1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меѓу стереотипи и маглива постмодерна патетика

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
27 мај 2024

Македонската литература во три германски рецензии. Колумна на Кица Колбе

https://p.dw.com/p/4gJN2
книги на македонски јазик саем на книга во Франкфурт 2016 година
Фотографија: DW/B.Georgievski

Преводот на германски на Бенјамин Лангер во последните неколку години на две книги од Петре М. Андреевски, „Пиреј” и „Сите лица на смртта”, во „Гуголц-ферлаг” (Guggolz-Verlag) од Берлин, се чини дека направи „откритие” од овој автор барем за одредена германска литературна критика. Јерг Плат (Jörg Plath), уредникот за литература во радиото „Дојчландфунк“ (Deutschlandfunk), мрачната приказна во „Пиреј”, во која за него тонот го давала „мелницата на коските” во балканските војни, ја гледа како израз на „Nation Building“, но и пример за магичниот реализам. Катарина Деблер (Katharina Döbler) во осврт за „Дојчландфунк“ за „Сите лица на смртта“ од 2020 година, посебно го истакнува описот на комитата, на чија капа стои „слобода или смрт“, а тој изговара само едно прашање: „Кого да отепам?“ Секако, Македонците знаат дека сите комити го велат тоа! Баналниот историски стереотип од македонското историско паметење за европски уши бездруго звучи „луцидно“. Парадоксално, архаизирачкиот стереотип за Македонија на Западна Европа во прозата на Андреевски наоѓа своја потврда, иако настаните што ги опишува тој имаа едно многу рационално јадро: балканските национални имеријалистички политики. Карл Краус со право истакнуваше дека војните на Балканот се подготвуваа на европските генералски маси. Кај Андреевски апсурдноста на таа политика напати се преобразува во литературно клише. Слично на баналноста на симболиката на „пирејот”.

Превод на германски на романот „Пиреј“ на Петре М. Андреевски во издание на Гуголц-Ферлаг
Превод на германски на романот „Пиреј“ на Петре М. Андреевски во издание на Гуголц-ФерлагФотографија: Guggolz Verlag

Петре М. Андреевски, всушност, вешто ја „зачинува“ баналната македонска историска приказна со латиноамериканските мирудии на магијата и реализмот „а ла Маркез“. Претпоставувам дека му влијаел прочуениот роман на Маркез, „Сто години самотија“(1967). Тоа го препознава и Катарина Деблер, кога вели дека да беше Андреевски „Латиноамериканец“, светот одамна ќе имаше чуено за него. Јас би додала дека денес германската критика полесно го прими Петре М. Андреевски отколку што би го примила, на пример, Горан Стефановски, токму затоа што Андреевски јасно потсетува на прочуениот „латиноамерикански“ урнек. Дека, пак, и рецензентката Деблер не може да ги скрие своите „стереотипи“ за Македонија, открива една реченица која сведочи за нејзината географски „дифузна“ претстава за Македонија. Според неа, Петре Андреевски е роден 1934-тата, „во еден далечен предел на Македонија меѓу Скопје и Тесалоники“!

