1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Лавров инсистира на „нов светски поредок“

Улрике Кваст
7 април 2023

Русија смета дека мировни преговори за ставање крај на војната во Украина се можни само како дел од „нов светски поредок“, без хегемонија на САД.

https://p.dw.com/p/4PofJ
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров Анкара Турција
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Анкара, 7.04.23023Фотографија: Valeriy Sharifulin/Sputnik/IMAGO

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров смета дека мировни преговори за ставање крај на војната во Украина се можни само како дел од „нов светски поредок“, без хегемонија на САД. Преговорите мора да се засноваат на земање предвид на руските интереси, рече тој за време на посетата на Турција. „Се работи за принципите на кои ќе се заснова новиот светски поредок“, додаде Сергеј Лавров.

Рускиот министер за надворешни работи се закани и дека Русија ќе се повлече од договорот за жито со Украина. „Ако нема напредок во отстранувањето на пречките за рускиот извоз на ѓубрива и жито, тогаш ќе се запрашаме дали овој договор е неопходен“, рече тој. Договорот ѝ дозволува на Русија да извезува ѓубрива и храна и покрај санкциите. Владата во Москва постојано се жали дека овој договор не се почитува.

Русија во март даде согласност за продолжување на договорот за жито потпишан од Москва и Киев за само 60 дена, наместо како претходно за 120 дена. Договорот за жито беше постигнат со посредство на Турција и ОН и затоа е на агендата на посетата на Лавров на Анкара. Шефот на руската дипломатија таму се сретна со турскиот колега Мевлут Чавушоглу. Планирана е средба и со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.