1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

Лажна љубовна приказна на Ненси Пелоси

Јоша Вебер | Рахел Баиг
4 август 2022

Низ интернет кружи наводна свадбена фотографија од Ненси Пелоси. На неа се гледа претседателката на американскиот Конгрес со кинескиот новинар Ху Ксијин. Но, се работи за лажна вест.

https://p.dw.com/p/4F87X
DW Fact Check Artikelbild mit Verdict Englisch

Посетата на американската политичарка Ненси Пелоси на Тајван предизвика политички и дипломатски бранувања и остри реакции од кинеската влада. За  посетата на Пелоси  жестоко се дебатира и на социјалните мрежи. Покрај аргументите за и против посетата и американската поддршка за Тајван, на интернет се шират и  лажни вести  и содржини. Меѓу другото и оваа бурлескна приказна која не треба да се сфати сериозно. 

Тврдење: „Кога беа млади: Ненси Пелоси и Ху Ксијин“, напиша еден Твитер- корисник под фотографијата на која се гледаат претседателката на американскиот Конгрес и поранешниот главен уредник на кинескиот весник, Глобал Тајмс. „Совршен пар“, коментира друг. 

ДВ проверка на факти: Неточно

Фотографијата е фотошопирана. Споени се две различни, постари слики. На оригиналната слика е Ненси Пелоси млада, а до неа не е Ксијин туку таа е сликана во кругот на семејството. На сликата се гледа и како седи татко ѝ Томас Д’Алесандро Јуниор, исто така политичар. Пелоси, трета од лево, ја има обајевено фотографијата на Фликр со опис: „Со семејството како мало девојче“. Освен тоа, оваа фотографија беше објавена и на една од нејзините веб страници во изборната кампања.

На другата фотографија е Ху Ксијин. Потрагата на интернет по потеклото на сликата води до една Твит- порака на новинарот во која пишува за времето поминато во кинеската војска („незаборавни години“) и ја прикачува и фотографијата која е сега фотошопирана во наводната свадбена фотографија. 

Пелоси е 20 години постара од Ксијин

Потеклото на двата дела од наводната свадбена фотографија може да се следи со помош на  онлајн алатки  и пребарувач на слики. Освен тоа направивме и форензичка анализа на сликите и откривме различни композиции на бои кои укажуваат на различен состав на пиксели, а со тоа дека  се работи и за манипулација.  Со ова се разоткрива дека сликата е лажна, иако некои корисници ја сфатија како сатира, но имаше и такви што поверуваа дека е вистинска. Само разликата во возраста меѓу Пелоси и Ксијин можеше да ве натера да се посомневате: Пелоси има 82 години, Ху Ксијин е 20 години помлад. На фотографијата од 1960 година со идниот американски претседател Џон Ф. Кенеди, Пелоси е на иста возраст како на наводната свадбена фотографија. Ксијин е пак штотуку роден во 1960 година, што исто така ја исклучува автентичноста на сликата.

Лажна вест за забава со сериозна позадина 

Причина за лажната слика: корисниците на интернет очигледно сакале да се исмејуваат преку колаж со слики: Ху Ксијин е остар критичар на посетата на Ненси Пелоси на Тајван. Тој на кинеската мрежа Веибо се изјасни за „воени контрамерки“ доколку Пелоси го посети Тајван, бидејќи тоа е „единствениот јазик што го разбираат САД и Тајван“. Тој дури на Твитер напиша дека Кинеската народноослободителна армија треба да го „собори“ авионот на Пелоси на пат кон Тајван доколку не се врати назад. Како резултат на тоа, неговиот профил на Твитер беше привремено блокиран и Ксијин го избриша Твитот. Во светло на ова, свадбената фотографија на Пелоси и Ксијин изгледа толку апсурдна што на многу корисници им беше смешно да ги видат двајцата заедно на една слика, па згора на тоа и како двојка.