Една друга рецензија за македонската литература во превод на германски, сугерира дека Андреевски, како единствениот познат македонски писател за германските критичарски кругови, небаре станал мерило за тоа „каква” треба да биде македонската литература за да го привлече германското внимание. Барем тоа го сугерира Гизела Ербслех (Gisela Erbslöh) во рецензијата на СВР-радиото за презентацијата на современата македонска литература во австриското литературно списание „Литература и критика” (Literatur und Kritik) во 2021. Во посебниот број се претставени прозни извадоци и поезија од 22 македонски писателки и писатели. Изборот на писатели, родени од 1980 до 1989, е на Никола Маџиров, кој го напишал и предговорот. Рецензентката веднаш истакнува дека ја разочарал најголемиот број од прозните дела, од кои го истакнува само извадокот од „Страв од варвари” на Петар Андоновски. Притоа брзо станува јасно дека таа во приказната во романот на Андоновски бара да препознае симболика за „спорот за името” на Македонците со Грците. Од презентираните поетски дела ѝ оставила впечаток само поезијата на Славица Гаџова-Свидерска, при што толкувањето на рецензентката Ербслех открива дека таа ја „читала” поезијата на Гаџова-Свидерска низ лупата на задолжителната „балканска архаичност”, низ која не само просечните германски читатели го доживуваат Балканот. Разочарувањето на рецензентката, затоа што таа очекувала нешто друго под името „современа македонска литература”, станува јасно откако ќе се прочита предговорот на главниот уредник на „Литература и критика”, Карл Маркус Гаус (Karl Markus Gauß), но и предговорот на Никола Маџиров. Кога ги читате двата предговора, добивате впечаток дека австриецот Гаус живее во актуелна Македонија, а Маџиров на некоја уште неоткриена „планета на поетите”. Насловот на предговорот на Маџиров, „Гласови на неприпадноста” не би поминал ниту како наслов за писмена во гимназија. Со право Гизела Ербслех го оценува предговорот на Маџиров како конфузен. Всушност, целиот предговор на Маџиров е во неговиот познат „литературен жаргон”, преполн со цитати, но скуден со суштина.

Кица Колбе
Кица КолбеФотографија: Privat

Затоа само Карл Маркус Гаус во својот предговор „Неоткриен предел во европската литература” укажува на суштествените проблеми на современото македонско општество, за кои секој странски читател би очекувал да бидат опишани во предговорот на македонскиот приредувач. Впрочем, тој треба германските читатели да ги направи љубопитни за посебноста на македонската литература, која потекнува не само од парадоксите на современоста, но и од сложеното историско и културно паметење на Македонците. Карл Маркус Гаус веднаш укажува дека, во презентацијата на македонската литература под наслов „Dossier Nordmazedonien“, тој, всушност, по промената на државното име во 2019 година, не би смеел да го ползува само името „Македонија”. Сепак продожува во текстот да зборува за Македонија и за Северна Македонија. Тој укажува и на ветото од Бугарија, на нејзиното барање окупацијата во Втората светска војна во македонските учебници да не се нарекува „фашистичка”, на фактот дека „партизаните предводени од Тито 1944” ја признале македонската нација и потцртува дека „оттогаш Македонците можеа да создаваат своја литература на својот јазик”. Сево ова би се очекувало да го напише приредувачот Маџиров во предговорот. Впрочем, тој живее и твори во Македонија. Напротив, тој уште во првата реченица ја презентира магливата патетика на својот поетски „жаргон на автентичноста”, кој кај него се вика „неприпадност”. „Што значи неприпадноста, останува загатка”, истакнува Гизела Ербслех.

Зошто дискрепанцата помеѓу предговорот на Гаус и тој на Маџиров е толку драстична? Затоа што рецепцијата кај обајцата на културата на другиот е во голема мера стереотипна. Гаус очекува современата македонска литература да се потпира на литературниот урнек на Андреевски. Тој урнек му се чини логичен и реален, затоа што сето тоа што го пишува Андреевски за Македонија одговара на стереотипот за архаичниот, предмодерен, брутален и варварски Балкан, за кој Македонија е и ден-денес симбол. Маџиров, пак, ги опслужува со стилот на задоцнета постмодерност своите стереотипи за модерна Европа, кои се манирот на еден одреден тип на творци во Македонија. Тој пишува така, како што си замислува дека Европа очекува од него да пишува. Затоа, особено кога се обидува во есеистиката, како во предговорот, резултатот е просечен.

Гизела Ербслех е разочарана што во литературните прилози на македонските писателки и писатели немало ништо што би ја приближило на германската публика „земјата, за чија култура знаеме толку малку, за луѓето и за нивните грижи”. Наместо тоа, имало само повлекување во приватноста и „воајеристичко џарење во туѓи прозорци”. Таа се прашува дали во современата македонска литература има автори кои пишуваат за војните во 1990-те или за конфликтите во 2000-те, како и за другите актуелни проблеми? Меѓутоа, и нејзиниот приговор е клише. Бидејќи, тој очекува литературата да биде илустрирана историја или добрата стара „ангажирана уметност”.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи