1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски критикувал политичари, не политиката на Бугарија

23 мај 2023

Тогаш зошто е посочена Бугарија, а не конкретниот политичар на кој се однесува тоа - прашал шефот на бугарската дипломатија, по објаснувањето што го добил од Османи за изјавата на Ковачевски

https://p.dw.com/p/4Rh7M
Македонскиот премиер Димитар Ковачевски
Македонскиот премиер Димитар КовачевскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Бугарскиот службен министер за надворешни работи Иван Кондов остварил билатерален разговор со македонскиот колега Бујар Османи во обид да се разјаснат зборовите на македонскиот премиер Димитар Ковачевски дека „дискурсот на Бугарија кон Северна Македонија е многу сличен со оној на Руската Федерација кон Украина“.

Двајцата се сретнаа вчера во Брисел, на состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ, на кој присуствуваа и шефови на дипломатите од земјите на Западен Балкан. На маргините на состанокот, Кондов добил објаснување од Османи на што се однесувала изјавата на Ковачевски во Рејкјавик.

„Тој (Османи - н.з.) се обиде да објасни дека говорот на премиерот де факто бил поврзан со конкретни политичари, а не, во принцип, со политиката на Бугарија. Но јас го го поставив прашањето - зошто во таква ситуација е посочена Бугарија, а не конкретниот политичар на кој се однесувало тоа“, рече Кондов.

Поплака и за „списоците“

Освен за овој разговор на маргините на средбата, Кондов објасни за кои прашања се интересирале министрите за надворешни работи од земјите на Западен Балкан.

„Некои од колегите го поставија прашањето за побрзото проширување или побрза лента. Укажав од наша страна дека е исклучително важно да се почитуваат сите обврски, вклучително и промената на Уставот. Исто така укажав дека во сегашната ситуација, во која Бугарија се споменува на таков начин (споредување на односот на Бугарија кон РСМ со оној на Русија кон Украина - н.з.), како и продолженото нарушување на човековите права - тоа секако не е начин за побрза интеграција, конкретно за Северна Македонија“, изјави бугарскиот министер.

Тој рече и дека „Бугарија нема интерес од отфрлање на принципот на едногласност во гласањето за прашања од надворешната и безбедносна политика“. Таква иницијатива на почетокот на мај презентираа девет земји-членки на ЕУ, со цел да се подобри ефективноста и брзината при одлучувањето, наспроти обидите за непринципиелни пазарења или вета.

Како што соопшти бугарското МНР, Кондов на состанокот го потенцирал високиот приоритет за Бугарија и стратешката важност за Унијата од безбедноста на Западен Балкан, неопходноста од поддршка на земјите на патот за нивна европска интеграција и реформи, врз база на сопствени заслуги, почитување на фундаменталните вредности на ЕУ и на добрососедските односи.

Бугарското министерство за надворешни работи
Бугарско министерство за надворешни работи: Министерот Кондов ги информира колегите од земјите-членки на ЕУ дека во Република Северна Македонија има списоци на бугарски државјани, вклучително и на членови на ЕП, на кои не им е дозволен влез на територијата на државатаФотографија: BGNES

„Во тој контекст, првиот дипломат потенцираше дека меѓу заедничките вредности на европско семејство немаат место едностраните провокативни дејства, државно спонзорираниот говор на омраза, кршењето на човековите права, на правото на здружување и на правото на правичен судски процес во случаи на нивно нарушување. Министерот Кондов исто така ги информира колегите од земјите-членки на ЕУ дека во Република Северна Македонија има списоци на бугарски државјани, вклучително и на членови на ЕП, на кои не им е дозволен влез на територијата на државата“, соопшти бугарското МНР.

Мицкоски: Да не си играат играчки со уставните измени

Пред македонската јавност немаше такво објаснување за изјавата на премиерот Ковачески,која беше искажана како одговор на ставовите на бугарската потпретседателка, Илијана Јотова.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера од партиска трибина во Струмица порача дека Ковачевски треба да се договори со самиот Ковачевски кога ја говори вистината: тогаш кога реплицира дека Бугарија го следи духот на Русија, или кога дома убедува дека уставните измени се прекрасни и неодминлив услов за чекор до рајот ЕУ, бидејќи тие две позиции се контрадикторни.

Притоа го предупреди премиерот „да не си игра играчки со уставните измени, со кои ќе ја редифинира Македонија во бинационална држава“.

„Една од идеите за која предупредувам дека работат, е создавање на бинационална држава на два народи, неколку заедници кои денес се споменуваат во Уставот и постоење на малцинства. По евентуална ваква измена ќе остане уште да се исцрта граница и да се заврши со постоењето на Македонија (...) Редефинирањето на Преамбулата на Уставот би било еден вид национално предавство на оваа Влада која би ја фрлила државата на колена“, рече Мицкоски.

Тој повтори дека Ковачевски немал, нема и нема да има мнозинство во парламентот за уставни измени.

„Не ми паѓа на памет да прифатам било каква уцена или притисок кој го имам, а го имаме многу, веќе една година. Ќе одиме до крај до конечна победа и нема попуштање. Антимакедонскиот фронт ќе биде поразен (...) Што се однесува до оние повици од СДС да сме се качеле на возот кон ЕУ, цело ВМРО-ДПМНЕ или еден дел, ќе му одговорам: не само дел, туку цело ВМРО-ДПМНЕ веќе е на возот кон ЕУ, а возот во кој се Ковачевски и ДУИ веќе е влезен во темниот тунел кој еднонасочно удира во карпа“, рече Мицкоски.

Тој изрази жалење што власта не ја прифати понудата за предвремени избори, како и „хрватскиот модел“, но нагласи дека сѐ уште е отворена таа понуда која ќе значи дефинирање на Македонија како држава на Македонците и останатите малацинства кои живеат во неа.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема