1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Сојузната влада во жестока кавга за буџетот

Сабине Кинкарц
4 јули 2024

Тешки преговори за дупките од повеќе милијарди евра, засега без резултат. Не е исклучено коалицијата на СПД, Зелените и Либералите да се распадне заради буџетот за 2025. Но, канцеларот Шолц не мисли така.

https://p.dw.com/p/4hrly
Канцеларот Олаф Шолц, министерот за финансии Кристијан Линднер и министерот за економија Роберт Хабек
Канцеларот Олаф Шолц, министерот за финансии Кристијан Линднер и министерот за економија Роберт ХабекФотографија: Ben Kriemann/PicOne/picture alliance

Партијата на канцеларот Олаф Шолц е подготвена. Во петок (05.07.) пратеничката група на СПД ќе има специјална седница. Пратениците во 7 часот наутро ќе се соберат во салата во Берлин со една единствена точка на дневен ред – нацрт буџетот за 2025 година. Тој одамна требаше да биде предложен, но трипартиската владина коалиција не можеше да се договори. Во петок е последната седница во Бундестагот пред летната пауза. Работата продолжува дури на 9 септември. Пратениците од  владејачкиот состав  се вознемирени – СПД притиска. „Сите знаеме дека се работи за екстремно напорни координации за буџетот", изјави координаторката на пратеничката група на СПД, Катја Маст и додаде: „сакаме во текот на неделата да постигнеме политички договор и во паузата да заминеме со јасни позиции за тоа како ќе изгледа буџетот." Маст бара барем главните насоки да бидат до тогаш утврдени.

Конфликтни позиции во коалицијата

Кавгата за буџетот може да ја нагризе коалицијата и тоа дополнително ги оптоварува пратениците на СПД и Зелените. Во семафор коалицијата од две леви и една економски либерална партија, две тотално спротивставени позиции се непомирливо една наспроти друга. Министерот за финансии Кристијан Линднер, кој е и претседател на Либералите,  сака драстично да штеди,  за да може во 2025 година да ја почитува  кочницата за задолжувања, која е укотвена во Уставот и налага државата да троши само онолку колку што има. СПД и Зелените пак сметаат дека тоа заради многуте кризи во Германија и во светот не е можно. Маст нагласува дека има точки кои се неизбежни и вели дека „прво да ги најдеме потребните ресурси за да правиме  инвестиции за иднината во инфраструктурата,  дигитализацијата и образованието. Второ, никогаш не оставив простор за дилема дека се работи за надворешна, внатрешна и социјална безбедност."

Да се штеди, или да се прават нови долгови?

Социјалдемократите и Зелените најрадо би декларирале повторно ситуација на нужда и би ја исклучиле кочницата за задолжување како што тоа беше случај минатите години. Барем трошоците за Украина, според нив, треба да бидат изземени од регуларниот буџет. Тоа пак Либералите експлицитно го исклучуваат.

Министерот за финансии Кристијан Линднер
Министерот за финансии Кристијан Линднер, кој е и претседател на Либералите, сака драстично да штедиФотографија: Hannes P Albert/dpa/picture alliance

Двете страни со месеци не се поместуваат од своите позиции. Либералите сакаат  да скратат социјални издатоци  и повеќе да ја поддржат економијата. Повеќепати висеше  заканата коалицијата да се распадне  поради буџетот. Но, тоа не е во корист на ниту една од трите владини партии, бидејќи во анкетите стоат толку лошо што на предвремени избори тешко дека ќе дојдат повторно на власт. Пратеничката група на СПД би била половина од сегашната бројност. Договор е важен и во однос на предизборната кампања и покраинските избори во три покраини на истокот во септември годинава. Колку негативно раскарана влада може да се одрази врз гласачите се покажа уште на европските избори минатиот месец.

Се бара компромис

Сето ова им е јасно на Шолц, на вицеканцеларот и министерот за економија Роберт Хабек, како и на Линднер. Веќе 8 недели тројцата се состануваат барајќи решение. Преговорите зад затворени врати се тешки, траат со часови. „Тешко е“, изјави Хабек во Берлин и додаде дека „сите мора да си ја скокнат сенката." Но, сега би морало да биде постигнато единство, смета Хабек, наспроти Либералите за кои темпото не е приоритетно. „Темелност и добар резултат" се важни, потенцира генералниот секретар на партијата, Бижан Џир Сарај за агенцијата Дпа.

Оптимистички канцелар

Олаф Шолц пак се труди од петни жили и вели дека се наоѓаат „на последните метри и дека е убеден дека ќе успеат." Детали не соопшти ни на седницата за пратеничките прашања во парламентот, иако пратениците од владејачкиот табор секако посакуваа да дознаат повеќе.

Олаф Шолц
Олаф Шолц на седницата за пратеничките прашања во парламентотФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Многу од нив се прашуваат како може да изгледа планот со кој ќе се затворат дупките од повеќе милијарди евра. Шолц, Хабек и Линднер се договорија да молчат и колку и вообичаено да протекуваат информации од ваквите средби, овој пат тоа не е случај.

Помалку развојна помош

Неодамна пет министерства и министри се спротивставија на прописите од министерот за финансии, бидејќи секаде просторот за маневри е далеку под 2024 година. Драстични кратења се предвидени во развојната соработка и хуманитарната помош, што посебно е спорно за министерката за надворешни работи Бербок.

Кај Зелените скепсата дека до крајот на неделата ќе се постигне договор за буџетот е поголема отколку кај СПД. Пратеничката група е во состојба краткорочно да закаже посебна седница во петок, се вели од кај нив.

И опозицијата не е задоволна

Критика за целиот процес има и од Унијата. Експертот за буџет, Матијас Миделберг му префрла на Шолц дека го држи во информативен мрак Бундестагот со тоа што „држи тајност за буџетот“. Ни критиката дека „вечно интерно“ се координира „и потоа ќе му се претстави на Бундестагот буџетот“ за да го одобри, Шолц не го извади од колосек на пратеничките прашања. Рече дека „уште месецов“ ќе има нацрт буџет и дека парламентот не е засегнат во неговата работа.

„Бундестагот по правило  за буџетот расправа  по летната пауза и се до крајот на годината", посочи Шолц и додаде дека "нема да има пречки на таквиот временски план."

 

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