1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Инцидент на изложба на македонски уметник во Солун

ДТЗ /МИА
27 април 2023

Македонското МНР ги алармираше грчките власти и ја повика грчката амбасадорка Софија Филипиду за инцидентот со Златна зора, којшто се случил на изложбата на уметникот Сергеј Андреевски во Солун.

https://p.dw.com/p/4QcJZ
МНР
Македонското МНР ги алармираше грчките власти за инцидентот со „Златна зора“Фотографија: DW/P. Stojanovski

Група маскирани членови на „Златна зора“ упаднале на изложбата на македонскиот ликовен уметник Сергеј Андреевски во Солун. Со маски на лицата, капчиња и качулки за да ги скријат своите лица, група членови на Златна зора, влегле во галеријата на солунската општина Каламариа, каде што е во тек изложба на македонскиот ликовен уметник, јави дописничката на МИА од Атина. 

Веста ја потврди и македонското Министерство за надворешни работи. Тие информираа дека инцидентот се случил во средата навечер (26.04) во Солун, кога во галеријата упаднале група маскирани луѓе, кои со непристојно и вулгарно вербално однесувањесе обиделе да предизвикаат прекинување на изложбата, по што си заминале.

„Иако без демонстрација на физичко насилство или нанесена материјална штета, поради заканите и вербалните напади била повикана и полиција, која е целосно известена за инцидентот“, велат од МНР.

Аларм по инцидентот

За инцидентот се известени и Генералниот конзулат на Северна Македонија во Солун и Амбасадата во Атина, кои веднаш стапиле во контакт со надлежните органи на Грција, а за инцидентот е информирано и грчкото Министерство за надворешни работи. Во текот на денешниот ден, во МНР е повикана и грчката амбасадорка Софија Филипиду, при што и формално ќе бидат упатени очекувањата од јужниот сосед да бидат преземени сите мерки за откривање и процесирање на сторителите, информираат од македонското МНР. 

Златна Зора
Судот во Атина во 2020 година пресуди дека деснорадикалната партија Златна Зора функционира како криминална организацијаФотографија: Alkis Konstantinidis/Reuters

Видео порака

МИА пренесува дека во објавено видео на т.н „Фронт на подмладокот - Златна зора“ се тврди дека „Златна зора ја запечати скопската изложба во Каламариа“ и се додава дека не прифаќаат никаков компромис за „грчкиот карактер на Македонија“, дека станува збор за „очигледен потсмев и навреда на националното чувство на Македонците“, па затоа морале да „интервенираат“ и пред сѐ да испратат порака до грчките властите дека „ваквите провокации не остануваат без одговор“.

На влезот од галеријата залепиле плакати на кои се наведува дека „се забранува секаква реклама или отстапување на јавен простор со пари од грчките граѓани за организации или личности како што е Сергеј Андреевски, кои ја поткопуваат грчката историја, го оспоруваат грчкиот карактер на нашата земја, ги отстапуваат нашите национални симболи и одобруваат криминал врз Грците“.

Златна зора како политичка партија во периодот од 2012 до 2019 година беше дел од грчкиот парламент, а со судска пресуда од 2020 година е прогласена за криминална организација и нејзиното раководство, поранешни пратеници и членови, веќе три години издржуваат затворска казна. Изложбата „Неизложени дела на хартија“ на ликовниот уметник Сергеј Андреевски беше свечено отворена пред една недела во Солун.