1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Муртезани: Се бараат нови решенија за евроинтеграциите

ДТЗ
8 октомври 2024

Министерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Орхан Муртезани вели дека Брисел не гледа со голем оптимизам за предлогот за уставни измени со одложено дејство, но не го отфрла целосно

https://p.dw.com/p/4lXoJ
Орхан Муртезани
Се бараат нови решенија за евроинтеграциите - ќе се објават по изборите во БугаријаФотографија: Damjan Cunihin/Reg. Nordmazedonien

Главната порака од раздвојувањето на Северна Македонија и Албанија на патот кон ЕУ е дека процесот на проширување е се уште жив и ние мора да изнајдеме решение во најкус можен рок, вели министерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Орхан Муртезани. Тој на прес-конференција во Владата рече дека Брисел не гледа со голем оптимизам за предлогот за уставни измени со одложено дејство, но не го отфрла целосно.

Потенцираше дека веќе се работи на изнаоѓање нови решенија, кои се во фаза на интерни разговори, откако премиерот Христијан Мицкоски деновиве порача дека преку разни институционални канали ќе се обрати и ќе работи со Европската комисија и со партнерите за изнаоѓање решение кое ќе биде достоинствено и согласно националните интереси. 

Нема финален предлог, но се работи 

„Мислам дека ние треба да настојуваме на изнаоѓање решенија кои ќе бидат прифатливи и од нашите стратешки партнери. Ова не зависи многу од нив, туку зависи од нашата волја и ангажман за изнаоѓање решенија“, изјави Муртезани на прес-конференцијата по повод „100 дена Влада“, за барањето на Владата носењето уставни измени да има одложно дејство.

Тој вели дека досега нема финален предлог, меѓутоа и да има таков нема да брзаат да го објават пред да бидат завршени изборите во соседна Бугарија. „Сметаме дека периодов и да имаме најдобар можен план не знаеме дали ќе биде прифатен од другата страна. Затоа се работи интензивно на изнаоѓање на решенија“, додаде Муртезани.

Премиерот Христијан Мицкоски во интервју во Отворено студио „100 дена Влада“ на МРТ рече дека Македонија има премногу отстапки направено кон Бугарија години наназад, укажувајќи дека повеќе не смеат да бидат наивни. Тој вели дека нуди конструктивен компромис за кој што е подготвен да разговараат.

Муртезани вели дека уставните измени не се од Бугарија, туку од 27 земји-членки на ЕУ.

„Тоа е јасно наведено и во заклучоците на Советот. Ние се обидуваме да го заштитиме процесот. И премерот во неколку наврати и Владата имаат споменато дека не е спорно ништо да се носат уставните измени. Меѓутоа, ние сакаме да бидеме сигурни дека процесот понатаму нема да биде предмет на дополнителни блокади. Ние како коалиција Влен дадовме рок од шест месеци во кој што Владата мора да понуди решение за надминување на кризата. Уште сме во четвртиот месец, кога ќе стигнеме при крајот ќе видиме какви се можностите и што би направиле понатаму“, рече тој.