ТикТок нема да се продава
26 април 2024„Извештаите на странските медиуми дека Бајтденс ја испитува продажбата на ТикТок се невистинити. Не планираме да го продадеме ТикТок", соопшти фирмата Бајтденс во четвртокот вечерта на сопствената платформа на компанијата.
Новинската страница „Информација“ претходно објави дека кинескиот технолошки гигант ги испитува можните сценарија за продажба на ТикТок.
Пред неколку дена, американскиот Конгрес донесе закон со кој се предвидува ултиматум: или ТикТок ќе се отцепи од својата матична кинеска компанија Бајтденс во рок од една година или ќе биде забранет во продавниците за апликации Епл и Гугл во САД.
САД со години го обвинуваат Бајтденс за злоупотреба на ТикТок за шпионирање на корисници во служба на кинеското раководство. Политичарите во Германија исто така повикуваат на построги мерки против апликацијата. ТикТок секогаш ги отфрла наводите. Компанијата негира какви било врски со кинеската влада и вели дека се реструктуирала за податоците на корисниците да останат во САД.
Платформата е исклучително популарна и има околу 170 милиони корисници во САД, а повеќе од една милијарда луѓе ширум светот ја користат апликацијата.