1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Израел и неговите непријатели

Керстен Книп
27 септември 2024

Од почетокот на војната во Газа во минатата есен, Израел беше нападнат од различни актери во регионот. Сите тие се сојузници на Иран. За кого станува збор?

https://p.dw.com/p/4l8nX
Чад над долината Кијам во Либан по израелски воздушен напад (24 септември 2024 година)
Чад над долината Кијам во Либан по израелски воздушен напад (24 септември 2024 година)Фотографија: AP

Израел во моментов се бори на два фронта: со Хамас на југ и со Хезболах на север. Го напаѓаат и географски подалечни непријатели како Хутите од Јемен и таканаречените единици за народна мобилизација во Ирак. Тие го напаѓаат Израел со ракети со долг дострел. Заедничко за овие недржавни актери е тоа што се сојузници на Иран. Еве подетален приказ на тие групи:

Иран

Иран е најмоќниот непријател на Израел. Политичкото раководство во Техеран постојано го дефинираше уништувањето на Израел како своја цел. Иран првенствено дејствува против Израел преку своите недржавни сојузници во Либан, Јемен, Ирак и Појасот Газа. Но, самиот Иран го нападна Израел како дел од конфликтот во Газа. Во април годинава Иран истрела околу 300 ракети кон Израел. Техеран претходно го обвини Израел за воздушен напад врз неговата дипломатско претставништво во Дамаск.

Иран се смета за клучен поддржувач на либанската шиитска милиција Хезболах. Американскиот Стејт департмент веќе извесно време гледа знаци на иранска вмешаност на страната на Хамас и на Хезболах. Во својот „Извештај за тероризмот за 2020 година“, американските власти пишуваат дека Иран од 2006 година му испорачал на Хезболах илјадници ракети, проектили и лесно оружје.

Според наводите на германската влада, Иран исто така сноси одговорност и за терористичкиот напад на Хамас врз Израел на 7  октомври минатата година . „Засега немаме цврсти докази дека Иран конкретно и оперативно го поддржал овој кукавички напад на Хамас“, истакна германскиот канцелар Олаф Шолц непосредно по нападот во владината изјава во германскиот Бундестаг. „Но, на сите ни е јасно дека без поддршката на Иран во изминатите неколку години, Хамас немаше да може да ги изврши овие напади без преседан на израелска територија“.

Пропаганда против Израел: постер во Техеран, април 2024 година
Пропаганда против Израел: постер во Техеран, април 2024 годинаФотографија: Rouzbeh Fouladi/ZUMA Press Wire/picture alliance

Хезболах

Хезболах е прогласен за терористичка организација од страна на САД, Германија и неколку сунитски арапски држави. Вака ЕУ го класифицира и неговото воено крило. Политичките претставници на таа партија обично се членови на либанскиот парламент и и на владата во Бејрут.

Хезболах е основан во 1982 година за да се бори против Израел, кој го окупираше јужниот дел на земјата за време на граѓанската војна во Либан. Во 1985 година Хезболах објави манифест во кој ги наведува своите цели: протерување на поранешните западни колонијални сили од Либан или намалување на нивното влијание, уништување на државата Израел и зближување со Иран. Манифестот во тоа време, исто така, бараше воспоставување на религиозно-исламистички режим во Либан по моделот на иранската теократија, но оваа последна точка подоцна беше значително ублажена.

Од самиот почеток Хезболах беше близок сојузник на Иран. Иран значително го поддржува, особено во изминатите години. Во студија од 2022 година, Центарот Вилсон со седиште во Вашингтон го опиша вооруженото крило на Хезболах како „најстрашниот недржавен воен актер на Блискиот Исток – а веројатно и во светот“.

Непосредно по почетокот на војната во Појасот Газа, Хезболах почна да ја гранатира израелската територија, што резултираше со евакуација на 90.000 луѓе од тие области. Израел одговори на нападите, што резултираше со бегство на околу 110.000 луѓе од либанските погранични области. Конфликтот подолго време беше на релативно ниско ниво. Меѓутоа, во последните недели ситуацијата ескалира.

