1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ТИ: Македонија назадува во борбата со корупцијата

ДТЗ
11 февруари 2025

Според Транспаренси интернешнл, Македонија бележи пад од 12 места во борбата против корупцијата во однос на 2023 година. Таа и понатаму е во друштво на Суринам, Виетнам, Казахстан и Танзанија

https://p.dw.com/p/4qI4k
Транспаренси интернешнл
ТИ: Македонија назадува во борбата со корупцијатаФотографија: DW/C.Vieira Teixeira

Северна Македонија е на 88. место од 180 држави според најновиот Индекс за перцепција на корупцијата за 2024 година,којшто годишно го објавува Транспаренси Интернешнел. Со 40 поени, на скалата каде 0 е најкорумпирана, а 100 е најмалку корумпирана, земјата бележи пад од два поени. Таа е 12 места подолу во однос на претходното рангирање за 2023 година, кога беше на 76 место и беше критикувана поради измените во Кривичниот законик.

Северна Македонија и понатаму е во друштво на Суринам, Виетнам, Казахстан и Танзанија. Од земјите од Западен Балкан, подобро рангирани од Македонија се Албанија со 42 поени на 80 место,  Косово со 44 поени на 73 позиција и Црна Гора со 46 поени на 65 место.

Полошо рангирани од Македонија се Србија со 35 поени на 105 место и Босна и Херцеговина со 33 поени на 114 позиција на Индексот на корупција. 

Според претседателот на Транспаренси Интернешнл-Македонија, Благоја Пандовски, негативните резултати се последица на големиот број на скандали кои се случија минатата година, особено во  судството. Неказнивоста на високата корупција поврзана со лица на јавни позиции, индициите за политичко влијание во судството, лошата контрола која Судскиот совет ја врши врз судиите и препораките на оценската мисија на Европската Унија, кршењето на законот со изборот на кандидати за Академијата на судии и јавни обвинители за време на избори, се само дел од случувањата коишто беа забележани лани.  

Земји со „нула“ корупција 

На врвот на листата на земји со „нула“ корупција и понатаму се Данска, Финска, Сингапур и Нов Зеланд коишто имаат по 100 поени. Германија и натаму е во групата земји кои водат на листата, односно меѓу земјите со најниска стапка на перцепирана корупција – таа е на десетото место со Канада (75 од 100 поени).

На дното на листата, пак, се земји коишто се соочуваат со конфликт или со многу ограничени слободи и слаби демократски институции. Јужен Судан (8), Сомалија (9) и Венецуела (10) ги заземаат последните три места. 

корупција
Петнаесет од деветнаесет земји во регионот стагнираат или опаѓаат, бидејќи владите не успеваат да ги спроведат ниту најосновните мерки против корупцијата.Фотографија: picture-alliance/dpa

Недостиг на ефективни антикорупциски контроли

Петнаесет од деветнаесет земји во регионот стагнираат или опаѓаат, бидејќи владите не успеваат да ги спроведат ниту најосновните мерки против корупцијата. Многу држави имаат несоодветни закони кои го контролираат политичкото финансирање, обелоденувањето на лобирањето или транспарентноста на вистинската сопственост.  Според Транспаренси, владите во голема мера го игнорираат јавниот интерес, користејќи специјална легислатива за да ги избегнат контролите на стратешките инвестиции со висока вредност.

Владата на Албанија (42), на пример, склучила договори за странски инвестиции во вредност од милијарди американски долари, ризикувајќи да ја уништи скапоцената делта на реката Вјоса. Спорни проекти, се наведува дека биле склучени и во Србија.

Во извештајот се потенцира дека со оглед на тоа што Европската Унија дава приоритет на проширувањето, земјите кандидати имаат можност да обезбедат долгорочни придобивки за своите граѓани, преку воспоставување ефективни контролни механизми против корупцијата и со зајакнување на владеењето на правото.

Индексот на перцепција на корупцијата (ИПК) за 2024 година покажува дека корупцијата е опасен проблем во секој дел од светот, но промени на подобро се случуваат во многу земји. Истражувањето исто така открива дека корупцијата е главна закана за климатските активности.

Индексот на перцепција на корупцијата рангира 180 земји и територии ширум светот според нивното забележано ниво на корупција во јавниот сектор.