1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија го празнува 11 Октомври

ДТЗ
11 октомври 2022

Да се биде на вистинската страна, значи да се избере патот на мирот и напредокот. Нашата денешна битка е токму таква - да продолжиме по патот на мирот и прогресот, порача државниот врв.

https://p.dw.com/p/4I1mJ
Северна Македонија
Северна Македонија денеска го празнува Денот на народното востание - 11 Октомври.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Со пораки за сплотеност, надминување на разликите, цврста определба за заштита на националните и државните интереси и желби за напредок и просперитет на патот кон ЕУ, Северна Македонија го празнува Денот на народното востание - 11 Октомври. Станува збор за најсветлите датуми во македонската историја, кога продолжуваат слободарските традиции започнати со Разловечкото, Кресненското, Карпошовото и Илинденското востание.

„Да се биде на вистинската страна, значи да се избере патот на мирот и напредокот. Нашата денешна битка е токму таква - да продолжиме по патот на  мирот и прогресот, без да дозволиме кој, што и кога било да ни го попречи овој пат“, порача премиерот Димитар Ковачевски на централната манифестација во Куманово.

Претходно, владината делегација положи свежо цвеќе на Спомен-костурницата во Куманово. 

Осврнувајќи се на историјата, Ковачевски рече дека и во поновата македонска историја е задржан континуитетот да се биде на вистинската страна. „Застанавме на вистинската страна и во 2018-тата година, со потпишувањето на Договорот од Преспа, по што станавме 30-та полноправна членка на НАТО. Денес, во услови на мировните закани во глобален контекст, се сфаќа вистинското значење на оваа тешка, но единствено исправна одлука, со којашто ги зацврстивме територијалните граници на нашата држава на европската и светската мапа“, рече Ковачевски. Тој порача дека Владата е подготвена да ја предводи државата на патот кон целосно зачленување во ЕУ, со целосна цврста и трајна заштита на националните и државните интереси. 

„Денес, да се биде на вистинската страна значи европски интеграции, примена на европските вредности, постигнување на европскиот животен стандард, придонес во европскиот мир. Блокадите на закони и мерки дома, на напредокот на меѓународен план, изолацијата на државата - се погрешна страна. И со ништо не може да се оправда ваквото однесување, бидејќи е современ чин на предавство на својот народ и својата држава“, нагласи Ковачевски. 

Северна Македонија
Северна Македонија го празнува Денот на народното востание - 11 ОктомвриФотографија: Petr Stojanovski/DW

Заеднички да се соочиме со проблемите 

Претседателот Стево Пендаровски порача дека е време да се остават личните интереси и суетите настрана и да се работи за општото добро. „Благословени со можноста да живееме во слобода и мир, во сопствена држава“, вели Пендаровски. 

Денес, 81 година по почетокот на антифашистичката борба која донесе слобода и македонска држава, според Пендаровски, заедно со целото човештво сме исправени пред нови искушенија. „Покрај сите здравствени, економски, безбедносни и енергетски проблеми, се сочуваме и со длабока поделеност во македонското општество. Како што излегувајќи во партизани, зад слободарскиот бајрак, застанаа левичари и десничари, Македонци и припадници на останатите националности, селани, работници, еснафи и поимотни, така и сега треба да се сплотиме и заеднички да се соочиме со проблемите. 11 Октомври и антифашистичката борба нека ни бидат инспирација за надминување на поделбите и национално помирување преку меѓусебна почит“, додава претседателот. 

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски од пред Палатата на нациите во Женева упати честитка до граѓаните по повод 11 Октомври - Денот на македонското востание. „Токму овој ден нè обврзува сите генерации од современа Северна Македонија да ја градиме со напредок и просперитет. Заедно борејќи се против фашизмот придонесовме за глобален мир и просперитет. Денеска современиот патриотизам значи напредок и просперитет, одење сите заедно и сложно на патот кон европските интеграции за Република Северна Македонија“, вели Спасовски. 

Димитар Ковачевски 11 октомври
Ковачевски: Денес да се биде на вистинската страна значи европски интеграции, примена на европските вредности, постигнување на европскиот животен стандардФотографија: Government of North Macedonia

На вистинската страна на историјата 

За лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денешниот ден е еден од најсветлите датуми во македонската историја затоа што значи почеток на ослободителното и антифашистичко востание на македонскиот народ крунисано со АСНОМ и втемелување на македонската државност. 

„Тоа е нашето свето антифашистичко наследство на кое сите граѓани на Македонија треба да се гордеат, затоа што застанале на вистинската страна на историјата и на тој начин го оствариле вековниот стремеж на илјадници други знајни и незнајни јунаци за слободна Македонија“, вели Мицкоски. Тој е дециден дека борбата за Македонија никогаш не престанува, било да е тоа борба за напредок и подобар живот, било да е тоа борба против повампирените хегемонистички апетити кон Македонија.

На сплотеност повика и претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој оцени дека денес битката се води во повеќе димензии и предизвикот е повеќекратно поголем. Покрај животната егзистенција, во прашање е и економската, енергетската и здравствената криза која надвиснала над светот како темен облак.

„Затоа, сплотени и единствени како граѓани и како човечки суштества, никогаш да не заборавиме да бидеме на вистинската, исправна страна, да се бориме за достоинствен и еднакво добар и квалитетен живот за сите. Заедно да градиме стабилна и сигурна иднина за идните поколенија“, порачува Џафери.