1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаФранција

Ле Пен на суд поради обвинение за проневера на европски пари

ЕМФ | агенции
30 септември 2024

Француската десна популистка Марин Ле Пен од денеска ќе одговара пред суд поради обвиненија за проневера на пари од ЕУ. На обвинителната клупа се уште 27 лица.

https://p.dw.com/p/4lDvo
Франција | Марин Ле Пен
Марин Ле Пен и други деснопопулистички политичари мора да се појават пред парискиот кривичен судФотографија: Dimitar Dilkoff/AFP/Getty Images

Марин Ле Пен и други деснопопулистички политичари денеска (30.09) мора да се појават пред парискиот кривичен суд. 28-те обвинети се товарат за проневера на европски пари. Покрај долгогодишната лидерка на партијата Национален собир, Марин Ле Пен, меѓу обвинетите е и нејзиниот татко и основач на партијата Жан-Мари Ле Пен. Обвиненијата се однесуваат на периодот од 2004 до 2016 година и насочени се против партијата Национален собир (порано Национален фронт), пратеници и асистенти. Според обвиненијата, се работи за можно фиктивно вработување на асистенти за повеќемина француски европратеници. Централното обвинување е дека партијата на Ле Пен добила пари од Европскиот парламент за парламентарни асистенти кои всушност работеле за партијата.

Станува збор за проневерени пари во висина од околу седум милиони евра. Пред една година, Марин Ле Пен веќе префрли назад 330.000 евра кои ги побара Европскиот парламент. Сепак, нејзината партија постојано нагласува дека тоа не е признание на погрешно однесување. Самата Ле Пен отсекогаш ги негираше обвинувањата.

Аферата со години ја оптоварува Ле Пен и нејзината партија. Доколку бидат прогласени за виновни, обвинетите се соочуваат со високи парични казни и затворски казни до десет години. Обвинетите исто така би можеле да бидат прогласени за неподобни за избор во период од пет години, што би можело да ја спречи кандидатурата на Марин Ле Пен на претседателските избори во 2027 година.

Судскиот процес доаѓа во време кога Националниот собир е посилен од кога било. Десничарските националисти, кои важеа за потенцијални победници на предвремените парламентарни избори што се одржаа во јуни, на крајот завршија само на третото место. Сепак, со оглед на тоа што партијата е силно застапена во парламентот, таа може да врши големо влијание врз новоформираната централно-десничарска влада на конзервативниот премиер Мишел Барние.

Тоа што Ле Пен и други партиски функционери сега треба да седнат на обвинителна клупа ги кочи напорите на партијата да се нормализира. Ле Пен не само што ѝ даде ново име на партијата, туку и се огради од премногу радикални позиции со цел да ја направи поранешната јасно десничарска екстремистичка партија привлечна за средната класа.