1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Енергетската криза го забрзува преминот кон чиста енергија

СН/агенции
27 октомври 2022

Цените на бензинот и струјата вртоглаво растат. Но, експертите гледаат и нешто добро во кризната ситуација: Меѓународната агенција за енергија предвидува дека енергетската транзиција би можела да забрза.

https://p.dw.com/p/4IjX1
Транзицијата кон обновливи извори на енергија може да се забрза
Транзицијата кон обновливи извори на енергија може да се забрзаФотографија: Georges Schneider/photonews.at/IMAGO

Според Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), глобалната енергетска криза предизвикана од руската инвазија врз Украина може да ја забрза енергетската транзиција. Покрај краткорочните заштитни мерки за потрошувачите од растот на цените, кризата доведе до тоа многу земји сега да се обидуваат да ги забрзаат структурните промени,  пишува ИЕА во својот годишен извештај претставен во Париз. Доколку се остварат плановите, инвестициите во чиста енергија би можеле да се зголемат за 50 отсто до 2 трилиони долари годишно до 2030 година.

Агенцијата ја нагласи потребата за масовно вложување во чиста енергија, без разлика дали е зелена или нискојаглеродна, како што е нуклеарната. Таа се залага и за забрзување на употребата на електрични батерии (за автомобили) и фотоволтаични уреди и електролизатори кои ќе произведуваат водород наменет специјално за декарбонизација во индустријата.

„Потребни се големи меѓународни напори за да се премости загрижувачкиот јаз кој се шири меѓу напредните економии и земјите во развој“, во смисла за вложување во чиста енергија, се додава во извештајот на ИЕА.

ИЕА денеска меѓу другото објави и дека веќе во 2025 година се очекува врвот на глобална емисија на гасови со ефект на стаклена градина, поради длабоката енергетска криза предизвикана поради руската инвазија на Украина.

„Глобалната енергетска криза предизвикана поради руската инвазија на Украина предизвика длабоки и долгорочни промени кои имаат потенцијал да го забрзаат преминувањето на поодржливи и побезбедни енергетски системи“, се наведува во извештајот на ИЕА, со седиште во Париз.

Осум дена пред Светската конференција за клима КОП27 во Египет, ИЕА предупредува во својот годишен извештај за 2022 година на јазот меѓу богатите и сиромашните земји, во смисла на вложување во енергја со ниска содржина на јаглерод.

Агенцијата повика на поголемо вложување напори на меѓународната зедница да се намали овој „загрижувачки јаз“.

ИЕА наведе дека и покрај климатските инвестиции во светот, глобалната емисија на гасови би достигнала врв од 37 милијарди тони во 2025 година, а потоа во 2050 година би паднала на 32 милијарди тони.

Во извештајот се додава оти просечната температура би можела да порасне на околу 2,5 степени до 2100 година, што е „далеку од доволно да се избегнат тешките климатски последици“.