1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Даночна кражба преку фиктивни сопственици на фирми

21 септември 2024

Секоја година криминалните групи во Германија ја измамуваат државата за милијарди евра даночни пари. Според истражувањето на РББ, тие користат зависници и бездомници од Источна Европа како фиктивни сопственици

https://p.dw.com/p/4iujS
Symbolbild Korruption
Фотографија: Burkhard SchubertGeisler-Fotopress/picture alliance

Темно е, се чувствува мирис на мувла, ходниците на куќата се покриени со голем отпад. Томек З. ја отвора вратата - гол е во горниот дел од телото, на нозете носи апостолки. Овој 60-годишен маж од Легница во Полска е генерален директор на 13 компании низ Германија. Меѓу нив е и шпедиција со деловна адреса на Потсдамер Плац во Берлин-Мите. Но, тој не знае ништо за тоа.

Она на што може да се сети, вели во интервју за јавниот сервис РББ, е дека еднаш му пришле пред продавница. Во тоа време, вели тој, немал пари за пијалок. „Но, мора да пиеш“, продолжува тој. После тоа, вели, влегол во автомобилот и се упатил кон Германија.

Во неговиот роден град Легница - на четири часа возење од Берлин - регистрирани се уште единаесет генерални директори на германски GmbH (компании со ограничена дејност). Оттука, тие официјално водат околу 80 компании низ Германија, многу од нив во Берлин. Станува збор за фирми кои, според информациите од трговскиот регистар, се занимаваат со трговија со автомобили, електрична енергија и недвижности, како и со градежништво, шпедиција и обезбедување и извозно-увозни фирми.

Сепак, според истражувањето на РББ, некои од полските извршни директори се одамна мртви, а други се водат за исчезнати. Други се алкохоличари и бездомници. Тие никогаш немале никаква врска со реалното работење на компаниите за кои се одговорни. Тие се фиктивни сопственици кои биле донесени во Германија - без да знаат ништо за што се искористени.

измама, криминал
Секоја година криминалните групи ја измамуваат државата од милијарди евра даночни пари. Фотографија: Rüdiger Wölk/imago images

Илјадници фиктивни сопственици во Германија

Полскиот град Легница не е единственото место каде што се регрутираат луѓе за да се користат какофиктивни сопственици во Германија. „Овие луѓе се донесени во Западна Европа со автобуси“, вели Ралф Симон, висок истражител во Одделот за организиран криминал на Царинската канцеларија за криминални истраги (ЦКА) во Келн.

Во речиси секоја голема истрага, вели тој, ќе се појават фиктивни сопственици од Полска, Романија или Бугарија. „Станува збор за неколку илјади фиктивни сопственици и фиктивни компании кои се користат“, вели Симон во интервју за РББ (rbb24 Research).

Тие се користат, продолжува тој, секогаш за прикривање на работите, за прикривање на тековите на пари, за прикривање на профитот и за отежнување на истрагите.

Ова прикривање функционира особено добро кога фиктивни сопственици доаѓаат од други земји на ЕУ, бидејќи германските истражители не можат едноставно да патуваат во Полска или Бугарија за да разговараат со фиктивниот сопственик. Тие мора да се придржуваат до комплицираните правила, да започнат процедури за административна помош и да ангажираат преведувачи. Тоа е долг процес кој им овозможува на криминалците пред сè да добијат време.

Според сознанијата на Царинската криминалистичка канцеларија, ова е една од причините зошто според сознанијата на Царинската криминалистичка канцеларија во Германија е формиран вистински „пазар“ на кој „професионални даватели на услуги“ нудат фиктивни сопственици. Според наодите на истражителите, ова го користат сите релевантни криминални организации во Германија, без разлика дали се работи за мафијата, клановите, мото банди.

Професионални посредници и нотари

За луѓето од полска Легница официјално да станат директори на германски фирми, прво морале да се појават пред германски нотар: затоа што нема промена на директор без заверка на нотар. Нотарите треба да ги проверат личните карти на новите директори, да ги проверат потписите и да проценат дали луѓето што седат пред нив се компетентни да работат.

