1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меѓу лажниот триумфализам и крајната деструкција

Westbalkan Gipfel in London Nikola Dimitrov
Никола Димитров
28 октомври 2022

Раната со агресијата врз македонскиот идентитет што, ете ја, стои написмено во Брисел и сведочи за вистинската бугарска позиција, да ја залечиме со афирмативни и формални позиции на земјите членки. Пишува Никола Димитров

https://p.dw.com/p/4ImwZ
Северна Македонија Урсула фон дер Лајен Димитар Ковачевски
Урсула фон дер Лајен и Димитар Ковачевски во Скопје, 26.10.2022Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Во присуство на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, неделава во Скопје беше потпишан Договорот за европската гранична агенција меѓу Северна Македонија и ЕУ. Се работи за договор што подолго време беше блокиран од Софија, ќе погодите, поради македонскиот јазик. 

Јазичната клаузула во договорот го содржи и македонскиот јазик: 

„Направено во дупликат на бугарски, хрватски, чешки, дански, холандски, англиски, естонски, фински, француски, германски, грчки, унгарски, ирски, италијански, латвиски, литвански, малтешки, полски, португалски, романски, словачки, словенечки, шпански, шведски и македонски јазик, при што секој од овие текстови е еднакво автентичен.”

Вакви соодветно идентични клаузули содржат и договорите со сите други држави од регионот. 

Ќе биде грешка ако во домашниот крајно поларизиран амбиент не кажеме дека ова е чекор во вистинската насока. Но, ќе биде исто така грешка, ако договорот го дочекаме со некаков посебен триумфализам за нешто што е толку базично и веќе обезбедено - преку Преспанскиот договор. 

Имено, по неговото стапување во сила, токму службите во ЕУ подготвија упатство за името и за другите атрибути каде македонскиот јазик, се разбира, е македонски јазик. 

Јазикот е наша работа 

Да не беше вака ќе беше спротивно на европските принципи, на меѓународното право, но и на самиот Преспански договор. Оти, додавањето на географската одредница кон името Македонија не може да се одржи без прифаќање на македонскиот јазик и идентитет. Тоа е сржта на компромисот што го затвори овој спор. 

Никола Димитров
„Тоа што Бугарија се согласи со овој договор, во никој случај не значи дека го прифаќа нашето право на самоопределување и постоењето на македонскиот јазик и идентитет.“ Никола ДимитровФотографија: Getty Images/AFP/F. Walschaerts

Во оваа смисла, добро е што договорот за Фронтекс има јазична клаузула како и со сите други држави од регионот. Да не беше така тешко дека Европската унија ќе можевме да продолжиме да ја нарекуваме „европска”. Тоа е чекор во вистинската насока. Но, прашањето е толку базично што нема простор од тоа да правиме причина за некаков триумфализам. Македонскиот јазик едноставно е наша работа за која нели - никогаш и не сме дозволиле да се преговара! 

Тоа пак што Бугарија се согласи со овој договор, во никој случај не значи дека го прифаќа нашето право на самоопределување и постоењето на македонскиот јазик и идентитет.

Самите напишаа црно на бело (и тоа среде Брисел) дека македонскиот јазик за нив е вештачки и сиромашен дијалект на бугарскиот јазик. 

Додека оваа навреда не се тргне, прашањето со Софија нема да биде решено. А кога ќе се тргне првото славење ќе треба да биде токму во бугарското општество, оти ќе значи победа на прогресивното ткиво таму кое ги надминало и победило политиките на негирање што не се од овој век. 

Нова шанса 

Дотогаш, имаме чвор што всушност го измеша нерешеното прашање и анахроната амбиција и агресија на политиката на Бугарија кон Македонија со пристапниот процес кон ЕУ.

Фактот што целиот процес е контаминиран со историја и со уцени не може да се покрие со лажен трумфализам.

И наместо да се „навива” за што побрзо усвојување на амандманот на Уставот за вметнување на Бугарите во Преамбулата, сега треба ова да го претвориме во шанса. Шанса да се поправи поправливото во надеж дека ќе успееме процесот да го направиме колку - толку функционален и навистина европски. 

Поконкретно, раната со агресијата врз македонскиот идентитет што, ете ја, стои написмено во Брисел и сведочи за вистинската бугарска позиција, да се обидеме да ја залечиме со афирмативни конкретни и формални позиции на земјите членки. Ова ќе помогне дома, но ќе помогне и во Софија, која еден историски ден ќе мора да ја прифати реалноста. Тоа ќе помогне и во ЕУ за да се обесхрабрат и други агенди на националистички ревизионизам што се многу опасни, особено за регионот. 

Да внесеме европско искуство 

Понатаму, ако веќе се направи тоа што многу земји членки и високи ЕУ претставници го нарекуваа Пандорина кутија, а австриската министерка за Европа, Каролине Едштадлер и директно кажа - преседан што не смее да се повтори -  додека дома нè лажеа оти немало вметнување на историски прашања во пристапниот процес, ајде да видиме како да ја ограничиме штетата. Сакала тоа владата дома да го признае или не, и од комисијата за историја ќе зависи динамиката на пристапниот процес со ЕУ.  Ако е така, а така е, ако билатералното прашање дозволија да стане европско, тогаш да го направиме и форматот да стане европски наместо билатерален. Да внесеме европско искуство и експерти во собата на историчарите. 

Тоа ќе ја рационализира и подобри атмосферата за работа на историчарите. Ама за ова да се случи треба основна пристојност за да не се лаже веќе. И основна политичка самодоверба за да се надминат ниските партиски страсти и зрело да се дефинираат македонските интереси кои во моментов е можно да се заштитат единствено преку еден среден пат - соочување со реалноста и упорност и вештина за поправање, наместо целосната деструкција или лажниот триумфализам што за жал ни се нудат од двата екстреми на македонската политика.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема