1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски: Гаши да им се извини на македонските граѓани

ДТЗ
6 јуни 2024

„Неговата татковина е Македонија. Од тука тој зема плата и од страна на Македонците, Турците, Албанците, Власите е избран за претседател на македонското Собрание“, рече Мицкоски.

https://p.dw.com/p/4gjTt
Христијан Мицкоски
Мандатарот Христијан Мицкоски денеска порача дека претседателот на Собранието, Африм Гаши треба да се извини Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Мандатарот Христијан Мицкоски денеска порача дека претседателот на Собранието, Африм Гаши треба да се извини доколку навистина изјавил дека неговата татковина е Косово. Одговарајќи на новинарско прашање, по доделувањето на мандатот од страна на претседателката Гордана Сиљановска Давкова, Мицкоски рече дека не ја слушнал изјавата на Гаши која што ја пренесоа медиумите. 

„Неговата татковина е Македонија“

„Мислам дека неговата татковина е Македонија. И од тоа што сум го разговарал со него, сум слушнал лично од него дека наша заедничка татковина е нашата заедничка Македонија. Ако има таква изјава, тогаш мислам дека треба да им се извини на граѓаните на Македонија и тоа треба час поскоро да го направи, бидејќи од тука тој зема плата и од страна на Македонците, Турците, Албанците, Власите е избран за претседател на македонското Собрание“, рече Мицкоски.

Реакциите следат откако Гаши во интервју за „РТК“ зборувал за историјата на неговото семејство кое во 50-тите години на минатиот век се преселило од Качаник во Скопје. Тој порачал дека Косово е негова татковина и дека ги следи процесите кај северниот сосед.  „Луѓето родени по деведесеттите не можат да го разберат ова, но за мене Косово е мојата татковина, местото каде се родени моите родители и сочувствувам со се што се случува во Косово“, се наведува во изјавата на Гаши која што ја пренесуваат македонските медиуми. 

Христијан Мицкоски, Гордана Сиљановска Давкова
Гордана Сиљановска Давкова му го додели мандатот на Христијан Мицкоски за составување на новата влада Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Наскоро нова влада

Мандатарот од Вилата Водно најави дека наскоро ќе биде составена новата реформска влада, но пред новинарите сепак не откри детали околи имињата на новите министри.

„Почнуваме внатрепартиски консултации за предлозите за членови на владата“, рече Мицкоски. Тој има законски рок од 20 дена за формирање на новата влада, но очекува тоа да се случи и поскоро. 

„Имаме мнозинство уште утре да се состанеме и да избереме влада“, рече Мицкоски. Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ како победник на парламентарните избори на 8 мај  освои 58 пратенички мандати, но математиката на мандатарот е дека фактични имаат поддршка од 78 пратеници. „Јас ви велам дека имаме повеќе и од 80 пратеници“, рече Мицкоски. 

Според него, „новата влада ќе има основна цел и задача да се занимава со реформите, да ја трансформира Македонија во успешна европска приказна, држава која што ќе биде татковина на сите граѓани“. 

Планови за првите 100 дена

Тој најави заживување на економијата и силен инвестициски циклус уште во првите 100 дена, подобрување на стандардот на живот и линеарно зголемување на пензиите од септември.  Исто така најави надминување на проблемите во здравството, школството и помош за земјоделците. .

Мицкоски вечи дека ќе отворат и жесток фронт против криминалот и корупцијата.За ова да се случи потребно им е двотретинско мнозинство во Собранието, со цел да се направат законски измени за Советот на јавни обвинители и за Судскиот совет. ВМРО-ДПМНЕ веќе ја започна процедурата за законски измени кои ќе овозможат реорганизација на министерствата.