1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаТурција

Критики кон турската влада по бомбашкиот напад во Истанбул

Бурак Унверен
15 ноември 2022

Воведената забрана за информирање по бомбашкиот напад во Истанбул буди сомнежи кај експертите. Може ли нешто слично да се случи и на изборите во 2023 година? И на надворешнополитички план се можни последици по нападот.

https://p.dw.com/p/4JWzZ
Улицата Истиклал во Истанбул по бомбашкиот напад искитена со турски знамиња
Улицата Истиклал во Истанбул по бомбашкиот напад искитена со турски знамиња Фотографија: Yasin Akgul/AFP/Getty Images

Турција со години не била толку потресена како во неделата (13.11), кога среде центарот на Истанбул, во фреквентната улица Истиклал, полна со продавници, експлодираше бомба. Убиени се најмалку шест лица, 81 се повредени.

Бомбашкиот напад потсетува на неколку изминати напади. Во колективното помнење на Турците уште се свежи сликите од 2015 и 2016 година. Тогаш беа извршени серија бомбашки напади, во 146 дена загинаа вкупно 182 луѓе, и тоа токму во екот на парламентарни избори и обид за воен пуч.  Владејачката партија на претседателот Ердоган, АКП,  во поглед на анкетите профитираше од ситуацијата, успевајќи повторно да го освои кратко претходно загубеното мнозинство. Фактот што сега, на околу седум месеци пред следните избори, повторно доаѓа до бомбашки напад, нуди плодна почва за шпекулации.

На улицата Истиклал во понеделеникот беа поставени стотици турски знамиња, како симбол против тероризмот. Но, турското општество е длабоко поделено. На изборите на 18 јуни 2023 година може да биде критично за Ердоган. Според анкета на турскиот Институт за истражување на јавното мислење Јонејлем, 58 проценти од анкетираните одговориле дека во никој случај нема да гласаат за Ердоган.

Предупредување пред изборната вечер

Но, шокираност кај луѓето не предизвика само самиот напад, туку и односот кон него. Турското информативно регулаторно тело РТук уште во неделата вечерта воведе  информативна блокада,  наводно заради избегнување страв и паника. Турските медиуми мораа да го прекинат известувањето за експлозијата, социјалните мрежи, како Фејсбук, Инстраграм и Твитер делумно функционираа само во ограничен обем. 

Експерти во разговор со Дојче веле предупредуваат од слично сценарио на изборната вечер по околу седум месеци. „Во изборната вечер, по налог на Изборната комисија, може да биде ограничен пристапот до сите социјални медиуми. Дури може да се случи забрана на интернетот во цела Турција“, критикува Фарук Чајир, адвокат и претставник на Сојузот за алтернативни информативни технологии. Зашто, не постои закон кој би можел тоа да го спречи.

Советникот за комуникации Мехмет Шафак Сари стравува од крупни последици. „Ако ги ограничите социјалните медиуми, кои на луѓето им требаат за комуникација и за информативни цели, всушност ги терате граѓаните кон несфатлив страв и паника“, вели Сари за ДВ. Тој предупредува дека слично може да се случи на изборната вечер: „Луѓето би си рекле: ‘Кога немам пристап до социјалните мрежи, мора да се случило нешто лошо“. Претставете си ја шест- или седумчасовната паника која ја доживеавме сега, да избие во изборната вечер.“

Истанбул, Турција бомбашки напад
Уапсена осомничената атентаторка која наводно имала врски со ПККФотографија: Turkish General Directorate of Security / Handout/AA/picture alliance

Турција ја обвинува ПКК

Во меѓувреме  уапсена е осомничената атентаторка, а сликите од апсењето беа проширени преку официјалните канали на социјалните медиуми. Освен тоа, уапсени се преку 40 лица под сомнение за соучество. За осомничената атентаторка се тврди дека во Турција дошла од сирискиот град Африн на илегален начин и нападот го извела по налог на курдската милиција ИПГ, која контролира области во северна Сирија. Жената наводно им признала на турските власти дека била обучувана од ПКК. Но, самата ПКК веднаш демантираше секаква поврзаност со нападот.

Турција ја смета ИПГ за сириски огранок на ПКК, Курдската работничка партија, која во ЕУ и во САД е класифицирана како терористичка организација. Турскиот министер за внатрешни работи  Сулејман Сојлу одново му префрли на Вашингтондека поддржува терористички организации, дека нападот е извршен од страна на ПКК, а ПКК ужива поддршка од САД.

„Ги одбивме изразите на жалење од американската амбасада“, изјави Сојлу. Мора да се поразмисли дали држава, чиј Сенат испраќа пари во Кобане, е добар сојузник, рече тој.

Градот Кобане стана меѓународно познат откако курдската милиција ИПГ го одбрани од терористичката милиција Исламска држава. Соработката на САД во Сирија со курдските милиции во борбата против Исламска држава одамна ја фрустрира Турција. Со наводната поддршка на ИПГ, Анкара меѓу другото го оправдува и своето  вето против проширувањето на НАТО со Шведска и Финска.

Во турската јавност се дискутира и за можноста бомбашкиот напад да се искористи како повод за веќе најавената турска воена операција во Сирија. Уште пред завршувањето на истрагата, турските службеници пледираат за нова воена операција во северна Сирија, вели Беркај Мандириџи од Меѓународната кризна група. Претседателот Ердоган пред неколку месеци постојано повторуваше дека Турција „може едноставно да дојде една вечер“. Тој исто така истакна дека неговата влада со „нови операции сака да ги елиминира безбедносните закани“ за земјата.

Можни последици за економијата

Нападот од 13 ноември може да предизвика и економски последици – ако изостанат преплашените туристи, слично како и пред неколку години. Притоа, Турција моментално веќе е во длабока економска криза. Годишната стапка на инфлација, според официјални наводи, изнесува преку 85 проценти, а веројатно тоа е само „разубавена“ бројка. ЕНАГ, т.н. Група за независно истражување на инфлацијата, смета дека стапката на инфлација во реалноста веќе надминува 185 проценти.