1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски разочаран од кадровските промени во СДСМ

ДТЗ
25 ноември 2024

„Разочаран сум затоа што не можат да бидат конструктивна опозиција. Ќе продолжат со опструкции и навреди“, изјави премиерот Христијан Мицкоски

https://p.dw.com/p/4nOkA
Христијан Мицкоски
Мицкоски за кадровските освежувања во СДСМ: Не сум импресиониран, напротив сум разочаранФотографија: Petr Stojanovski/DW

Премиерот Христијан Мицкоски не е импресиониран од новото раководство на опозициската СДСМ, туку напротив е разочаран. Смета дека тие нема да бидат конструктивна опозиција, каква што и треба на земјата. 

„Избраа раководство какво што заслужуваат. Тие најдобро знаат, ние не можеме да кажеме какво раководство треба да изберат. Не сум импресиониран од ова раководство - напротив сум разочаран, затоа што не можат да бидат конструктивна опозиција. Ќе продолжат со опструкции и навреди“, изјави Мицкоски, коментирајќи го изборот на највисоките тела на СДСМ на конгрес во неделата (24.11). 

Според премиерот, за десетина месеци ќе има тест, со почетокот на кампањата за локалните избори „и ќе видиме дали ова раководство ќе понуди нешто ново“. „Сакам да бидат конструктивен партнер на политичката сцена, но можам да кажам дека не сум импресиран“, вели Мицкоски. 

„Има се, само не нови ликови“

На 30-ти конгрес на СДСМ беше избрана Фани Каранфилова Пановска за нов заменик претседател на СДСМ. На конгресот, на кој присуствуваа 536 од 626 нови делегати, беше избран и Централниот одбор на партијата, а до крајот на неделата се очекува да биде избрано целото ново раководство на партијата. 

Но, според ВМРО-ДПМНЕ, Венко Филипче не е ново лице на македонската политичка сцена, туку е „стар и истрошен лик, облечен во ново руво, наречено претседател на СДС“.

„Филипче е потрчко и продолжена рака на неговиот другар Зоран Заев со кој, за заедно да лумпуваат на приватни и скапи журки по елитни хотели, одат дури во далечниот Дубаи. Филипче, кој е неврохирург на Заев не може да внесе свежина ниту во СДС, а најмалку на политичката сцена во Македонија“, порачаа од владејачката партија, кои сметаат дека во Централниот одбор на СДСМ има се само не нови ликови.

Венко Филипче
До крајот на неделата се очекува да биде избрано целото ново раководство на СДСМФотографија: Petr Stojanovski/DW

Огромна одговорност и нови политики

Новата заменик-претседателка на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Фани Каранфилова-Пановска, порача дека  функцијата која и е доверена со себе носи огромна одговорноста пред членовите на партијата и пред граѓаните и оти затоа ќе го стави во функција сето нејзино искуство, знаење и вештини стекнати во професионалната кариера.

„Одговорноста е огромна пред се заради фактот што СДСМ е исправен пред предизвикот да ја исцрта и уште поважно да ја одработи траекторијата на промените и реформите на партијата кои ќе го обезбедат нејзиниот  понатамошен развој и ќе го отелотворат нејзиниот правец на делување, процеси кои треба и мора да ја вратат партијата на вистинскиот колосек“, вели таа. 

Во обраќањето пред делегатите, Каранфилова-Пановска посочи дека верува во професионалноста и амбициозноста на претседателот на СДСМ, Венко Филипче и оти ќе го стави во функција сето нејзино искуство, знаење и вештини стекнати во професионалната кариера.

„Длабоко сум убедена во професионалноста, амбициозноста, трудољубивоста, страста, посветеноста, упорноста и емпатијата кои ги носи Венко, и тие беа едни од клучните причини зошто ја прифатив номинацијата. Јас ќе му дадам целосна поддршка и ќе бидам верен соработник во креирањето и спроведувањето на новите политики на СДСМ, кои ве уверувам ќе бидат политики за промени. Јас со себе тврдоглаво ги носам принципите, ставовите и наративот кои му прилегаат на   прогресивното граѓанско општество, кои во својата срж ја имаат потребата и борбата за слобода, демократија, човекови права, социјална правда, правичност, различност, рамноправност и интегритет – вредности за кои не сум правела и никогаш нема да направам компромис“, децидна е потпретседателката на СДСМ.