1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку институциите се отворени кон граѓаните?

13 септември 2022

Според регионалниот Индекс на отвореност, спроведен во четири држави, Северна Македонија е најдобро рангирана. Дали е тоа доволно?

https://p.dw.com/p/4GlSL
Nord-Mazedonien Skopje | Regierungsgebäude
РСМ предничи во оценките на индикаторите за отвореност на извршната власт - во 2021 година Владата на Северна Македонија oстварила најдобри резултати од државите во регионотФотографија: Petr Stojanovski/DW

„И по еден месец, сѐ уште нема одговор од надлежната институција“; „Добивме одговор, но без одговор на конкретното прашањe“. Колку пати сте го слушнале и прочитале ова во македонските медиуми?

И додека сѐ уште се чека одговор за вработувањето на еден контроверзен случај во Министерството за политички систем и односи со заедниците, А1 он вчера потсети колку долго може да трае чекањето одговор. Откако нивен новинар доставил жалба до Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, бидејќи вицепремиерот за европски прашање и СЕП не одговориле на прашањата за трошење на средства за работни ручеци и за угостителски/хотелски услуги, вицепремиерот не постапил ниту по решението од Агенцијата, која ја уважила жалбата и му наложила рок во кој треба да ги достави информациите.

Има ли вистинска отвореност на институциитете или само нејзин привид? Одговор на овие прашања шеста година по ред бараат организации од Западен Балкан – Центар за демократска транзиција од Црна Гора, Здружение на граѓани „Зошто не?“ од БиХ, Фондацијата Метаморфозис од РСМ и Партнери за демократски промени од Србија. Тие низ регионален индекс на отвореност анализираат - колку институциите на извршната и законодавната власт биле отворени кон граѓаните во текот на 2021 година.

„Проценката на добро владеење во Северна Македонија и регионот е резултат на сеопфатно емпириско истражување засновано врз Индексот на отвореност, чија цел е да се утврди степенот до кој се почитуваат принципите на доброто владеење во регионот. Трудот дава длабинска анализа на работата на извршната власт и Собранието на Република Северна Македонија, но дава и резиме на вкупните перформанси на соодветните институции во нашиот регион“, велат од Фондацијата Метаморфозис, од каде денеска ќе ги презентираат резултатите. Дел од податоците веќе се објавени од партнерските организации.

РСМ најдобро рангирана

Според податоците што ги објави Партнери за демократски промени од Србија, кога е во прашање отвореноста најдобро рангирана меѓу четирите држави е токму Северна Македонија со 33,14% исполнетост на сите критериуми, втора е Црна Гора, трета Србија (26,74%), а последна БиХ (21,31%).

Во истражувањето се анализирани четири принципи на отвореност - транспарентност, пристапност, интегритет и ефикасност. Принципот на транспарентност подразбира организациските информации, буџетот и постапката за јавни набавки да се јавно достапни и објавени на веб-страницата на институцијата. Пристапноста се однесува на обезбедување и почитување на процедурите за пристап до информации од јавен карактер и подобрување на достапноста преку механизмот на јавни расправи и зајакнување на интеракцијата со граѓаните. Интегритетот вклучува достапност на механизми за спречување на корупцијата, а ефикасноста се однесува на подготвеноста на институциите да учат од тековните процеси и да ги унапредат преку воспоставени системи за следење, евалуација и учење.

Има ли вистинска отвореност на институциитете или само нејзин привид?
Има ли вистинска отвореност на институциитете или само нејзин привид?Фотографија: Colourbox/M. Chab

Покрај вкупниот резултат, РСМ предничи и во оценки на индикаторите за отвореност на извршната власт. Во 2021 година Владата на Северна Македонија oстварила најдобри резултати (82,71 отсто), пред Владата на Црна Гора (58,16 oтсто) и БиХ (49,85 отсто) а со најслаби резултати и најзатворени се покажала владата на Србија (заедно со покринската влада на Војводина) со резултат од 37,96 отсто.

РСМ има најдобри резултати и кога станува збор за министерствата. Со 58,56 oтсто исполнетост на индикаторите за oтвореност, македонските министерства предничат пред министерствата на Црна Гора (48,17 отсто), на Србија (46,82 oтсто) и на БиХ (38,5 отсто).

Најслаби резултати генерално се идентификувани кај органите на управата, но и таму РСМ е во подобра позиција.

„Oрганите на управа на сите држави се традиционално најзатворени, но и во оваа категорија Србија има најлоши резултати - oрганите на управата од примероците збирно исполнуваат 31% од индикаторите, додека најдобро рангираните – органите на управа на Северна Македонија исполнуваат околу 42% од сите индикатори“, се вели во извештајот на Партнери за демократски промени од Србија.

Според отвореноста на парламентите, РСМ е на второ место (71,89 отсто) зад Црна Гора (85,45 отсто), пред БиХ и Србија.

Дали е ова доволно? За илустрација - во текот на истражувањето биле упатени барања за пристап до информации на сите министерства во регионот, а само во 9,5 oтсто бил добиен oдговор, што укажува дека маханизмите на отвореност на властите на регионално ниво, повторно се користат на начин на кој институциите ќе се „затворат“.

- повеќе: Администрацијата под лупа: Создавање ред во хаосот

Фискална транспарентност

Според експертите, потребно е натамошно унапредување на транспарентноста на институциите, јакнење на интегритетот, но и засилена ревизија врз нивното работење. Токму во однос на последново прашање, македонскиот Државен завод за ревизија деновиве реагираше на дадена изјава од претставник на  Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) дека цели 13 години ДЗР немал извршенo ревизија на Владата на РСМ.

„Овој податок е неточен и тенденциозен“, реагираа од ДЗР.

„Во зависност од видот на ревизијата, на објективен и вистинит начин, Државниот завод за ревизија дава мислење за различни сегменти и области од работата на Владата на РСМ“, соопшти оваа институција. Притоа посочи и 15-тина извештаи од извршени ревизии со кои и досега била опфатена Владата. Оттаму потврдуваат дека согласно Годишната програма за работа на ДЗР за 2022 година, Владата на РСМ е планирана и ќе биде предмет на ревизија на регуларност за финансиските извештаи за 2021 година.

Деновиве, пак Министерството за финансии соопшти дека според Извештајот за фискална транспарентност за 2022 година на Стејт Департментот на САД, Северна Македонија се вбројува меѓу земјите кои ги исполнуваат нивните критериуми за фискална транспарентност.

„Извештајот за 2022 година прави евалуација на тоа дали владите ги објавуваат буџетските документи во јавноста, вклучително и расходите разложени по одделни буџетски корисници, како и приходите согласно нивните извори. Во оценката се вклучува и дали била извршена надворешна ревизија согласно меѓународните стандарди за независна ревизија на финансиските извештаи, како и дали истата е јавно достапна. Понатаму, извештајот оценува дали процесот на доделување на лиценци за концесии и владини договори е согласно законите и регулативата и дали тие се јавно достапни. Преку фискалната транспарентност, се наведува во извештајот на Стејт Департментот, се информираат граѓаните како се трошат приходите од државните буџети и воедно се обезбедува отчетност кон граѓаните, како и доверба и економска одржливост“, соопштија од Министерството.