1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крах на парламентаризмот во Србија

Ивица Петровиќ
27 ноември 2024

Седницата на српскиот парламент на која требаше да се расправа за буџетот заврши со тепачка меѓу претставници на власта и опозицијата. Што е следно, повторно избори?

https://p.dw.com/p/4nTm7
Србија тепачка парламент
Седницата на парламентот за буџетот во Белград заврши со тепачка меѓу претставници на власта и опозицијатаФотографија: Filip Stevanovic/Anadolu/picture alliance

Претседателката на парламентот, Ана Брнабиќ, ја искористи тепачката во собранието за експресно да ја откаже секоја понатамошна расправа. Таа за само неколку минути помина над 60 точки на дневниот ред, ја заврши фантомската расправа и веќе го најави гласањето за усвојување на буџетот за 2025 година за оваа среда (27.11).

Инаку, опозицијата со денови бара расправа за доверба на Владата, а за тоа тврди дека обезбедила доволен број потписи, но тоа барање едноставно е игнорирано. Отфрлањето на тоа барање Ана Брнабиќ го образложи со тоа дека ќе следи расправа за буџетот, каде опозицијата секако ќе ја нападне Владата, но подоцнежниот развој на настаните се чини покажа дека претседателот на Србија не толерира парламентарна демократија и дека дури и највисокото законодавно тело во земјата мора да биде замолчено на сите начини.

За власта, опозицијата е системска грешка

Александар Вучиќ со тоа практично ја официјализираше диктатурата во Србија, оценува за ДВ Гојко Божовиќ, еден од основачите на иницијативата ПроГлас, но додава и дека „парламентаризмот во Србија во суштина бил прекинат многу порано“.

Ана Брнабиќ Србија
Претседателката на парламентот, Ана Брнабиќ, ја искористи тепачката во собранието за експресно да ја откаже секоја понатамошна расправаФотографија: Filip Stevanovic/Anadolu/picture alliance

„Властите ја гледаат опозицијата како еден вид системска грешка, која доколку не може да се отстрани, тогаш мора максимално да се потисне. Доколку некоја опозиција се појави во собранието, мора со сите средства да ѝ се одземе гласот, а ова икинување на расправата за доверба на Владата и за буџетот е случај без преседан во парламентарната демократија. Така, сега преминуваме од хибриден режим во диктатура која смета на сè повеќе елементи на страв“, вели Божовиќ за ДВ.

Вучиќ смета на конфузијата на Европа

Александар Вучиќ интимно сака да биде вистински диктатор и парламентот симболички му пречи, оценува за ДВ политичкиот аналитичар Драгомир Анѓелковиќ.

„Владата веќе сега може секоја одлука да ја помине низ парламентот, но самиот факт дека парламентот постои е своевидно сведоштво за него дека тој, барем формално, не е апсолутен господар. Ова случување во парламентот е воведување диктатура. Досега имавме авторитарна спин диктатура, а со зголеменото ниво на репресија, Вучиќ сега оди понатаму. Се надева дека поради победата на Трамп,  Европската унија ќе биде збунета и дека во такви околности за него ќе се толерира многу поголема диктатура од претходната“, укажува Анѓелковиќ.

Излез од политичката криза Вучиќ често бараше со распишување вонредни избори, а Гојко Божовиќ смета дека „таков исход не треба никого да изненади“.

„Токму затоа што ова се избори под нефер и нерамноправни околности. Гледаме дека од трагедијата во Нови Сад, властите упорно се обидуваат да го одвлечат вниманието од тој настан, но не успеваат. Затоа мислам дека е можно да се оди на избори, но власта секако ќе инсистира на истите услови, што нема да доведе до реално претставување на волјата на граѓаните“, вели Божовиќ.

Избори како излез од кризата?

„Кога не знае што да прави, Вучиќ оди на избори, оти тие купуваат време“, посочува Драгомир Анѓелковиќ и додава:

„На тие избори резултатот е однапред познат. Затоа опозицијата, ако сака да смени нешто на тие избори, не смее да прифати да оди на избори под негови услови. Сѐ додека не се формира привремена влада која со помош на ЕУ би организирала фер избори, тие избори не треба да се одржуваат“, забележува нашиот соговорник.

