1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски: Пензискиот столб е стабилен

ДТЗ
6 декември 2024

Вториот фонд ќе го спасува ПИОМ. Според Мицкоски, дупката во пензискиот столб ќе постои сѐ до моментот додека не почне вториот пензиски фонд да сервисира дел од пензиите.

https://p.dw.com/p/4nqff
Христијан Мицкоски
Пензискиот столб е стабилен, вели премиерот Христијан МицкоскиФотографија: Government North Macedonia

„Пензискиот столб е стабилен“, порача премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференција во Владата откако во јавноста се отвори дебата околу долговите во коишто тоне ПИОМ и можните решенија за излез од таа ситуација. 

Мицкоски смета дека дупката во пензискиот столб ќе постои сѐ до моментот додека не почне вториот пензиски фонд да сервисира дел од пензиите. „Тоа беше очекувано во сите држави во коишто имаат таква реформа каква што имавме и ние“, вели премиерот.

Според него, вториот пензиски фонд почнува полека да учествува во исплатата на пензиите,но тоа е минимално. „Некаде отприлика за шест до седум години очекувам сето ова да биде нивелирано и да биде поинаку споредено со денешната ситуација“, дециден е Мицкоски.

Спас се бара во Вториот фонд

Фискалниот совет, државна институција основана од Собранието, предлага зголемување на старосната граница за пензија на 67 години како дел од мислењето за Фискалната стратегија (2025-2029). Овој предлог, којшто е доставен до Собранието на Северна Македонија, предвидува измената да стапи на сила во 2026 година и да важи за мажите и жените. Во документот е наведено дека се предлага намалување на дефицитот во ПИОМ, преку зголемување на границата за пензионирање на мажите и жените на 67 години, како и зголемување на придонесите за пензиско и инвалидско осигурување за 0,7 процентни поени во 2026 година, а потоа доколку состојбите се влошени и во 2027 година, да се зголеми на 21%. 

Според Фискалниот совет, ваквите мерки се потребни за одржување на Фондот на ПИОМ, намалување на фискалните ризици и за консолидација на буџетот во наредниот среднорочен период. 

Ваквиот предлог наиде на бројни реакции во јавноста, а не ја доби ниту поддршката на партиите. 

Мицкоски вели дека во делот на старосната граница и моменталните законски решенија предвидуваат ангажирање на лица коишто се во пензија. „Така што и сега ги имаме алатките коишто ги предложи Фискалниот совет“, вели Мицкоски, кој најави дека трансферите од буџетот за покривање на пензиите ќе продолжат сѐ до оној момент додека вториот пензиски столб не почне поробусно да учествува во исплатата на пензиите. 

пензионер
Вториот фонд ќе го спасува ПИОМ. Според Мицкоски, дупката во пензискиот столб ќе постои се до моментот додека не почне вториот пензиски фонд да сервисира дел од пензиите.Фотографија: Yui Mok/picture alliance /empics

Секакви идеи на маса

„Има секакви идеи на маса, за да видиме што добиваме и што губиме, за потоа да носиме одлуки“, вели премиерот. Во однос на дилемата каква ќе биде судбината на вториот столб, тој потврдува дека во неговата партија постојат различни мислења. 

„За оваа тема се дебатира и се анализира на состаноците на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, каде се носат одлуки. Едниот став е околу вториот пензиски столб да се примени концептот за националирање којшто беше применет во минатото во Естонија, Полска, Унгарија, а вториот е да продолжиме како што е досега. Има и про и контра аргументи. Во овој момент не преземаме и не носиме одлуки“, дециден е Мицкоски.

ВМРО-Народна партија деновиве излезе со мислење дека решението на проблемот со дупката во пензискиот фонд не е ниту во промена на старосната граница за пензија, ниту во зголемувањето на даноците, туку треба да се размисли околу правна форма за укинување на приватните пензиски фондови и враќање на единствениот државен пензиски фонд.

Директорот на ПИОМ, Никола Мемов, во емисијата „Бизнис21“ на ТВ21 изјави дека во моментот во трите друштва има распоредени по околу две и половина милијарди евра. „Ова значи дека имаме финансиска стабилност на пензискиот систем“, изјави Мемов.

На прашањето дали се размислува за укинување на вториот столб на пензискиот систем, Мемов нагласи дека не би сакал да коментира политички теми, но додаде дека во иднина ќе се размислува за стимулирање на вториот столб, преку олеснување на начинот на кој се прават инвестициите.

„За 18 години, пензиските друштва од вториот столб имаат остварено профит од 766 милиони евра. Размислувањата се да се зголемат можностите да вториот столб полесно инвестира со тоа што ќе имаме прогресивен профит во делот на нивното работење, можеби ќе треба да размислуваме за зголемување на стапката на трансфер кон вториот столб за да се зголеми исто така сумата на буџетите со кој тие би располагале за да инвестираат или втората крајност - вториот столб во целост да се укине!“, рече Мемов.