1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонците незадоволни од политичките слободи

11 мај 2023

Испитаниците од РСМ немале големи очекувања за промена на состојбите и во иднина, покажува глобалното истражување на „Галуп интернешнл“

https://p.dw.com/p/4RBZ5
Македонците незадоволни од политичките слободи
Македонците незадоволни од политичките слободи Фотографија: P. Stojanovski/DW

Мнозинство од граѓаните на Северна Македонија сметаат дека „не се доволни“ политичките слободи во земјата, уште поголемо мнозинство дека „не се доволни“ економските можности, а поделен е впечатокот дали политичките слободи и економските можности ќе се подобрат во следните 25 години. Ова го покажуваат објавените резултати од глобалното истражување (август-октомври 2022) спроведено за 75-годишниот јубилеј на Светската асоцијација Галуп интернешнл, кое опфаќа околу две третини од светската популација (и повеќе од 90% од оние земји во кои слободно се спроведуваат и објавуваат истражувања на јавното мислење).

На прашањето „како би ги оцениле политичките слободи - доволни ли се или не во вашата земја“, 25 % од испитаниците во Северна Македонија одговориле дека политичките слободи „се доволни“, а 70% се изјасниле дека „не се доволни“. По ова прашање земјата е речиси на дното на ранг листата. Поголем процент на испитаници кои се изјасниле дека „не се доволни“ политичките слободи во нивната земја има само во Сиера Леоне (75%), Брег на Слоновата Коска (72%) БиХ (77%) Еквадор (78%), Либија (83%) Нигерија (86%) и Перу (82%).

На прашањето - дали се доволни економските можности, во Северна Македонијасамо 8% од испитаниците се изјасниле дека „се доволни“, а 88% дека „не се доволни“. Зад РСМ на оваа ранг листа се само четири земји: Перу и Аргентина со 90% („не се доволни“) а последна на листата е БиХ со 92% од испитаниците кои одговориле дека економските можности „не се доволни“, за разлика од само 6% кои сметале дека „се доволни“.

Меѓу песимизам и оптимизам

Покрај посочените перцепии за (не)доволноста на политичките слободи и економските можности, според резултатите, македонските испитаници не искажале големи очекувања за промена на состојбите и во иднина.

На прашањето - што очекувате да се случи во следните 25 години во однос на политичките слободи, 33 % од испитаниците во Северна Македонија се изјасниле дека очекуваат тие „да се зголемат“, 26% сметаат дека тие „ќе останат речиси исти“, а 35% дека „ќе се намалат“.

Во однос на економските можности во следните 25 години, 30% од испитаниците во Северна Македонија изразиле оптимизам дека тие „ќе се зголемат“, 19 % сметаат дека „ќе останат речиси исти“, а 47% дека „ќе се намалат“.

„Индексот, кој ги комбинира и позитивните и негативните одговори за слободата и економските можности за сегашноста и иднината, покажува дека земјите со повисок животен стандард, очекувано, се пооптимистички настроени за нивните економски и политички перспективи денес, отколку оние со понизок стандард на живеење (не без исклучоци). Во првите пет земји се: Шведска (со делот на одговори „доволно“ за политички слободи денес и делот на одговорите „доволно“ за економски можности денес, со индекс 135, потоа следат Швајцарија (132), ОАЕ (129), Индија (114) и Германија (113) . Посиромашните земји се и најпесимисти денес - Нигерија (177), Либија и Перу (172), Босна и Херцеговина (169), Еквадор (161) и Северна Македонија (158)“, наведуваат од Галуп.

синдикален протест на Први мај во Скопје Северна Македонија
Македонците очекуваат намалување на економските можности на подолг рок - синдикален протест на Први мај во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Глобална слика

Според одговорите на прашањето за политичките слободи во нивнатата земја денес, глобално 42% сметаат дека политичките слободи се доволни, а 50% сметаат дека се недоволни. На врвот се Обединетите Арапски Емирати каде 75% од испитаниците се изјасниле дека политичките слободи „се доволни“ а, 22% „не се доволни“. Во првата петорка се и четири земји од Европа. Во Шведска 74% од испитаниците се изјасниле дека политичките слободи „се доволни“, а 17% дека „не се доволни. Со ист процент е и Португалија каде исто така 74% рекле дека „се доволни“, а 23% дека „не се доволни“. Следи Швајцарија со сооднос 69% наспроти 23% и петта е Германија каде 63% сметаат дека политичките слободи се доволни а 30% дека не се доволни.

„На прашањето за економските можности во нивната земја, во светски рамки 29% од испитаниците сметаат дека економските можности се доволни, а 64% дека тие не се доволни. Најмногу негативни оценки има во Босна и Херцеговина (6% „доволни се“, 92% „не се доволни“, образувајќи негативна разлика од -86 поени), Аргентина (-84 поени), Перу (-83), Нигерија (-82), Северна Македония (-80) и Грузија (-82).

Поголеми очекувања

„Светот не се чувствува особено слободен, но, барем тој е оптимистичен“, наведуваат од „Галуп интернешнел“.

„Секој втор граѓанин на светот смета дека политичките слободи денес во земјата во која живее се всушност недоволни, додека сепак двајца од пет сметаат дека се доволни. Незадоволството е уште поголемо во однос на економските услови - речиси две третини сметаат дека денешните економски можности во нивната земја се недоволни. Помалку од една третина мислат дека се доволни“, посочуваат од асоцијацијата.

Според неа, глобално, очекувањата за иднината изгледаат попозитивни: 45% очекуваат дека за 25 години политичките слободи во земјата во која живеат ќе се зголемат (повеќе или барем во одреден степен), 19% очекуваат да се намалат (да се намалат до извесен степен или дури и повеќе), а 27% очекуваат политичките слободи да останат исти. Во однос на економските можности, половина од светското население очекува во нивната земја тие да се зголемат во рок од 25 години, 23% се песимисти, а околу една петтина од анкетираните очекуваат можностите во економијата да останат исти.

„Личниот и националниот доход, возраста и образованието се клучни фактори кои на комплексен начин влијаат на ставовите. Полот, политичката стабилност, религиозните преференци и локалните традиции очигледно играат важна улога. Се разбира, прашањето за слободата е доста деликатно, а понекогаш достапноста на доволна слобода се декларира највеќе таму каде што најмногу недостига. А масовната свест обично реагира повеќе автоматски на сите видови прашања поврзани со власта - често изразувајќи став повеќе кон самата неа, отколку кон конкретната тема на прашањето“, наведуваат од Галуп интернешнл.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи