Комитетот на ОН бара заштита на децата во Македонија
30 септември 2022Поголема заштита на децата од сите форми на сексуална и трудова злоупотреба, од дискриминација и насилство во училиштата во Северна Македонија, бара Комитетот на ОН за правата на децата, кој денеска ги објави своите наоди за осум земји - Германија, Кувајт, Северна Македонија, Филипините, Јужен Судан, Украина, Узбекистан и Виетнам. Наодите ги содржат главните грижи и препораки на Комитетот за спроведување на Конвенцијата за правата на детето, како и позитивните аспекти коишто ги постигнале земјите.
Комитетот бара да се стави крај на малолетничките бракови,питачењето и трудовата експлоатација на децата. Препорачува секое дете да може да добие извод од матична книга бесплатно, но и да добијат документи децата без државјанство.
Што треба да се направи?
Во делот кој се однесува на Северна Македонија, се изразува загриженост поради недостигот на координирани протоколи и соработка меѓу релевантните институции за спречување и одговор на секое насилство врз децата, вклучително и физичка и сексуална злоупотреба во семејството. Препорачува Северна Македонија да имплементира задолжителен систем за пријавување и да усвои соодветен пристап за да се истражи насилството врз децата, вклучително и занемарувањето, сексуалната злоупотреба и насилството на интернет мрежите.
Комитетот изразува загриженост за недостатокот на ресурси за да продолжи планот за деинституционализирање на децата со попреченост и отстранување од нивниот продолжен престој во малите групни домови и дневни центри. Од Северна Македонија се бара да ги зголеми финансиските и човечките ресурси за да се забрза деинституционализацијата и да се зголеми грижата и поддршката заснована на семејството и заедницата.
Комитетот препорачува зголемување на буџетските средства за остварување на правата на децата, со особено внимание на децата во ранливи ситуации, да се релоцираат средства во буџети поврзани со децата и нивните семејства, посветувајќи особено внимание на децата во неповолни ситуации, деца со попреченост, оние кои живеат во сиромаштија и децата Роми.
Во однос на случаите на малолетнички бракови, Комитетот бара да се зголеми свеста за негативните ефекти од традиционалната пракса за склучување детски бракови, особено кај ромското население.Препорачува државата да го измени Законот за семејство и да ги отстрани сите исклучоци кои дозволуваат брак на возраст под 18 години.
И покрај формирањето на Комисија за превенција и Заштита од дискриминација, Комитетот останува сериозно загрижен за постоење стереотипи и општествени норми кои ја овековечуваат дискриминацијата на децата, особено против децата Роми, деца со пречки во развојот, геј, лезбејките, бисексуалците, трансродовите и интерсексуалните деца и врз основа на нивниот социјален статус.
„Обезбедете им документи“
Комитетот ѝ препорачува на државата да обезбеди бесплатна регистрација на раѓање и издавање на изводи од матичната книга на родените без надомест, како и да им се дадат документи на децата без државјанство.
Комитетот препорачува и мерки против експлоатација на деца за питачење и бара доделување доволно буџетски ресурси за здравствениот сектор за подобрување на квалитет и покриеност на специјализирани здравствени услуги за мајки и деца. Се бараат и засилени мерки против насилството врз децата, при што се критикува дека слабо се пријавуваат ваквите случаи, дека е потребно да има повеќе социјални работници кои работат со деца изложени на ризик од насилство на локално ниво.
„Има отсуство на информации за истрага и гонење на случаи на сексуални односи, злоупотреба и експлоатација во врска со децата и нема специјализирана терапија и рехабилитација погодна за децата за децата кои се жртви на насилство, вклучително и сексуална злоупотреба и трговија со луѓе“, се нотира во извештајот.
Според податоците на македонските институции, во текот на првата половина од 2022 година идентификувани се седум женски жртви од кои 6 деца на возраст од 14-17 години. На 3 деца им е обезбедено сместување во Центарот за лица жртви на трговија со луѓе
Во Северна Македонија од 2017 година функционира Националното координативно тело за превенција и заштита на деца од злоупотреба и занемарување кое е формирано од Владата. Преку проектот „Постапување на полицијата со жртви на кривични дела“ реализирани се обуки со 3000 полициски службеници од униформирана и криминалистичка полиција. Од страна на МВР и МТСП формирани се мобилни тимови за идентификација на ранливи категории, како и за жртви на трговија со луѓе.