Љубомир Фрчкоски поднесе оставка како амбасадор во ООН
22 август 2024Амбасадорот и постојан претставник на Северна Македонија во ООН во Њујорк, Љубомир Фрчкоски поднесе оставка, откако неодамна беше повикан на разговор во Министерството за надворешни работи поради наводни финансиски нерегуларности во работењето. Оставката е поднесена до претседателката Гордана Сиљановска Давкова и известено е МНР.
Фрчкоски не смета дека оставката на каков било начин ќе се одрази на функционирање во техничка смисла на Мисијата, но може да влијае на реализацијата на проектот „Промоција на дијалог и медијација со цел превенција на геноцид и сличните злосторства (воени злосторства и злосторства против човештвото)“.
„Штета и срам за државата“
„Има, за жал, шанса да се направи голема штета и срам за државата во една конкретна смисла и по повод еден конкретен случај. Македонија го предложи овој проект во ООН кој беше прифатен. Проектот по наша иницијатива е прифатен и му е одреден буџет, што е многу ретко во ситуација на финансиска криза во ООН. Цел на проектот е да се создаде прирачник (Policy Paper) кој во наша чест како иницијатори на проектот би се нарекол Скопје (Охрид) Policy Paper (во зависност каде би се одржала Првата Конференција за негово донесување)“, вели Фрчкоски во изјава за Либертас.
Притисок и обвинувања
Оставката следи по притисокот и обвинувањата за финансиски малверзации, по што амбасадорот во Постојната мисија на РСМ при ООН во Њујорк, најави дека сам ќе се повлече од функцијата. Во писмен допис неодамна порача дека се шират лаги за неговото работење и дека притисокот е единствено поради причина што не е „погоден“ наидеологијата на новите власти. На увид ги стави документите за уплати со цел јавноста да биде информирана дека немало затајување пари од сукцесија на објекти, ниту пак непотребни трошоци спротивно на правилниците за работа на дипломатско-конзуларните претставништва.
Тој го повика МНР да испрати ревизија која ќе ја утврди состојбата во целокупното работење.