1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КултураГерманија

Маргарете Зусман, заборавената германска филозофина

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
14 август 2023

Иако во времето меѓу двете светски војни Зусман беше позната есеистка, по војната беше речиси заборавена. Jа открија повторно модерните феминистички филозофини и во неа ја препознаа раната феминистка. Пишува Кица Колбе.

https://p.dw.com/p/4V7k7
Кица Колбе, авторка на колумната
Кица Колбе, авторка на колумнатаФотографија: Privat

Во неа преживеа една германска мисловна традиција, која до Хитлеровата Германија беше израз на длабоката творечка симбиоза на германскиот и еврејскиот дух. Тоа беше духот на асимилираните Евреи во Германија, такви како Валтер Бенјамин, Теодор В. Адорно, Макс Хоркхајмер или Хана Аренд. Малкумина го паметеа името на една голема германска филозофина со еврејско потекло, Маргарете Зусман (Margarete Susman, 1872-1966), иако и таа го преживеа    Холокаустот, иако се‘ до крајот на животот живееше  близу Германија. А остана жива затоа што беше доволно реалистична да сознае дека доаѓањето на власт на Хитлер 1933-та е голема опасност за секој Евреин и Еврејка. Таа уште 1934-та емигрираше со фамилијата  во Швајцарија, каде остана до крајот на животот. Иако во времето меѓу двете светски војни таа беше позната есеистка и се движеше во круговите околу најпознатите германски филозофи, по војната беше речиси заборавена, а ја открија повторно германските феминистички филозофини пред три децении.

Маргарете Зусман беше родена во Хамбург, во едно време кога  особено во богатите германски фамилии како нејзината, татковците не можеа да  замислат студии ниту за своите сестрано надарени ќерки, како што беше таа самата. Младата Маргарете уште во  приватната школа за ќерките од  богатите хамбуршски фамилии сонуваше да студира, ништо помалку, туку токму „чиста филозофија“.  Дури  по ненадејната смрт на татка си таа  добива шанса да студира сликарство на ликовните академии во Диселдорф, Минхен, Берлин и Париз. На студиите по сликарство го запознава својот иден сопруг, сликарот  Едуард фон Бендеман (Eduard von Bendemann, 1877-1959). 

Откривање на филозофската есеистичка проза

Другата силна дарба, онаа за поетското творештво, за кое не и‘ требаше академска диплома за да биде прифатена,  Зусман ја пројавува уште во  младоста. Првата поетска збирка, „Мојата земја” (Mein Land), ја објавува 1907-та, а до 1953-та следат уште неколку  поетски книги.  Сепак, поезијата како, впрочем, и сликарството, остануваат само споредна творечка област за Маргарете Зусман, особено откако на возраст од  триесет и пет години ја открива  филозофската есеистичка проза. Пресвртот во нејзиното творештво е поврзан со нејзината се‘ појасна еврејска самосвест, која ја артикулира  1907-та во  есејот  „Еврејството и културата“  (Judentum und Kultur), објавен во весникот „Франкфуртер цајтунг” (Frankfurter Zeitung). Во следните години таа продолжува непрекинато да пишува филозофски рецензии за  штотуку објавени дела на познати филозофи и писатели. Најголемиот број од нив се, како и таа, Германци со еврејско потекло. Во своите луцидни рецении  таа, на пример,   ги  открива за читателите раните дела на  Ѓерѓ Лукач (Georg Lukács) и на   Франц Розенцвајг (Franz Rosenzweig). Зусман го толкува  во еден есеј од 1919-та само една година порано објавеното дело „Духот на утопијата” (Geist der Utopie) на младиот филозоф Ернст Блох (Ernst Bloch).

Еден од нејзините најзначајни есеи од доцните дваесетти е оној посветен на творештвото на Франц Кафка, „Проблемот на Ијоб кај Франц Кафка”( Das Hiob-Problem bei Franz Kafka), од 1929. Во него таа првпат ги  толкува мотивите кои ќе ги развие во целост 1946-та, во нејзиното клучно филозофско дело „Книгата Ијоб и судбината на еврејскиот народ” (Das  Buch Hiob und das Schicksal des jüdischen Volkes). Неверојатно богатата филозофска есеистика таа  од 1954-та до 1965-та  ја преобавува во неколку збирки со студии и есеи, како „Ликови и кругови” (Gestalten und Kreise), „Толкување на библиските ликови“( Deutung der biblischen Gestalten), „За тајната на слободата” (Vom Geheimnis der Freiheit).

Еден од нејзините најзначајни есеи на Маргарете Зусман е оној посветен на творештвото на Франц Кафка (на фотографијата)
Еден од нејзините најзначајни есеи на Маргарете Зусман е оној посветен на творештвото на Франц Кафка (на фотографијата)Фотографија: picture alliance/CPA Media

Освен филозофијата и филозофијата на  религијата, Маргарете Зусман сето време продолжува да ја следи и толкува модерната лирика, а 1910-та ја објавува   збирката есеи за лириката „Сушноста на модерната лирика” ( Das Wesen der modernen Lyrik). Таа секогаш  одново се враќа  на една  од централните теми во лириката – љубовта. Така 1912-та  ја објавува збирката есеи „За смислата на љубовта”( Vom Sinn der Liebe), а на љубовта во лириката се посветени и книгите  „Жените  во Романтизмот” (Фrauen der Romantik) од 1929-та, како и  „Толкување на една голема љубов – Гете и Шарлоте фон Штајн” (Deutung einer großen Liebe – Goethe und Charlotte  von Stein) од 1951-та.

Без сомнение, филозофијата останува нејзината животна определба и најсилен мисловен стремеж, иако таа според своето богато творештво е и сликарка и поетеса и прозаистка. Меѓутоа, најзината најсилна интелектуална харизма е толкувањето на филозофските и  богословските списи и идеи.  Во Минхен, во 1901-та, таа студира кај филозофот Теодор Липс (Theodor Lipps), а потоа студиите по филозофија ги продолжува во Берлин, кај прочуениот филозоф Георг Зимел (Georg Simmel). Во интелектуалниот круг околу Зимел и неговата харизматична сопруга Гертруд Зимел ( Gertrud Simmel), kоја и самата била многустрана, затоа што била музичарка, писателка и филозофина,  Зусман ја вовеле германско-еврејски пријатели, обожаватели на  во тие години култниот поет  Штефан Георге (Stefan George). На кругот околу Зимел му припаѓале и филозофите  Ернст Блох и Мартин Бубер ( Martin Buber), со кои Зусман ќе ја поврзува долгогодишно пријателство.

Раната феминистка

Модерните феминстички филозофини во Маргарете Зусман веднаш ја препознаа раната феминистка. По Првата светска војна, која за европските интелектуалци ги разниша темелите на сите дотогашни толкувања на историјата, културата и филозофијата, Зусман   ја критикува во списот  од 1918-та, „Револуцијата и  женata” ( Die Revolution und die Frau), пасивноста на жените во европската христијанско-еврејска традиција. Според неа, жените предолго беа воспитувани дека не приличело на жената активно да се бори во општеството против војната или против социјалната неправда. Зусман го критикува  сфаќањето на верата кај жените   во духот на деветнаесеттиот век, во кој верата е само  „внатрешен духовен живот” (Innerlichkeit),  кој жените  ги затвора во пасивноста на приватниот живот во фамилијата. Напротив, за оваа мислителка Првата светска  војна  е длабоката траума на новиот, дваесеттиот век, која бара од сите, и од жените и од мажите, да бидат критични, да си го постават прашањето колкава е и нивната одговорност за таа катастрофа. Зусман  е уверена дека при таква катастрофа за човештвото како војната, никој не може да  остане чист, негибнат од големата вина за неа. И тука  оваа неверојатно храбра, луцидна филозофина, која постојано размислува не само од позицијата на филозофијата, туку   и од  позицијата на верата во Бога, потсетува на сознанието на Достоевски во „Браќа Карамазови“, изговорено  од старецот Зосима, според кое секој  е виновен за сите и за се‘! Во таа смисла,  прашањата кои ги поставува Зусман  во своите списи  за причините и за одговорноста за војните се актуелни и денес. 

Сиот живот на Зусман  изразува еден многу модерен став во многу аспекти. На пример, таа стои суверено над сите културни и академски норми. Таа не ја толкува филозофијата  заради сопствената  академска задача, туку заради сопствениот жар за толкување  и разгатнување на светот. Тоа, во исто време, е израз на еден стремеж што е длабоко присутен во еврејската религиозна филозофија, мистика и  богословие. Толкувањето на темелните религиозни списи, Светото Писмо, но и на христијанското богословие,  се  во фокусот на нејзиното размислување. Маргарете Зусман постојано мисловно посредува – помеѓу еврејската и христијанската традиција, помеѓу филозофијата и уметноста, помеѓу Модерната и традицијата. На пример, Ијоб е за неа модерната, осамена индивидуа. Таа е првата која романот „Процес” на Франц Кафка го толкуваше  во религиозен контекст. Тој есеј, но, пред се‘, делото „Книгата Ијоб и судбината на еврејскиот народ”  македонските издавачи би требало што поскоро да ги направат пристапни и за македонските читатели.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема