1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

МПЦ-ОА и СПЦ на заедничка литургија во Охрид

ДТЗ
2 јуни 2023

По повод годишнинатата од доделувањето на Томосот за автокефалност на МПЦ-ОА, на 5 јуни во црквата „Света Софија“ во Охрид ќе се одржи света архиерејска литургија.

https://p.dw.com/p/4S6KF
МПЦ архиепископ г.г. Стефан
МПЦ-ОА и СПЦ на заедничка литургија во ОхридФотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

По повод годишнинатата од доделувањето на Томосот за автокефалност на Македонската Православна Црква - Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА) од страна на Соборот на Српската православна црква (СПЦ) на 5 јуни во црквата „Света Софија“ во Охрид ќе се одржи света архиерејска литургија.

„Светиот архијерејски синод на МПЦ-ОА го повикува македонскиот богољубив народ да земе молитвено учество на света архијерејска литургија по повод годишнината од доделувањето на Томосот од страна на Соборот на СПЦ на 5 јуни 2023 година, на празникот на Светиот Дух, во Катедралниот храм на Охридските Архиепископи - 'Света Софија' во Охрид“,  соопшти Канцеларијата на Светиот архијерејски синод на МПЦ-ОА. Литургијата ќе започне во 9 часот.

Заедничката литургија следи откако на 25 април во Скопје, митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј информираше дека е започнат процес на интеграција на Православна Охридска Архиепископија на Јован Вранишковски во МПЦ-ОА. Обединувањето е дел од договорот меѓу МПЦ-ОА и СПЦ со кој беше обезбедена согласноста на Српската црква за автокефалност на МПЦ-ОА. Во изминатиот период двете цркви ја усогласуваа поделбата на епархиите. 

Заокружувањето на тој процес ќе значи и формално згаснување на Православната Охридска Архиепископија и нејзина интеграција во МПЦ-ОА, што ќе биде историски чин на обединување кон конечната цел - полноправно признавање на МПЦ-ОА како автокефална црква.

МПЦ и СПЦ
СПЦ во 2022 година ја призна автокефалноста на МПЦ-ОАФотографија: Petr Stojanovski/DW

Одлуки

Светиот архиерејски синод на СПЦ на заседанието на 20 мај донесе одлука за доделување канонски отпуст на Православната Охридска Архиепископија (ПОА) и интегрирање во МПЦ-ОА. На заседанието особено внимание беше посветено на темата за конечното решавање на канонскиот статус на архиереите на ПОА, во светло на минатогодишната одлука на Светиот архиерејски синод за враќање во канонски статус и воспоставување литургиско единство, како и последователната одлука за доделување на Томос за автокефалност на МПЦ-ОА.  

Заокружување на процесот

По повеќе од половина век, минатата година СПЦ и додели статус на целосна независност на МПЦ-ОА по заедничка литургија во Белград. Ова следеше, откако на 9 мај, на заседание на Светиот Синод на Вселенската патријаршија, предводен од вселенски патријарх Вартоломеј, се донесе одлука за отстранување на повеќедецениската шизма наложена врз древната Охридска архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ. Тоа значеше дека Вселенската патријаршија ја признава црковната јерархија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет и воспоставува канонско и литургиско општење со неа. 

На минатогодишниот собор на СПЦ беше одобрено канонското единство со МПЦ-ОА, со што беше решен спорот, кој датира од 1967 година, кога МПЦ се одвои од СПЦ.

На 5 јуни минатата година СПЦ го официјализираше прифаќањето на автокефалноста на МПЦ-ОА. Српскиот патријарх Порфириј му врачи акт на поглаварот на МПЦ-ОА Стефан, со кој се потврдува одлуката на СПЦ, која беше објавена на 24 мај по сослужувањето на заедничка литургија во Скопје, со која Српската црква ја одобри автокефалноста на МПЦ-ОА, ставајќи крај на 55-годишниот спор меѓу двете цркви. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема