партиското влијание и уште низа злоуптреби од позиции на моќ и корумпираност. 

Анџела Агелер САД Северна Македонија
Анџела Агелер, амбасадорка на САД во Северна МакедонијаФотографија: Reg. Nordmazedonien

Систем на владеење на неправдата 

Многу индикативно е како ги дочекуваме сите тие добронамерни укажувања и финансиска поддршка кои треба да ја олеснат битката за владеење на правото што е најзначајниот предуслов за изградба на правна држава и еднаквост пред законот. Според потребите на политичките партии еднаш во тоа препознаваме мешање во внатрешните работи на државата. Друг пат тоа е заговор за обезличување на Македонија. Трет пат тоа е срамна сервилност за странски интереси, распродажба на националниот идентитет, историското минато, на јазикот... Фактот дека тоа сами не го направивме за цели 32 години, туку го подржуваме системот на владеење на неправдата, криминалот и корупцијата не ни дава за право да обвинуваме други, особено не оние кои ни помагаат да ги поставиме основните темели на  државност и демократско општествено уредување. Наместо тоа ги амнестираме домашните виновници за најтешките злодела против интересите на државата.   

Да го постигневме тоа самите за што имавме стручни анализи на меѓународни експрети како да го примениме  владеењето на правото во практиката,  ако се сеќавате на Рајнхард Прибе и неговите прецизни писмени патокази, тогаш, одамна ќе го исполневме најважниот предуслов за успешни преговори со ЕУ. Поглавје кое прво се отвара и последно затвара. Меѓу отварањето и затварањето на тоа поглавие има период во нормални околности од  шест до седум години, а тоа нам не ни успеа да го затвориме повеќе од три децении, не заради Европа, туку за нас кои го трпиме и плаќаме тој данок на ограбување. Ни се одземаат тие пари со целосна наша поддршка и навивање што злото го прави возможно и неказниво.

Различното читање на добронамерните пораки ни се случи и деновиве со интервјуто на холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп за радио „Слободна Европа“. Мал број медиуми ги пренесоа  сите суштински пораки, а крајно неосодветно реагира и прозваниот Судски совет дека циркузот со смените што сите го видовме е во суштина демократски и законски избор, божем амбасадите и нивните служби не знаат ништо за нашите јавни бруки.

Судски совет
Судскиот совет се најде на удар на странските претставници во Северна МакедонијаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Некои медиуми дадоа првенство и најголемо значење  од изјавата на амбасадорот дека менувањето на преамбулата на Уставот е гаранција за почеток на новата  фаза од преговарачкиот процес со ЕУ, односно дека втората фаза ќе почне автоматски штом се усвојат уставните промени без било какви други политички одлуки со нагласка и уверување дека заканите од Бугарија со ново вето нема да се случат. Други медиуми дадоа предност на катастрофалните оценки на правосудниот систем и за влијанието на политиката во сите судови, за нелегитмноста на Судскиот совет што е болно за гледање, за забошотување на предметите на Специјалното јавно обвинителство. Трети се задржаа на одлуката на Холандија што ја соопшти амбасадорот Јан Коп за ставање во мирување на проектот вреден близу милион долари за зајакнување на компетенциите на судскиот совет.

Нив очигледно не им треба зајакнување на компетенциите и независност во носење на одлуките. Нивните најсилни компетенции се во партиите. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема