1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски повика на разумност по инцидентот во Охрид

ДТЗ
23 јануари 2023

„Мора да останеме мирни и разумни, но не треба да бидеме наивни. Ова е класична дистракција, на еден навистина перфиден начин, како да се одвлече вниманието од нашата европска иднина“, вели премиерот. .

https://p.dw.com/p/4Ma0h
Димитар Ковачевски
Ковачевски повика на разумност по инцидентот во Охрид Фотографија: Government of North Macedonia

Премиерот Димитар Ковачевски го осуди насилството во Охрид и повика на разумност, по тензијата која што се создаде во македонско бугарските односи, откако во четвртокот (19.01)  физички беше нападнат Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ од Охрид.Тој го впери прстот кон опозицијата, обвинувајќи за „одвлекување на вниманието од европската агенда“ и побара брзо расветлување на инцидентот. 

„Мора да останеме мирни и разумни, но не треба да бидеме наивни. Ова е класична дистракција, на еден навистина перфиден начин, како да се одвлече вниманието од нашата европска иднина. Сето ова што се случува има импликации затоа што ова не е натпревар, кога играат 'Пелистер' или 'Вардар', или пак,  'МЗТ' и 'Работнички'. Ова е нашата иднина“, порача денеска премиерот. 

Тој го осуди насилството и најави дека ќе се спротивстави на секоја провокација која што доаѓа од внатре и од надвор, а ги повредува чувствата на Македонците и буди немир меѓу граѓаните. „За мене такви провокации се недозволиви“, вели Ковачевски, кој е задоволен од брзата реакција на институциите и МВР. .Се надева дека случајот наскоро ќе биде расветлен и по него ќе постапува надлежното јавно обвинителство. 

Опозицијата да се преиспита

Ковачевски е дециден дека нема да дозволи „насилството да ја киднапира меѓународната и европската политика и да ја одвои државата од европскиот пат. Тој вели дека „оние што ги иницирале настаните изминатиот период не сакаат да ја видат Македонија во ЕУ“. 

Клуб Цар Борис Охрид
Нападот во Охрид ги бранува односите меѓу Скопје и Софија. Фотографија: Daniela Trpcevska-Zafirovska/DW

„Опозицијата треба да се преиспита, бидејќи гледаме голем број на натписи, информации дека нивни членови и симпатизери се споменуваат дека се поврзани со настаните коишто се случија минатиот викенд и претходно. Преку вакви активности, нашата најголема опозициона партија се повеќе наликува на продолжена рака на Левица. Во државата има два концепти - оној за европска Македонија и вториот на бесмислен национализам, којшто замина од оваа држава заедно со нивниот вистински лидер“, повтори Ковачевски. 

Нападот во Охрид цел викенд ги бранува односите меѓу Скопје и Софија. Нападнатиот Христијан Пендиков, треба да биде опериран во Бугарија, откако лекарите утврдиле дека има напукнат пршлен на 'рбетот, скршена вилица и повреди на главата. Македонскиот шеф на дипломатијата Бујар Османи го посети Пендиков во болница во придружба на службениот бугарски министер за надворешни работи, Николај Милков. 

„Мене ми е важно тоа што го кажува самиот Христијан и мајката на оштетениот, а тоа е дека е поради изразување на етничка припадност, и покрај тоа што еве сторителите кажуваат обратно, дека имале претходно некакви си разлики“, вели Османи во интервју за бугарската телевизија „БТВ“, откако се појави различни верзии за мотивите на нападот.

Тој најави дека по следната недела планира да ги покани бугарските здруженија на состанок да направат план како да ѝ овозможат на бугарската заедница да ги декларира припадноста, идентитетот и културната припадност и да се интегрира во општеството.