1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лекот „Трикафта“ пристигна на Детската клиника

ДТЗ
21 декември 2023

Со 100 милиони денари набавена е терапија за следните неколку месеци. Предвидени се 854 милиони денари за обезбедување на лекот за пациентите со цистична фиброза за наредните две години

https://p.dw.com/p/4aRw4
Фатмир Меџити
Министерот за здравство, Фатмир Меџити, на прес-конференцијата во Владата рече дека бирократските работи не смеат да бидат причина за загрозување на здравјето на граѓаните.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Лекот „Трикафта“ пристигна на Универзитетската клиника за детски болести, откако со 100 милиони денари набавена е терапија за следните неколку месеци. Предвидени се 854 милиони денари за обезбедување на лекот за 2024 и 2025 година, со што во следните две години пациентите со цистична фиброза се обезбедени со терапија. Станува збор за скап лек, за кој се правеа напори изминатите месеци да биде набавен за што поголем број пациенти. 

Министерот за здравство, Фатмир Меџити, на прес-конференцијата во Владата рече дека бирократските работи не смеат да бидат причина за загрозување на здравјето на граѓаните.

Листа на пациенти

Обезбедена е  терапија за 12 пациенти, а селектирано постепено ќе има вклучување на нови седум пациенти на секои 10 дена. „Пациентите со цистична фиброза етапно се вклучуваат на терапија, па така согласно протоколот и прецизните кртериуми на еволуацијата се одлучува за добивање на терпија. Листата на пациентите е направена од страна на стручна комисија по направени медицински прегледи на сите пациенти со цистична фиброза според бодирање“, вели министерот.

Освен тие 12 пациенти кои се веќе на терпија има уште 55 лица и дека за сите тие ќе биде обезбедена терапија во текот на 2024 година. Со ова ќе се подобри квалитетот на животот на овие пациенти и ќе се намали хоспитализацијата.

Лекот почна да се набавува во земјата по смртта на 45-годишниот Благојче Илиевски во февруари годинава. Станува збор за пациент од цистична фиброза кој три години чекаше да го добие лекот кој значеше надеж за живот. Случајот предизвика бројни реакции во јавноста, но и препирки меѓу институциите кои почнаа да го вперуваат прстот еден во друг околу евентуалната вина, по што следеа напори за олеснување на бирокатските процедури за набавка на лекот.