Корупцијата ги убива граѓаните

По новосадската трагедија,  „опозицијата сака граѓанска војна, а ние сакаме да работиме“ - тоа стана новата мантра на власта. Гојко Божовиќ забележува дека тоа е на позадината на општата меѓународна ситуација, каде што има многу тензии и навестувања за конфликти.

Србија парламент
Протест на пратениците во српското собрание, пред да избие тепачка Фотографија: Filip Stevanovic/Anadolu/picture alliance

„Власта затоа се обидува тие закани и обеспокоености на граѓаните да ги претвори во предност на домашен терен, а последиците од работата на властите граѓаните секојдневно ги чувствуваат преку економската, социјалната и политичката криза и резултатите од нивната работа паѓаат врз главата на граѓаните. Корупцијата не само што го пустоши буџетот, туку  ги убива и граѓаните  на оваа земја“, вели Божовиќ.

Драгомир Анѓелковиќ забележува дека Александар Вучиќ „навистина би сакал да работи во мир со својот тим, но нивната работа е корупција, изнуда, грабеж и уништување на Србија“.

„Значи, тие работат на префрлање на сите национални ресурси во нивните приватни џебови. Кога опозицијата тоа би го гледала мирно, сѐ би било во ред за нив. Проблемот за нив е што опозицијата и граѓаните сега сѐ повеќе им се спротивставуваат“, забележува Анѓелковиќ.

Режимот би сакал да ги укине протестите

Состојбата во која е суспендиран парламентаризмот во Србија претставува тешка дилема за опозицијата, бидејќи стана јасно дека нема голема корист од институционалната борба против режимот. Исто така, има сѐ повеќе гласови кои бараат поостар одговор на репресијата на власта на улица и кои сметаат дека времето за маршеви и мирни протести поминало.

Гојко Божовиќ забележува и дека опозицијата одамна има дилема околу институционалната и вонинституционалната борба.

Србија тепачка парламент
Некои од пратениците во српскиот парламент завршија и на подотФотографија: ASSOCIATED PRESS/picture alliance

„Гледаме дека власта презеде една по една територија и сега се обидува да спречи и граѓански протести со провокации и репресија. Ова се обидува преку серија инциденти во кои се вклучени признати активисти на Српската напредна партија, а режимот сега се обидува да ја спречи не само институционалната, туку и вонинституционалната борба на опозицијата. Мислам дека тоа е сериозна грешка на режимот, бидејќи граѓаните немаат каде да се повлечат, а треба да го изразат своето незадоволство, кое во Србија е огромно“, забележува еден од иницијаторите на ПроГлас.

Нивото на репресија се зголемува

Крајно време е да се повлече линија и да се констатира дека во Србија има диктатура, да се напушти парламентот и опозицијата да формира слободен парламент кој би работел пред очите на граѓаните, оценува Драгомир Анѓелковиќ.

„На тој начин точно би се видело кој од опозицијата е подготвен да се бори, а кој е подготвен да продолжи да учествува во измамата на Вучиќ. После тоа, тој парламент треба да се обрати до Европската Унија  и да побара арбитража, бидејќи Србија како кандидат за членство прифати ЕУ да се меша во нашиот судски и политички систем. Мора да се бара заштита од ЕУ, бидејќи ова е класична диктатура со апсења, многу веројатно и ликвидации и со спрега на мафијата и државата. А граѓаните мора да бидат повикани на пасивен отпор“, вели Анѓелковиќ.

Гојко Божовиќ го насочува вниманието на фактот дека  нивото на репресија се зголемува  во текот на изминатите години, но исто така смета дека „како што ќе расте репресијата, ќе биде сè понепријатно и за оние кои ја поддржуваат власта во Србија поради различни причини, но и за странските актери кои ја поддржуваат српската власт. Владата има одредена поддршка од демократските земји,  а тоа исто така ги фрустрира граѓаните на Србија“, заклучува Божовиќ за ДВ.