1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиПалестински територии

Над 100 загинати во израелски напад врз училиште во Газа

ЖА
10 август 2024

Според Хамас, училиштето се користело како засолниште за раселените лица. Израелската армија пак тврди дека тоа било команден центар на палестинската терористичка организација.

https://p.dw.com/p/4jJmw
Најмалку 100 загинати во израелски напад врз училиште во Појасот Газа
Најмалку 100 загинати во израелски напад врз училиште во Појасот Газа Фотографија: Omar Al-Qattaa/AFP/Getty Images

За време на израелски воздушен напад врз училиште во Газа, според медицински и безбедносни извори во Појасот Газа, загинале најмалку 100 луѓе. Израелската армија го нападна училиштето, кое служеше како засолниште за раселените лица, во раните утрински часови за време на муслиманската молитва Фаџр, соопшти канцеларијата за медиуми под контрола на Хамас.

Ал Џазира, повикувајќи се на палестинската цивилна заштита, исто така јави дека во нападот загинале повеќе од 100 луѓе, наведувајќи дека десетици жртви изгореле до смрт. Оваа информација не можеше да биде независно потврдена.

Израел: Беа погодени терористи

Израелската армија соопшти дека во текот на ноќта го нападнала командниот центар на исламистичкиот Хамас во училишна зграда во градот Газа на северот од крајбрежниот појас. Според нивните изјави, биле погодени терористи,  командниот центар на Хамас  се наоѓал во училиште до џамијата.

Појас Газа училиште
Израелската армија соопшти дека во текот на ноќта го нападнала командниот центар на исламистичкиот Хамас во училишна зграда во градот Газа Фотографија: Omar Al-Qattaa/AFP/Getty Images

Израелската армија во својата изјава на Телеграм не даде информации за жртви. Пред нападот, беше посочено, преземени биле „бројни мерки“ за намалување на ризикот за цивилите и употребена е прецизна муниција. Хамас ја користеше зградата како засолниште за терористите и командниот персонал, а од таму беа планирани и подготвувани напади врз израелските сили и државата Израел, се додава во соопштението.

Израелската армија уште еднаш нагласи дека Хамас систематски го крши меѓународното право користејќи цивилни засолништа за своите активности. Цивилното население се користи како жив штит за нивните терористички активности, се истакнува во соопштението.

Исламски џихад: „Ужасен масакр“

Исламски џихад, палестинска терористичка организација, веднаш реагираше. „Изборот на утринската молитва како момент за овој ужасен масакр потврдува дека непријателот имал за цел да убие што е можно повеќе цивили, вклучително и деца и постари лица. Израелската армија го користи истиот лажен изговор за напади врз училишта како и за напади при уништување на болници во Појасот Газа," соопшти оваа терористичка организација.

Војната меѓу Израел и Хамас  започна по невиден масовен напад врз Израел од страна на Хамас и други милитантни палестински групи на 7 октомври ланската година. Според израелските податоци, во таа прилика биле убиени околу 1.200 луѓе. Исто така, околу 250 луѓе беа киднапирани и однесени како заложници во Појасот Газа. Како одговор, Израел оттогаш спроведува интензивни воени операции во Појасот Газа. Според податоци на Министерството за здравство под контрола на Хамас, кои не може да се потврдат независно, досега се убиени речиси 39.700 луѓе.