1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Грајнер во САД – размената во Русија се слави како победа

ЖА / агенции
9 декември 2022

Десет месеци по апсењето во Русија, американската кошаркарка Бритни Грајнер се врати во татковината по спектакуларна размена на затвореници меѓу САД и Русија, во која е ослободен трговецот со оружје, Виктор Бут.

https://p.dw.com/p/4Kjgr
Размена на затвореници меѓу САД и Русија - Бритни Грајнер за Виктор Бут
Размена на затвореници меѓу САД и Русија - Бритни Грајнер за Виктор БутФотографија: SNA/IMAGO

Авионот со Бритни Грајнер слета во американската сојузна држава Тексас, откако таа беше разменета за  озлогласениот руски трговец со оружје, Виктор Бут. Останува и натаму нејасна судбината на американскиот државјанин, Пол Вилан, чие име се споменуваше во размената. 

Приврзаниците на рускиот претседател Владимир Путин ја слават размената на трговецот со оружје Виктор Бут со  американската кошаркарка Бритни Грајнер како победа над САД.

Испорачувањето на Виктор Бут од американски затвор значи капитулација на САД, изјави пратеничката од руската Дума, Марија Бутина денеска за руската телевизија.

Американското Министерство за надворешни работи тврдеше дека американската влада категорично се спротивставува да го вклучи Бут во размената на затвореници, „но Руската Федерација и покрај тоа континуирано работеше на спасување на нашиот сонародник“, изјави Бутина.

Шефот на платеничката воена група Вагнер и близок човек на Владимир Путин, Евгени Пригожин ликуваше: „Честитки до Виктор Бут, многу сум среќен поради него.“

Бут во 2008 година беше уапсен од страна на американските безбедносни сили во хотел во Банкок. Во 2012 година беше осуден на 25-годишна затворска казна, меѓу другото поради продажба на оружје на терористи и непријатели на САД. Бут ги негираше обвинувањата.

По своето ослободување, Бут во интервју за „Раша тудеј“ изјави дека намерата на Западот е да ја „уништи и подели Русија“.

Бритни Грајнер беше уапсена при влез во Русија поради поседување мала количина масло од канабис и осудена на девет годишна затворска казна во логор. Поседувањето опијати во Русија е кривично дело, а Грајнер тврдеше дека маслото од канабис го користи за ублажување на болките предизвикани од спортски повреди.

Размената на двајцата затвореници предизвика критика кај Републиканците во САД, меѓу другото и поради тоа што во размената не беше вклучен затворениот поранешен американски војник Пол Вилан. Тој во 2018 година беше уапсен, а во 2020 осуден на 16-годишна затворска казна поради наводна шпионажа. Американскиот претседател Џо Бајден вчера рече дека за жал, Москва го третира случајот на Вилан поинаку отколку тој на Грајнер.

Рускиот претседател Владимир Путин меѓутоа не исклучи натамошна размена на затвореници со САД.