1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Многу аплаузи за Зеленски во Бундестагот-бојкот од АфД и БСВ

ЖА /АРД
12 јуни 2024

„Наш заеднички интерес е Путин да ја загуби оваа војна“, рече украинскиот претседател во емотивниот говор во Бундестагот. Пратениците на БСВ и мнозинството пратеници на АфД не беа на вонредната седница.

https://p.dw.com/p/4gwJj
Украинскиот претседател Володимир Зеленски одржа говор во Бундестагот
Украинскиот претседател Володимир Зеленски одржа говор во Бундестагот Фотографија: Axel Schmidt/REUTERS

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го искористи својот говор во Бундестагот за уште еднаш да ѝ се заблагодари на Германија за   поддршката на неговата земја   и прифаќањето на украинските бегалци. Истовремено, тој ги повика сојузниците да работат заедно за успешно завршување на руската агресорска војна против Украина.

На Русија не смее да ѝ се дозволи повторно да маршира низ Европа, рече тој, додавајќи дека рускиот претседател Владимир Путин е навикнат да ги потчинува другите. „Наш заеднички интерес е  Путин лично да ја загуби оваа војна“, рече претседателот на Украина.

Војната мора да се заврши така што ќе нема сомнеж кој победил, додаде Зеленски, постојано прекинуван со аплауз. Русија, истакна тој, мора да преземе целосна одговорност за започнување на војната и  да ја плати штетата предизвикана од неа.

Зеленски: Мораме да ја спречиме поделбата на Украина

Зеленски зборуваше и за претстојната мировна конференција за Украина во Швајцарија. „Сакаме да ѝ дадеме шанса на дипломатијата“, нагласи тој. „Украина никогаш не се потпираше само на силата на оружјето.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во Бундестагот
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во Бундестагот: „Наш заеднички интерес е Путин лично да ја загуби оваа војна“Фотографија: Lisi Niesner/REUTERS

Во својот емотивен говор, тој повлече и паралели со германската историја: „Поделената Европа никогаш не била мирна. А поделената Германија никогаш не била среќна“, рече украинскиот претседател и додаде: „Можете да разберете зошто толку силно се бориме против обидите на Русија да нѐ подели, да ја подели Украина, зошто правиме сѐ што можеме за да спречиме ѕид меѓу делови од нашата земја“.

Бас: „Иднината на Украина е во ЕУ и НАТО“

Пред говорот на Зеленски, претседателката на Бундестагот, Бербел Бас (СПД), ја увери Украина во солидарноста на германскиот парламент. „Сигурна сум дека руските воени злосторства ќе бидат казнети". Иднината на Украина, нагласи таа, лежи во Европската унија и НАТО.

Говорот на украинскиот претседател доби долг аплауз од пратениците во пленарната сала. На таа вонредна седница на Бундестагот не учествуваа пратениците на Сојузот Сара Вагенкнехт (БСВ) и мнозинството од пратеничката група на Алтернатива за Германија (АфД).

АфД: Зеленски „на функција само како просјак-претседател“

„Одбиваме да го слушаме говорникот во маскирно одело“, соопштија лидерите на парламентарната група на АфД, Алис Вајдел и Тино Крупала. За време на својот говор, Зеленски носеше црн џемпер со амблемот на украинскиот грб и маслинесто зелени панталони.

Лидерите на АфД истакнаа дека  мандатот на Зеленски е истечен. Тој е „на функцијата само како воен претседател и просјак-претседател“. На Украина сега „не ѝ треба воен претседател“, ѝ треба „мировен претседател кој е подготвен да преговара“.

Раководството на пратеничката група во понеделникот донесло таква одлука, која ја следеше пратеничката група. Сепак, некои пратеници на АфД присуствуваа на пленарната седница за време на говорот на украинскиот претседател.

БСВ: „Сигнали од Москва“

Партијата Сојуз Сара Вагенкнехт (БСВ) претходно објави соопштение за бојкот на говорот, истакнувајќи дека Зеленски во моментов придонесува за поттикнување на многу опасна спирала на ескалација и дека го прифаќа ризикот од нуклеарен конфликт со катастрофални последици за цела Европа. „Затоа не треба да биде почестен со вонредна седница во германскиот Бундестаг."

На почетокот на соопштението, кое е достапно за германскиот јавен сервис АРД, БСВ посочува дека ја осудува „војната на Русија во Украина, која го крши меѓународното право“.

Меѓутоа, неодамна, наведуваат тие, имаше „сигнали од Москва за прекин на огнот долж сегашната линија на фронтот“. Наместо да се занимава со тоа, „германската дебата за Украина веќе две години беше исклучиво фокусирана на исполнување на украинските желби за сè повеќе испораки на оружје“, според БСВ.

Соопштението не се занимава со прашањето колку се реални преговори со рускиот претседател Путин, кој е одговорен за војната.

Шолц: „Непочитување“

Канцеларот Олаф Шолц го опиша однесувањето на АфД и БСВ за време на говорот на Зеленски како „непочитување“. Тој, како што вели, бил „многу вознемирен, но не и изненаден“, пренесе владиниот портпарол на прашање на АРД.

Парламентарната директорка на пратеничката група на канцеларовата СПД, Катја Маст, изјави: „Сара Вагенкнехт очигледно ги користи сите средства за да се профилира. Сето тоа на грбот на Украина, каде луѓето дури и во овој момент се плашат за своите животи и мораат да се борат“.

Политичар на Левица Дитмар Барч рече дека таквото однесување е „невозможно“: Без оглед на тоа што некој мисли за Зеленски или за испораката на оружје, демократијата подразбира барем да се сослушаат другите, а не да привлекувате внимание, рече Барч.

Володимир Зеленски Олаф Шолц Урсула фон дер Лајен Берлин Германија
Зеленски: „Поделената Европа никогаш не била мирна. А поделената Германија никогаш не била среќна“Фотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Политичарката на владејачките либерали (ФДП), Мари-Агнес Штрак-Цимерман, реагираше на платформата Х: „Со БСВ,  Путин сега има втора партија во Германија  која го следи без размислување“. Штрак-Зимерман јасно алудираше на АфД.

Три четвртини од приврзаниците на БСВ го поддржуваат курсот на партијата

И БСВ и АфД во предизборната кампања пред европските избори многу се фокусираа на темата Украина и во исто време се оградија од ставовите на сите други партии застапени во Бундестагот.

БСВ доби експлицитна поддршка за тој надворешнополитички курс од многу нејзини гласачи. Во истражувањето нарачано од јавниот сервис АРД, 74 отсто од нив рекле дека сметаат дека е добро што БСВ води кампања против понатамошната  испорака на оружје за Украина.

Двете партии се силни на исток

Новооснованата партија Сојуз Сара Вагенкнехт освои 6,2 отсто од гласовите на европските избори и со тоа 6 од 96-те пратенички места кои ѝ припаѓаат на Германија.

Алтернатива за Германија доби 15,9 отсто од гласовите и со тоа постигна зголемување од 4,9 отсто, односно доби 15 мандати во Европскиот парламент.

Двете партии се првенствено силни во покраините на истокот на Германија: АфД таму освои околу 30 отсто од гласовите и ја претставува најсилната политичка сила. На второ место е ЦДУ со околу 21 до 22 отсто од гласовите. БСВ освои околу 15 отсто од гласовите во петте источни покраини и таму е трета политичка сила.