1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Личи на сѐ, само на главен град – не!

14 август 2024

Директори се разрешуваат, проблемите остануваат. Град Скопје почнува вонредна ревизија во сите јавни претпријатија. Мицкоски вели - за хигиената во Скопје ќе се разговара и на владина седница

https://p.dw.com/p/4jRAB
Странските туристи кои го посетуваат Скопје се изненадени од димензиите на нехигиената во градот.
Странските туристи кои го посетуваат Скопје се изненадени од димензиите на нехигиената во градот.Фотографија: Boris Georgievski/DW

Ако немате можност надвор од градот да го набљудувате метеорскиот дожд „Персеиди“, во Скопје барем може да го набљудувате „директорскиот дожд" на Данела Арсовска. Ова е само еден од шеговитите коментари на сметка на скопската градоначалничка, но на Скопјани одамна не и им до шега. Ретко кој може да пресмета колку директорски смени се случија за време на тригодишниот мандат на Арсовска. Бројките варираат од 25 до 40, вклучително и со последната тура разрешувања.

Со исто образложение – „поради неправилности при работењето и непочитувањето на договорот за вработување“ разрешени се директорите на ЈП Дрисла - Александар Кузинаков, и на ЈП Паркови и зеленило - Мартин Ангеловски. Во случајот со Кузинаков е наведено дека „за неговото работење до градот Скопје пристигнале бројни пријави со индиции за злоупотреба и пречекорување на овластувањата".

„Справувањето со корупцијата и самоволието во градот Скопје беше и едно од главните предизборни ветување на градоначалничката Данела Арсовска. Никој не смее да си поигрува со народните пари, а уште помалку со довербата на граѓаните на градот Скопје“, се наведува во соопштението од Град Скопје.

Арсовска минатата недела веќе разреши тројца директори. Директорот на ЈП „Водовод и канализација“ Виктор Панчевски заминува по само шест месеци од стапувањето на таа функцијата. Новиот директор Тони Миновски, вработен во претпријатието, е петтиот директор на „Водовод“ во мандатот на Арсовска, по Златко Перински, Марјан Митовски, Драган  Илиевски и Панчевски. Минатата недела беа разрешени и директорот на ЈП „Градски паркинг" Михаил Петревски, како и директорот на „Комунална хигиена“ Гоце Трајковски, кој таму е третиот директор што е сменет во мандатот на Арсовска. 

Во мандатот на градоначалничката Данела Арсовска имало 40 кадровски промени
Во мандатот на градоначалничката Данела Арсовска имало 40 кадровски промениФотографија: Petr Stojanovski/DW

Вонредна ревизија

Зошто никој не останува на својата функција подолго од неколку месеци? - прашува поранешниот директор на „Градски паркинг“, Бојан Христовски.

„Дали е проблемот во нив или во неспособноста на Арсовска да води? Скопје заслужува лидер кој знае да управува и кој може да донесе стабилност и развој. Арсовска очигледно не е таа личност“, коментира тој на Фејсбук.

Според него имало речиси 40 кадровски промени во мандатот на Арсовска.

„Ова е рекорд што не зборува за ефикасност, туку за тотална неспособност да се задржат и мотивираат соработниците. Додека Арсовска продолжува со својата непредвидлива агенда, граѓаните на Скопје се оставени на милост и немилост на нејзините погрешни одлуки. Наместо да се справи со вистинските проблеми на градот – инфраструктура, јавни услуги, зелени површини – нејзиното раководење се претвори во еден бескраен циркус на кадровски смени и промашени проекти“, наведува Христовски. 

Градоначалничката Арсовска најголем дел од ветените проекти од изборната програма „За модерно Скопје“ ги остави така како што ги донесе - на хартија.
Градоначалничката Арсовска најголем дел од ветените проекти од изборната програма „За модерно Скопје“ ги остави така како што ги донесе - на хартија.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Одговор на многуте поставени прашања од јавноста нема, освен најава дека Градот Скопје до крајот на неделава почнува со спроведување вонредна ревизија во работењето на сите јавни претпријатија под негова надлежност.

„Справувањето со корупцијата и непотизмот во јавните претпријатија е едно од основните предизборни ветувања на градоначалничката Данела Арсовска. Резултатите од спроведената ревизија ќе бидат објавени јавно, а доколку бидат констатирани и неправилности при работењето на раководните лица во претпријатијата, за истите ќе бидат известени и соодветните надлежни институции“, се наведува во соопштението од Град Скопје.

Кој плаќа долгови на Градот?

Градоначалничката Арсовска најголем дел од ветените проекти од програмата „За модерно Скопје“ ги остави така како што ги донесе - на хартија. Летните горештини уште повеќе ги потенцираа проблемите со кои се соочуваат граѓаните – доцнење на автобусите во јавниот превоз, стари автобуси, чести дефекти, неиспразнети контејнери со смет од кои се шири неподнослива реа.

ВМРО-ДПМНЕ, опозициската партија со чија поддршка Арсовска стана градоначалничка, сега од позиција на власт ги жнее нејзините „успеси“. Премиерот Мицкоски вчера потврди дека Министерството за финансии ја платило ратата која била обврска на Градот Скопје за набавка на автобуси во минатото.

„Министерката за финансии после неколку ургенции и немање одговор од страна на Градот, нормално по ургенција на доверителот односно Банката, мораше да преземе чекор и да го плати долгот на Градот Скопје бидејќи тие не успееја тоа да го направат. Се поставува прашањето - дали можеби треба и како држава и како Влада да направиме некои дополнителни чекори за друг тип на ингеренции и обврски кои што ги има Градот Скопје, а кои што гледаме не ги извршува навремено, посебно тука мислам во делот на хигиената“, рече Мицкоски. 

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека Град Скопје не ги извршува навремено своите обврски, во прв ред кога станува збор за хигиената
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека Град Скопје не ги извршува навремено своите обврски, во прв ред кога станува збор за хигиенатаФотографија: Government of North Macedonia

Странските туристи кои го посетуваат Скопје се изненадени од димензиите на нехигиената во градот. Колку и да се импресионирани од локалитетите што ги посетуваат, не пропуштаат да забележат за купиштата смет и тоа на најатрактивните делови во градот.

Мицкоски вчера посочи дека од граѓаните секојдневно стигнуваат поплаки за хигиената во главниот град.

„Јас ова прашање ќе го отворам на следната седница и ги повикувам надлежните во Комунална хигиена во Градот Скопје да работат за тоа што се платени од граѓаните, бидејќи ова што денеска се случува во Скопје личи на сѐ, само не на главен град на држава која што е дел од НАТО Алијансата и држава кандидат за членство во ЕУ. Мора да си го поставивме прашањето кое што е суштински важно, не што зборуваме, туку што правиме во име на тие вредности. Ако видиме дека во оваа недела дена нема прогрес поврзано со ова прашање, на следната владина седница планирам отворено да зборувам и да одиме чекор понатаму во она што е обврска на народна Влада, а тоа е да дејствува во името на повиците кои што ги добиваме на дневна основа од скопјани", најави Мицкоски.