1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Криза помеѓу САД и Украина

21 јули 2023

Америка и Украина не се вистински сојузници, се познаваат малку и лошо. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/4UCsK
Американско и украинско знаме во Вашингтон пред посетата на украинскиот претседател Зеленски на САД минатата година
Американско и украинско знаме во Вашингтон пред посетата на украинскиот претседател Зеленски на САД минатата годинаФотографија: Kevin Lamarque/REUTERS

Од насловот можете да помислите дека станува збор за некоја малициозна и површна проценка, пропагандистички памфлет, наменет за дефетистичката и проруска публика. Не, оние кои ме следат во овие редови, добро знаат колкава е мојата поддршка за украинската кауза и западните интереси, но токму од тие причини, мораме да се позанимаваме и со актуелната и непријатна реалност.

Кризата во односите се детерминира од неколку фактори. Првиот и најевидентен е фактот што украинската контраофанзива воопшто не се одвива добро, нешто за што Киев го обвинува Западот, поточно САД, во смисла: „Не ни дадовте доволно оружје и навреме, па моравме да чекаме со месеци, додека Русите го имаа целото време на светот да го минираат теренот и да се забарадикираат зад 4 одбранбени линии. Како и да е, дека работите не одат најдобро признаваат и самите Украинци. Муниција очајно недостасува, па оттука и очајната американска одлука да ѝ даде на Украина кластер бомби - единствениот ресурс кој во моментов можеа да го понудат.

Значи, постои криза на военото поле, нешто што можеби и може да промени правец, иако многу тешко и по многу висока цена, во многу ограничено време. Прашање е дали кризата во односите е подеднакво реверзибилна. Но, да видиме за што се работи.

Америка на еден или друг начин, преку многу функционери и различни ешалони со месеци ѝ соопштуваше на Украина дека не треба да очекува и дека нема да добие влез во НАТО, ниту план за иден влез. Утешната награда од Вилнус во форма на вооружување до заби и загарантирана безбедност според „форматот Израел“, не ги загреа премногу срцата на Украинците, иако мораа да се помират со реалноста, а прашање е колку навистина се во состојба да се помират. Американскиот резон е дека сакаат примирје до крај на годината и дека Украина не треба да се фиксира кон тотална воена победа која е над нејзините можности и која може да излезе како Пирова победа. Се разбира, повеќето од членките на НАТО и особено САД немаат никаква намера да влезат во директна војна со Русија, како што налага членот 5 на НАТО за колективна самоодбрана, во случај на напад на една од членките. САД конкретно немаат намера да влезат во војна со Русија заради Украина, или не сакаат воопшто да влезат во војна и точка.

Ивор Мицковски
Ивор МицковскиФотографија: Privat

Крив компромис наместо прав скок во амбисот

Помеѓу зората и залезот на 24 јуни, кога Пригожин тргна заканувачки да маршира кон Москва, Вашингтон мораше да одбере помеѓу Русија и Украина. Ја одбра Русија! За САД е поважна стабилноста на нуклеарната супер сила отколку граѓанска војна за која Украинците и премногу отворено навиваа. За САД, или конфликтот ќе заврши до крајот на годината, или се ризикува да излезе од контрола. Премногу жртви, премногу штета, премногу зла крв се создава за после да се закочи процесот.

Западот преферира крив компромис наместо прав скок во амбисот. Повеќето во Украина се подготвени да се борат до последен човек за да ја ослободат земјата. Русите се делат на уморни од војната и апокалиптички „др. Стрејнџлови“ заробени во нуклеарен делириум. На сите им треба да излезат како еден вид победници и да спасат лице. Сите ризикуваат да загинат во процесот. Некои ќе загубат лице за да спасат живот, други ќе ги загубат и двете, од преголема заблуда кон честа. Во овој момент, делува дека е невозможно да победи една страна, а какво и примирје да се изнајде, на Украинците и на Русите ќе им биде многу полошо отколку пред почетокот на војната. Американците и Кинезите тоа го разбираат - нивните вазали нешто послабо.

Не случајно, во последните месеци, во американскиот печат директно од врвот на ЦИА проструија информации за тајните преговори помеѓу САД и Русија уште 3 месеци пред да започне конфликтот. Тајни преговори кои ќе кулминираат во повик помеѓу шефот на ЦИА Барнс и самиот Путин и каде ќе бидат дефинирани општите насоки за тоа како би се одвивала војната.

Кои беа или сѐ уште се правилата на игра?