Тим од новинари на РББ прегледале стотици договори заверени на нотар во германските трговски регистри во текот на неколку месеци. Истиот преведувач се јавил за 70-тина договори, кои биле склучени на име на луѓе од Легница. И тој потекнува од Легница. Според истражувањето на РББ, наводниот преведувач е криминалец со криминално досие во Полска. Тој самиот наводно акумулирал половина милион даночни долгови во Германија.

Со овој „преведувач“ неколку пати се сретнал и Томек З. од Легница: кај нотар кај Хамбург, како што покажува анализата на нотарски договори. Но, Томек З. не се сеќава на тоа и во интервју за РББ е изненаден што нотарот наводно ги заверил договорите во кои бил именуван за директор. „Нотарот е службено лице зарем не?“, ја прашува репортерската екипа Томек З. „Знаете - цело време бев пијан, а овој нотар се согласил на тоа?! Нотарот кој ги заверил договорите не бил подготвен да разговара со новинарите и ја оставил листата на прашања на РББ без одговор.

бездомници
Измамниците користат зависници и бездомници од Источна Европа како фиктивни сопственициФотографија: Scorpion

Систем

„Зачудувачки е што нотарите се секогаш исти. Тие се дел од системот. Без нив целиот систем не функционира“, вели даночниот истражител од Баден-Виртемберг, чиј идентитет не се открива. Тој истражува големи случаи на даночни измами, сè почесто кога станува збор за организираниот криминал. Речиси секој ден се занимава со луѓе од источна Европа кои биле користени како фиктивни сопственици.

„Системот“ за кој зборува истражителот е сложена мрежа на компании која што е тешко да се открие. Овие корпоративни мрежи им дозволија на оние кои се одговорни за криминал, чии идентитети се кријат благодарение на фиктивните сопственици, да извршат сериозни кривични дела како што се перење пари, шверц, измами со социјално осигурување и даночни измами вредни милиони.

Доколку се открие измамата, прво се води истрага против фиктивните сопственици. Сепак, според даночниот истражител, тешко дека е возможно да се преземат мерки против нотарите вклучени во Германија: „И мене ми е трн во око, но тие не мора да ни кажат ништо, слично како лекарите. И тука нашите рацете се законски врзани“.

Криминал во големи размери

За Анегрет Ритер-Виктор од Европското јавно обвинителство, очигледно е дека „организираните криминални структури сè повеќе сами ја откриваат областа на економскиот криминал“. Дури неодамна, во сложена постапка во Берлин, овој искусен обвинител успеа да ги стави зад решетки организаторите на даночни измами кои работеа со луксузни автомобили и маски за корона. Штета: 50 милиони евра. И тука централна улога имаше германски нотар, сложена мрежа на фирми и фиктивен сопственик од Полска, кој немаше поим за сето тоа. Нејзиниот колега, јавниот обвинител Тобијас Либерт, ја проценува вкупната штета предизвикана од таквиот даночен криминал во ЕУ на 50-60 милијарди евра годишно.

Токму ваквите податоци мотивираа бројни земји од ЕУ да основаат Канцеларија на европскиот јавен обвинител во 2021 година. Канцеларијата значително ги олеснува прекуграничните истраги, барем кога станува збор за меѓународна даночна измама.

Анегрет Ритер-Виктор и Тобијас Либерт се дел од тимот на обвинители што Германија го испрати во оваа нова институција. Без подобра прекугранична соработка, би било тешко да се истражи измамата од ваков вид од големи размери, велат тие. И двајцата го поздравуваат фактот што Полска неодамна се приклучи на Европското јавно обвинителство. Бидејќи без фиктивни сопственици од Полска, кои често мораат да ги дадат своите имиња без да знаат ништо, даночната измама во Германија не би била можна.

Автори: Адриан Бартоха и Јан Визе, РББ

Кои се најголемите даночни измамници во ЕУ?