1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Марш на незадоволство - студентите бараат подобар стандард

ДТЗ
17 ноември 2022

Тие бараат подобри услови во студентските домови, изземање на студентите од антикризните мерки, изедначување на стипендиите, подигнување на квалитетот на образованието и дигитализација

https://p.dw.com/p/4Jb4I
студенти
Студентите бараат подобар стандард и услови за живот во домовитеФотографија: DW/K. Ozimec

Студентите кои деновиве го кренаа гласот за заштита на студентскиот стандард и подобри услови за живот во домовите, денеска обединето излегуваат на марш со кој симболично ќе го одбележат Меѓународниот ден на студентите – 17 Ноември. Кон првичните најави за студентски марш на движењето „Студентски отпор“ се приклучија и универзитетските собранија при УКИМ, Штуловиот универзитет, ФОН, Американ колеџ, ФОП, универзитетите од Битола и Штип.

УСС на УКИМ објави дека борбата на студентите е заедничка и само сплотени и заедно ќе успеат да ги заштитат нивните права и ќе ги исполнат нивните барања. Тие бараат издвојување средства од буџетот за подобри услови во студентските домови, изземање на студентите од антикризните мерки, целосно спроведување на Законот за студентски оброк и зголемување на сумата, изедначување на стипендиите, подигнување на квалитетот на образованието и дигитализација. 

Маршот е најавен за во 17:30 часот пред зградата пред Владата, а ќе заврши пред Министерството за образование и наука (МОН). 

„Ги повикуваме сите кои се вклучени активно во образованието меѓу кои, средношколци, професори, декани и ректори да ни дадат поддршка и да се приклучат на маршот! Ајде сите заедно да се избориме за нашите студентски права и подобар студентски стандард! Оваа борба е заедничка и само сплотени и заедно ќе успееме да ги заштитиме нашите права и барања“, се вели во повикот на социјалните мрежи.

оброк студенти
Маршот следи по незадоволството коешто го предизвика предлог-законот за субвенциониран оброкФотографија: Franziska Kraufmann/dpa/picture alliance

Субвенционираниот оброк како иницијална каписла

Маршот следи по незадоволството коешто го предизвика предлог-законот за субвенциониран оброк, којшто по бурните реакции беше повлечен. На средбата во понеделникот меѓу претставници на студентите со пратениците, министерот за образование Јетон Шаќири и премиерот Димитар Ковачевски, беше постигнат договор за субвенционираниот студентски оброк. Дел од студентите, коишто протестираа пред Собранието, посочија дека имаат цела листа на барања која очекуваат да биде исполнета.

Тие бараат издвојување средства од буџетот за зголемување на износот на субвенционираниот студентски оброк од 120 денари на 150 денари дневно, издвојување средства од буџетот за израмнување на сумата на стипендиите согласно измените од последното покачување на стипендиите, издвојување средства за реновирање и обезбедување нормални услови за престој во студентските домови, долгорочен план за формирање „студентски градови”, а бараат и стопирање на најавената приватизација на студентските домови и издвојување доволно средства за изземање на студентите од антикризните мерки на Владата за рационализација и штедење струја.

Од Владата и денеска порачаа дека се подготвени да со слушнат гласот на студентите, коишто се иднината на земјата и се подготвени за изнаоѓање решенија за проблемите со кои тие се соочуваат. „Студентите секогаш имаат право да го кажат својот глас, своите ставови, а на нас кои што сме во Владата и пратениците, е тие ставови да ги сослушаме, да ги разговараме со студентите и да се дојде до решение кои што ќе биде на задоволство на сите“, порача деновиве и премиерот Димитар Ковачевски.

 

Студентски маки со прескапи станови