Како прво, од руска страна, војната ќе биде ограничена на Украина, НАТО не се напаѓа, нешто за што Русите ниту имаат волја ниту капацитет. Како второ: војната во Украина ќе се одвива во отсуство на употреба на нуклеарно оружје.

Од американска страна се кажува дека САД не сакаат војна, никогаш не воделе војна со Русија, па сигурно нема да влезат заради Украина. САД секако биле согласни околу нуклеарното прашање и гарантирале, колку што се може, а засега така делува: дека САД нема никаква намера да го сруши режимот на Путин. И конечно, Америка ветува, па дури и јавно, во повеќе наврати, им кажува на Украинците дека оваа војна не смее да се води на руско тло, што значи дека Украина не смеела да има активности или напади во Русија. Нешто што Украина го има прифатено на времето, но според ЦИА и САД, го има прекршено премногу пати.

Карикатура на Сергеј Елкин
Карикатура на Сергеј ЕлкинФотографија: DW

Од саботажата на Северен тек до мостот Керч, од атентатите во Русија до нападите врз базите и нападот со дронови врз Кремљ - долга листа, можеби не стопроцентно точна, како што секогаш е случај во местенките меѓу службите. Како и да е, после случајот Пригожин, Бајден одлучува на одбрани медиуми да им се пренесе американскиот немир за украинската непромисленост и дрскост. Која пак САД ја разбира и како украински обид за прекинување на тајните мировни преговори помеѓу Вашингтон и Моска, за кои Киев со право стравува дека ќе биде прескокнат.

За Киев е тешко да се помири со фактот дека Русија и САД се стари непријатели кои се знаат и се почитуваат повеќе од 100 години. САД не сака војна со Русија. Тоа ги прави огромни стратешките разлики помеѓу САД и Украина. Америка и Украина не се вистински сојузници, се познаваат малку и лошо. ЦИА повеќе знае и повеќе луѓе има меѓу Русите, отколку меѓу Украинците. Зеленски пак, не контролира добар дел од внатрешните воени и шпионски фракции. А сепак страда од американската превртливост или половичност, како да не разбира дека има завршено во прокси-војна, главниот рецепт и форма на американско-советските (руските) конфликти.

Зеленски и блиските не успеаја да го задржат ентузијазмот кога делуваше дека Вагнер ќе превагне, што беше во контраст со молкот од Белата куќа, додека Пентагон и ЦИА испратија јасно предупредување да не се искористува или профитира од рускиот хаос. Повторно, како Зеленски и друштвото да не разбираат дека американското ветувања за поддршка додека е неопходна не предвидува часовникот во Киев да се подеси според стрелките во Вашингтон?!

Војната е во многу опасна фаза 

Бајден јасно му има пренесено на Зеленски дека се надеваат на успех на контраофанзивата, но дека нема да има втора. Интересот е брз прекин на огнот. Никој не може да гарантира за текот на една војна, без оглед колку прецизно се договорил или колку верува и има добри намери. И конечно, следната година во Америка се гласа.

Џозеф Бајден и Володимир Зеленски во Вилнус, Литванија
Бајден јасно му има пренесено на Зеленски дека се надеваат на успех на контраофанзивата, но дека нема да има втораФотографија: Sean Gallup/Getty Images

Сега е јасно зошто ползи една веќе отворена криза во односите и особено зошто Киев чувствува синдром на напуштеност откако Американците им објаснија дека за НАТО нема шанси, како и зошто САД мислат дека Зеленски и друштво тотално не ја разбираат поголемата слика и игранка.

Криза на воено поле и криза со главниот спонзор, не е добра позиција за Украина, која целосно е зависна од сојузниците и од САД, што значи дека не е суверена и дека сама не може ниту да се одржи, а камоли уште да се бори. Киев често го прашува Вашингтон: „Ама ако не успееме, ќе нѐ поддржувате ли сѐ уште?“ На што САД одговара - ДА, но тоа е премногу општо ветување. Сигналите од последните месеци не ги убедуваат украинските власти.

Војната е во многу опасна фаза и затоа што никој не може да ја добие, не смее да излезе од контрола. Околу тоа сите се согласни, освен Украинците и антируските Полјаци и Балтици. Војната тешко дека дефинитивно ќе заврши, ама ќе мора да доживее одредена пауза. Тоа што е сигурно, е дека за време на паузата, Америка ќе си свирка, а сметката ќе ја плати Европа.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема