Лажни дојави за бомби пак ги празнат училиштата
7 февруари 2025Заканите за лажни бомби повторно се вратија во училиштата. Според премиерот Христијан Мицкоски станува збор за хибридни напади, коишто ги имаше и во регионот и се очекувани. „Досега сите дојави се лажни. Станува збор за хибридни напади коишто ќе се случуваат, не е нешто неочекувано и ќе треба да се подготвиме. Постапено е според протоколот“, вели Мицкоски, кој посети дека ваков тип на напади деновиве имаше и во Хрватска и во институциите во Унгарија.
Тој најави дека работната група којашто е формирана, одржува состанок и до крајот на денот ќе стигнат насоките до училиштата и до припадниците на МВР со цел да има непречено одвивање на наставата.
Повисоко ниво на безбедност
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на прес-конференција информираше дека меѓуресорската група за поефикасно справување со ситуацијата по дојавите за бомби е формирана од страна на МОН. Таа ги повика раководствата на училиштата дојавите да ги пријавуваат во МВР и да ги следат протоколите на полицијата.
Исто така, апелираше до наставниците и директорите на училиштата за комуникација да ги користат исклучиво службените електронски адреси креирани од МОН. На општините им препорача ако се во можност да имаат физичко обезбедување и видеонадзор во училиштата, а тие пак треба да бидат попретпазливи „кој и како влегува во овој сензитивен период“.
Поради дојави за бомби во петокот (7 јануари) беше прекината наставата во повеќе основни училишта во Скопје, Кочани, Штип, Тетово и во други градови во Северна Македонија. Проверките на полицијата покажаа дека станува збор за лажна тревога.
„По мноштвото пристигнати пријави за наводно подметнати експлозивни направи во повеќе основни и средни училишта на речиси цела територија на државата, надлежните служби на МВР преземаат сеопфатни плански мерки и активности согласно внатрешните процедури за постапување во случај на терористичко загрозување“, соопшти полицијата.
Паралелно се врши и проценка на степенот на загрозувањето во меѓусебна координација на безбедносно-разузнавачките служби, преку формиран оперативен штаб во рамки на МВР.
Закани по меил
Дојавите за поставени експлозивни направи пристигнале на мејловите на повеќе образовни установи во Скопје и во други градови во државата. Според соопштението на Општина Центар, утрината во ООУ „Киро Глигоров“ , ООУ „Димитар Миладинов“ и ООУ „ Гоце Делчев“ во Општина Центар биле добиени дојави за поставени експлозивни направи. Веднаш по приемот на пријавите, полицијата излегла на терен и презела мерки за безбедно евакуирање на учениците и вработените.
Во речиси сите основни и средни училишта во Штип имало дојави за бомби по електронски пат, по што учениците се евакуирани. Дојави за бомби се пријавени и во училишта во Охрид и во Куманово, како и во повеќе образовни институции во тетовско-гостиварскиот регион. Во некои училишта, по извршените проверки од страна на МВР, наставата е продолжена.
Апел за смиреност
Министерството за внатрешни работи апелираше за смиреност во јавноста и воздржување од ширење на дезинформации околу вакви настани што што деновиве беа евидентирани и во други земји во регионот.
Голем број училишта и во повеќе хрватски градови во четвртокот (6 јануари) добија пријави за закани со бомби, а медиумите неофицијално јавија дека заканите биле испратени од истиот сервер кој наводно се наоѓа во Африка. Во истрагата вклучени се експерти по кибербезбедност и Европол.
По едногодишно затишје,дојавите со лажни бомби повторно стануваат актуелни во регионот. Во 2022 и 2023 година наставата во основните и средните училишта со месеци беше прекинувана и се одвиваше во отежнати околности поради лажни дојави за бомби. Лажни закани беа упатувани и за јавни објекти, трговски центри и аеродроми.