Илјадници луѓе од јужен Либан бараат заштита во градовите на северот на земјата
Илјадници луѓе од јужен Либан бараат заштита во градовите на северот на земјатаФотографија: Ibrahim AMRO/AFP

Хамас

Милитантно-исламистичкиот Хамас е основан во 1987 година, по почетокот на првата Интифада, палестинското востание против окупацијата. Европската унија , Германија и САД  и некои други земји го класифицираат Хамас како терористичка организација. Идеолошки е близок со египетското Муслиманско братство. Хамас во својата повелба го наведува уништувањето на државата Израел како една од своите цели.

Една година по целосното повлекување на Израел од Појасот Газа во 2006 година, Хамас го освои мнозинството гласови на парламентарните избори и оттогаш владее со изолираниот мал крајбрежен појас. Оттогаш немаше нови избори. Во согласност со својата идеологија, Хамас оттогаш постојано го напаѓа Израел. Како резултат на тоа, се случија неколку сериозни вооружени конфликти. Најновата војна започна минатата есен по терористичкиот напад врз израелска територија на 7 октомври 2023 година. За време на тој напад, околу 1.200 Израелци беа убиени, а околу 250 лица беа киднапирани и однесени во Појасот Газа.

Хамас веќе неколку години соработува со Иран и од него добива воена поддршка. Лидерот на Хамас, Исмаил Ханија , за кој се верува дека е убиен во израелски напад во Техеран во јули годинава, ја потврди оваа поддршка во пролетта 2022 година. Во интервју за катарската телевизија Ал Џезира, тој рече дека Иран платил вкупно 70 милиони долари за да помогне во развојот на ракети и одбранбени системи. Иран и Хамас се заедно „против заедничкиот непријател на Израел“, рече Ханија. Со оваа помош, Хамас успеа да го нападне Израел минатиот октомври и продолжува со ракетни напади до ден-денес.

Хути во Јемен

Хутите потекнуваат од племенски сојуз во планинскиот регион во северен Јемен на границата со Саудиска Арабија. По религија тие припаѓаат на Заидите, кои се дел од шиитскиот ислам. Милицијата се појави во 1990-тите за време на протестите против тогашниот претседател Али Абдула Салех. Со образложение дека ги маргинализира Заидите, Хутите за време на т.н Арапска пролет во 2011 година, се крена на вооружен бунт против тогашниот претседател Абед Раб Мансур Хади. Меѓународна воена алијанса предводен од Саудиска Арабија интервенираше во конфликтот и го задржа Хади на функцијата. Војната што започна во 2015 година трае до денес.

Хутите напаѓаат странски бродови во Црвеното Море (индиски танкер Марлин Луанда, јануари 2024 година)
Хутите напаѓаат странски бродови во Црвеното Море (индиски танкер Марлин Луанда, јануари 2024 година)Фотографија: Indian Navy/AP Photo/picture alliance

Идеолошката насока на Хутите може да се заклучи од нивниот слоган: „Господ е најголем, смрт за Америка, смрт за Израел, проклетство за Евреите, победа за исламот“. На територијата под нивна контрола на северот на Јемен, нивната милиција воспостави строг исламистички поредок. Веднаш по почетокот на војната во Појасот Газа во октомври 2023 година, Хутите ја изразија својата солидарност со Хамас. Затоа тие од ноември минатата година напаѓаат странски бродови на Црвеното Море . Хутите повеќепати истрелуваа ракети врз Израел. Иран ги поддржува, меѓу другото, и со испорака на оружје.

Катаиб-Хезболах во Ирак

Во Ирак, има голем број шиитски милиции поврзани со Иран , обединети во таканаречениот Фронт за народна мобилизација. Најпознатата меѓу нив, Катаиб Хезболах (КХ), се појави во 2003 година, за време на американската војна против Ирак. Спонзорирани од Иран, различни фракции на Фронтот за народната мобилизација првично се бореа против американските трупи, а за време на ирачката граѓанска војна се повеќе се свртеа против џихадистичките групи како Ал Каеда, а подоцна и Исламската држава (ИД).

Структурата на групата, особено нејзиното раководство, не е целосно транспарентна. Дел од таканаречениот фронт за народна мобилизација, финансиран од ирачката држава, формално е под команда на ирачкиот премиер. Сепак, групата често работи надвор од синџирот на команда. Таа има тенденција да следи наредби од Иран, со чие раководство е тесно поврзана. Во ирачкиот парламент се застапени  претставници на оваа и на други милиции. Од почетокот на војната во Газа, овие групи воено го напаѓаат Израел, како и американските војници во Сирија и во Ирак.